Доколку континуирано му посветувате внимание на вашиот тинејџер и неговите години ги доживувате како преоден период од детството до пораснувањето, тогаш и неговиот љубовен живот не ви е непознат. Исто така, важно е да знаете како да му помогнете на тинејџерот да ги преброди љубовните проблеми. Прашање на време е кога вашиот тинејџер ќе се соочи со вистинско заљубување, разочарување, како и раскинување. Не дозволувајте си лесно да гледате на неговите проблеми, бидејќи колку и да ви изгледаат неважни, за него се трауматично искуство.
Вам може да ви се чини несериозно нивното заљубување, но не заборавајте дека физичките симптоми на заљубување кај тинејџерите се идентични како и симптомите кај возрасните лица. Затоа немојте да тврдите дека првата љубов не се смета бидејќи со тоа само ги минимизирате неговите чувства, а никако не треба да го правите тоа. Морате да бидете свесни за фактот дека вашето дете мора да помине низ првото раскинување на врската и дека веројатно тоа ќе му биде болно. Немојте да го минимизирате детското страдање поради љубовни проблеми. Наместо да се нервирате и да му одбивате на глупост, посветете му се максимално. Вие, како родител, најпрво ќе му помогнете на тинејџерот да го преболи раскинувањето.
Тинејџерите немаат развиено моќ на расудување
Експертите тврдат дека целосната моќ на расудување нема да се развие додека личноста не наполни 25 години. За тоа е задолжен префронталниот кортекс, односно делот од мозокот кој во целост се развива во 20-тите години. Токму од таа причина тинејџерите не можат баш лесно да ги пребродат љубовните проблеми. Според мислењето на експертите, тинејџерите се посклони кон консумација на алкохол и дрога отколку возрасните. Не само што ќе пробаат штетни супстанции, туку може и да станат зависни од нив. Со оглед на тоа дека заљубувањето предизвикува слична реакција во мозокот како и земањето наркотици, тогаш е разбирливо зошто тинејџерите се претерано чувствителни кога ќе се заљубат, а и потоа кога поминуваат низ процес на раскинување.
Со ваша помош полесно ќе го пребродат раскинувањето
Не заборавајте дека тинејџерите не размислуваат за иднината, бидејќи главно функционираат сега и овде. Од таа причина тешко им е да сфатат дека тоа лошо чувство, како и болката поради невозвратена љубов, со текот на времето сигурно ќе поминат. Морате да бидете трпеливи со нив. Впрочем, сетете се на себеси од тој период. И вие сигурно сте поминувале низ фази на еуфорична заљубеност и повеќедневно страдање. Заздравувањето по скршеното срце кај тинејџерите трае подолго отколку кај возрасните. Морате да бидете трпеливи и да му покажете разбирање. Притоа обрнете внимание на неколку важни ставки.

Ни случајно немојте да ја потценувате состојбата во која се наоѓа вашиот тинејџер. Посебно затоа што тоа нему му е важно, а освен тоа е и многу болно. Покажете разбирање за неговите чувства, бидејќи тоа е нешто што во тој момент му е потребно. Обидете се да му понудите некои конкретни решенија, можеби свои искуства. Советувајте го да се фокусира на нешто друго, на некои убави работи кои ќе му го окупираат вниманието и со кои ќе ги оттргне лошите мисли. Бидете подготвени на тоа дека вашиот тинејџер ќе има фази на тагување, осаменост, еуфорично расположение и сето тоа наизменично. Вие морате да му бидете на располагање за секоја од тие фази и емоции, за што полесно да ги надмине.
Нема да му помогнете со тоа што ќе го осудувате
Многу родители многу тешко и премногу емотивно ги доживуваат ситуациите низ кои поминува нивниот тинејџер. Главно потешко отколку што тие самите поминувале низ тоа. А тоа е разбирливо ако сме свесни за фактот дека болката на нашето дете повеќе боли отколку сопствената и дека среќата на нашето дете е далеку подрага од сопствената среќа. Ако спаѓате во категоријата на родители кои премногу емотивно се внесуваат во целата ситуација, не заборавајте на соодветен начин да се погрижите за себе. Најважно е да се опуштите и психички да се подготвите, бидејќи е сосема можно токму во тој период да дознаете многу изненадувачки факти за своето дете. Воздржете се од осудување и не покажувајте дека сте премногу изненадени без разлика на она ново нешто што ќе го дознаете. Дури и ако сфатите дека вашето дете е виновно поради ситуацијата во која се нашло, тоа не значи дека треба дополнително да го осудувате, туку треба да му дадете поддршка и разбирање.
Доколку ви се чини дека и покрај најдобрата волја и огромен труд не успевате да му помогнете на детето на соодветен начин, секогаш можете да побарате стручна помош. Особено доколку ви изгледа дека оваа состојба трае предолго, или ако ви изгледа дека детето станува депресивно, не двоумете се да побарате помош од психолог.
Автор: Славица Бијелиќ