Повеќето мајки и татковци сега се уверија дека изборот да се остане дома и да се одгледува дете не е лесен. Потребна е многу енергија за да се одржува домаќинството и луѓето во него во живот. Всушност, многумина сметаат дека родителите што седат дома имаат поголеми тешкотии од оние што одат на работа. Сепак, повеќето татковци што седат дома немаат проблем со секојдневните обврски, но се борат со чувството на изолација и недостиг на себевредност што произлегува од замената на временската картичка со престилка. Ако вашиот партнер се бори со сопствената вредност додека е дома, не грижете се: има неколку совети што ќе му помогнат.
Разберете зошто таткото кој седи дома води борба
На некое ниво, татковците се борат со мислењето за ниска самовредност. Сепак, има неколку причини зошто се случува тоа кога всушност тие го направиле изборот да бидат дома. За жал, овие чувства се речиси директно поврзани со начинот на кој нашето општество функционира. Според неодамнешни податоци од пописот во САД, приближно 200 илјади татковци седат дома и обезбедуваат примарна грижа за своите деца во текот на денот. Сепак, со оглед на тоа дека речиси има двојно повеќе мајки што седат дома, татковците се сепак малцинство во тој случај. Понатаму, општеството нè тера да ја поврзуваме сопствената вредност како возрасни со нашиот работен статус и плата. Многумина од нас сметаат дека немаат доволна вредност ако немаат импресивна работа и голема плата. Сепак, Институтот за семејни студии во САД забележува дека многу семејства ја изедначуваат примарната должност на сопругот со статусот на снабдувач – а тоа размислување може да влијае врз татковците што се дома да се чувствуваат безвредно.
Системи за поддршка кои може да помогнат
Многу татковци што се дома се борат и со чувството на изолација. Грижата за детето во текот на целиот ден бара многу работа, па така немаат многу време за разговор. Дури и ако ги однесат децата во парк, таму ќе наидат на мајки, па и тоа прави да се чувствуваат уште поосамени во нивната одлука да останат дома. Сепак, многу татковци имаат среќа да најдат некои групи за поддршка кои ќе им помогнат. Има многу форуми и организации каде што може да се обратат, сега на виртуелен начин. Тие ресурси ќе им помогнат на татковците да го намалат чувството на изолираност и да се уверат дека не се сами во сето тоа.

На таткото му треба пауза од домот
Како и на мајките што се дома, и на татковците им се случува да почувствуваат дека се отсечени од светот. Затоа, експертите велат дека семејствата треба да најдат начин за да им дадат време и простор на татковците што седат дома за лично и професионално време за себе. Лично време може да подразбира пијалак со пријателите, вежбање или едноставно одење во салон за кратење на косата. Таа пауза за татковците може да значи полнење на батериите и повторно поврзување со другите делови од неговиот идентитет кои не вклучуваат родителство. Слично на тоа, повеќето родители не остануваат родители што седат дома засекогаш, па на таткото му треба време и да ги провери професионалните мрежи и да запомни дека има и други вештини покрај менувањето пелени и миењето садови. Може да се види со поранешните колеги, да оди на семинар, да следи курс или некакви часови, или да прави некоја активност која го потсетува дека сè уште ги има професионалните вештини.
За жал, секогаш ќе има периоди кога таткото што седи дома ќе се бори со мислите за сопствена мала вредност. Но, со вистинскиот систем за поддршка, како и сакан партнер, повеќето татковци може да се изборат со тоа и да направат здрав баланс. Ако вашиот сопруг се бори со вакви чувства, одвојте време и потсетете го колку е важна неговата задача и не заборавајте да му покажете дека гледате и го цените тоа што го прави – тој има потреба од тоа.
Автор: Меган Глосон