Носењето маски на лицето моментално е водечка стратегија во борбата против ширењето на Ковид-19. И покрај тоа, во медиумите и на друштвените мрежи, но и меѓу родителите, се шират информации и вести за многубројните последици што маските за лице може да ги имаат врз децата, на пример, зголемена концентрација на јаглероден диоксид во крвта, или пак обратно – намалена концентрација. Во Хрватска на „Фејсбук“ се појавила и група – Иницијатива на родители 0-24, која има повеќе од 30 илјади члена кои се противат на носењето маски бидејќи, како што велат, нема научни докази за нивниот ефект.

Меѓутоа, додека целиот свет се бори со катастрофалните последици од оваа пандемија и додека придржувањето кон епидемиолошките мерки е единственото нешто што ни преостанува, психолозите од Поликлиниката за заштита на децата и младите на град Загреб се осврнале на психолошките аспекти од оваа здравствена криза и носењето маски кај децата и младите. Перцепцијата на пандемијата е различна кај луѓето и додека некои сметаат дека се работи за „обичен грип“, другите се загрижени за сопственото здравје и исплашени од заразата.

Познато е, нагласуваат во Поликлиниката, дека децата главно имаат слична перцепција за важните случки во животот како и лицата од нивната околина, особено родителите, старателите и другите блиски членови на семејството. Согласно на тоа, на ист начин, набљудувајќи ги блиските лица и примерите, ги обликуваат своите ставови, па и оние за носењето маски.

– Баш како и кај возрасните, толеранцијата на децата на заштитните маски може да биде намалена поради големиот број психо-физички чинители, како чувството дека не можат да дишат, топлината, собирањето влага, притисокот на лицето, клаустрофобијата, анксиозноста, но и досада или недостиг на мотивација да носат маска поради придружни непријатности и слично.

Во ситуациите кога децата се помлади од возраста од која се препорачува носење заштитна маска за лицето, потребно е да се уверите дека возрасните лица во близина на децата што се вклучени во воспитувањето и одгледувањето се трудат да носат маска колку што е можно повеќе, особено во ситуации кога децата имаат други хронични состојби, како астма, бронхитис и слично – наведуваат на страницата на Поликлиниката, па потсетуваат на пандемијата на свински грип во 2009 година, откако истражувањата покажале дека родителскиот страв е значаен знак за предвидување на детскиот страв од вирусот.

– Важно е да бидеме свесни токму за тоа во однос на сопствените емоционални реакции на пандемијата. Имено, ако децата видат дека возрасните се вознемирени, и тие веројатно ќе станат вознемирени. На наведеното можеме да влијаеме така што отворено ќе комуницираме со нив, ќе ги одржуваме своите и нивните рутини и распореди, ќе исполнуваме вообичаени обврски на флексибилен начин – советуваат од Поликлиниката и напоменуваат дека истражувањата покажале оти маските за лице може да бидат непријатни ако не се соодветни за лицето на детето, или го стегаат, но тие, покажуваат истражувањата, немаат негативни ефекти врз здравјето на децата над 3 години. Секако ќе биде потребно во следниот период дополнително да се испитаат ставовите и толеранцијата на децата кон носењето заштитни маски за лице за да може да се развијат стратегии со кои во голема мера би се олеснило нивното носење во задолжителни околности.

Од Поликлиниката наведуваат и неколку начини на кои можеме да комуницираме со децата за носењето маски за лице:

– Подучете ги како правилно да ја стават и да ја отстранат заштитната маска во сигурна средина.

– Прашајте за повратна информација, како му е на детето додека ја носи маската, дали го стега или некаде не му е добро наместена.

– Проверете ги чувствата на детето, дали е збунето, преплашено, има тегоби или не му е сосема јасно зошто носи маска.

– Објаснете му дека зад заштитната маска другите деца и возрасните лица имаат различни изрази на лицата и иако не можеме да ги видиме, секогаш можеме да ги прашаме како се чувствуваат.

– Упатете пофалба кон детето за трудот и секако дајте му признание дури и ако носењето на заштитната маска му паѓа потешко отколку на другите деца.

Извор



912

X