Сепарациската анксиозност или страв од одвојување се појавува при раздвојување на детето од мајката, или личноста која се грижи за него, а обично е проследена со повлекување на детето во соба и со многу често плачење. Првото сериозно одвојување од родителите детето обично го доживува при поаѓањето во дневен престој или градинка.

Обидете се да останете прибрани и да не му покажете на детето дека и вам ви паѓа тешко одвојувањето. Така детето со текот на времето ќе сфати дека е сосема нормално тоа да оди во градинка кога вие морате да одите на работа. Обидете се таквото одвојување и престој во градинка да му го објасните како „работа“ за малите деца. Не ветувајте му работи кои можеби нема да ги исполните бидејќи така само ќе ја влошите состојбата. Ако кажете дека ќе дојдете по него во одредено време, така и нека биде. Така ќе ја имате довербата од детето и останувањето во градинка многу брзо ќе станува сè полесно за двете страни.

Стравот од раздвојување не зависи од тоа дали сте го разгалиле детето со своите постапки, туку е вродено чувство кај секое дете.

Само времето и интензитетот на траење на анксиозноста се разликуваат од дете до дете. За да го олесните разделувањето, воведувајте го постапно. Оставете го детето кај своите родители на половина час и одете во продавница. Ќе видите како ќе реагира. Постапно зголемувајте го времето на одвоеност.

Смислете своја рутина. Осмислете со детето посебен поздрав или прегратка која секогаш ќе ја применувате кога детето ќе остане без вас. По рутината, време е да ја напуштите просторијата. Ако детето останува во градинка или дневен престој, не одолжувајте го поздравувањето и не враќајте се кога ќе го слушнете неговиот плач. Иако на секој родител му е тешко да го слушне плачењето на своето дете, имајте на ум дека детето, ако се вратите, ќе има впечаток дека ќе доаѓате секојпат кога ќе заплаче, што подоцна би можело да предизвика проблеми.

Немојте да се искрадувате. Детето ќе биде многу исплашено кога ќе сфати дека сте отишле без поздрав. Ќе ја изгуби довербата во вас. Без разлика на тоа дали ќе пушти неколку солзи затоа што знае дека заминувате, секогаш поздравете се и ветете му дека ќе дојдете по него веднаш по работата.

Одлучете се во кого имате најмногу доверба. Пред да тргнете во потрага по градинки, многу е важно да имате целосна доверба во лицето или институцијата на која ѝ го доверувате детето. Во спротивно, разделувањето за вас ќе биде многу стресно. Многу прашања треба да се одговорат при потрагата.

Може ли бабите и дедовците да го чуваат детето? Имаат ли можност и желба за тоа? Не е во ред да се постават работите така што ќе се подразбираат. На некои луѓе навистина им треба одредена слобода во пензијата, а чувањето дете е работа со полно работно време. Ако се согласат, не срамете се да прашате дали сакаат да им дадете симболичен паричен надомест. Ако одбијат надомест, погрижете се да им обезбедите резерва на пелени, храна и други потребни работи за бебето. Можете ли да си дозволите професионална дадилка и дали тој тип на чување деца ви е прифатлив?

Трета опција, воедно и најчеста е поаѓањето на детето во дневен простор или градинка. Повеќето родители се одлучуваат за оваа опција бидејќи другата воопшто не постои, но дневниот престој или градинката е одличен начин детето да научи да функционира во колектив и да ги развива своите социјални и комуникациски вештини. Дозволете му на детето да пронајде утеха во таканаречен „преоден“ предмет. Најчесто тоа е детско ќебенце или некоја кадифена играчка. Новата околина и непознатите луѓе го плашат детето, а преодните предмети се покажале како одлична опција бидејќи детето така задржува нешто старо, нешто свое во што пронаоѓа утеха кога се чувствува осамено.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X