Здравје

Како да му помогнете на бебе кога има грчеви

Доколку бебето, целосно здраво, во првите три месеци добие напад на плач, се зацрвени и ги витка нозете кон стомакот, немате причина за грижа. Бебето веројатно е здраво, само има грчеви кои по некое време ќе поминат (болката кај некои бебиња поминува за десетина минути, додека кај други може да трае и неколку часа). Во секој случај, нема причина за грижа.

Зошто се јавуваат грчеви кај бебињата?

Грчевите (колики) претставуваат згрчување на цревните мускули кај малите бебиња, најчесто помеѓу третата недела од животот и четвртиот месец. Ова не е предизвикано од никаква болест, ниту здравствена состојба, а точната причина не се знае. Постојат многу мислења, а најмногу се поврзуваат со поминувањето меурчиња со воздух низ цревата.

Добра работа е тоа што со текот на времето престануваат и нема да остават никакви последици врз бебето.

Кога најчесто се јавуваат и дали се поврзани со исхраната на бебето?

Без разлика дали бебето е на природна исхрана или се храни со адаптирана формула, тие секако се јавуваат. Исто така, малку се почести кај момчињата. Грчевите најчесто се јавуваат во текот на оброкот или непосредно потоа. Доколку бебето почне да плаче во текот на доењето, подигнете го и пуштете го да подригне, колку пати и да е потребно. Најверојатно проголтало воздух, кој со подригнување се исфрла. Поради воздухот во цревата, класичните грчеви настануваат час и половина до два по оброкот. Бидејќи се наоѓа во цревата, бебето треба да го испушти преку гасови. Ова најчесто се случува навечер.

Некогаш и антибиотиците може да бидат предизвикувачи, доколку ги пиете вие или вашето бебе. Тие доведуваат до множење на непосакувани бактерии, што доведува до гасови и појава на грчеви.
Многу е важно родителите да обрнат внимание на тоа дали постојат и други симптоми бидејќи тоа може да укаже на болка од друго потекло. Доколку на бебето му е затнат носот, можеби е во прашање воспаление на увото. Некогаш може да се појави и кила, па родителите би требало добро да ги проверат слабините, а кај момчињата и тестисите. Во секој случај, доколку дојде до сериозни симптоми, како повраќање, најдобро би било детето веднаш да се однесе на лекар.

Како да му се помогне на бебето кога има грчеви?

Со оглед на тоа дека бебето не се чувствува добро, родителите може да се обидат на му помогнат на повеќе начини:

– Бебето често нека подригнува;
– Масирајте му го стомачето на бебето во насока на движење на стрелките на часовникот;
– Ставете го бебето на своите гради и оставете го да лежи на стомак. Таквото доење ќе помогне;
– Можете да ставите топла пелена на стомакот од бебето или пак термофор;
– Променете ја формулата. Во договор со лекарот, преминете на специјална млечна формула против грчеви и запек;
– На постарите бебиња можете да им давате лек во капки;
– Дајте му на бебето чаеви или сирупи што содржат анасон. Кимот е, исто така, добар сојузник, па обидете се да најдете препарат кој содржи и анасон и ким;
– Можете и самите да користите чаеви за доилки, кои содржат анасон и ким;
– Приспособете го сопствениот начин на исхрана;
– Обидете се со пробиотици. Тие ќе помогнат ако грчевите се појавиле заради антибиотици;
– Приспособете ја атмосферата, пуштете музика, лулајте го бебето, престојувајте во природа. На овие начини бебето ќе се смири и поубаво ќе се чувствува.

Неколку искуства на мајки

„Звучи глупаво, но помага! Јас на бебето му помогнав со фен – совет од бабица! Ќе му ги оставам на бебето нозете боси и со фен од подалеку му ги загревам табаните, го ставам бебето во креветче за спиење, но ножињата остануваат боси за бебето со триењето на нозете да ја одржува топлината. Навистина помага!“ – мама Драгана.

„Мајките што дојат најдобро е да водат сметка за исхраната. Така, без зеленчук кој кај возрасните предизвикува гасови: грав, грашок, боранија, печурки, лук, зелје. Потоа треба да се избегнува овошје (цреши, цитруси, сливи) и зачинета храна. Покрај ова, пијте час со мешавина од анасон и ким, кој е добар за правење млеко, но и за грчевите на бебето. Исто така, би препорачала магично грчко семе (пискавец) за подобро доење. Велам магично бидејќи мене досега најмногу ми помогна кога ми се намали млекото, а се обидов со речиси сѐ… Ставав и топли облоги на стомачето од бебето, но во принцип избегнувањето одредена храна беше решението“ – мама Невена.

„Кога имаше шест недели, мојот син плачеше од шест попладне до единаесет навечер секоја ден, што беше многу обесхрабрувачки. Многу работи се обидовме, па и да танцуваме со него долго во прегратка, само за да му го оттргнеме вниманието од грчевите, но ништо не помагаше. А потоа некој ни кажа за специјално дизајнирано шишенце, кое придонесува за намалување на грчевите кај бебињата. Тој податок баш и не ми влеваше сигурност, но навистина функционираше! Штом се префрливме на исхрана со такво шишенце, мојот малечок престана да кенка навечер“ – мама Маја.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top