Воспитување

Како да ја совладате детската желба за трошење пари?

Многу родители се склони да одат по линијата на помал отпор, во зависност од тоа колку „простор“ имаат, па настојуваат да ја купат детската послушност, неколку часа мир или време за себе. А, се разбира, има такви што се обидуваат да ги научат децата на дисциплина кога се работи за пари, особено во овој период, кога се ранливи поради пандемијата на коронавирусот, па сакаме да ги развеселиме со купување на омилените играчки или облека.

Децата почнуваат да ја разбираат силата на парите штом ќе почнат и да ги препознаваат своите најдраги играчки во продавница – веќе од три години, пишува во книгата „Го воспитувам ли добро своето дете“ на д-р специјалист Гордана Булјан Фландер, психолог, директорка на Поликлиниката за заштита на деца и млади на град Загреб. Децата од претшколска возраст веќе може да го сфатат фактот дека парите се клуч за многу работи што тие ги сакаат. Покрај агресивниот маркетинг, родителите се сепак оние од кои децата најмногу учат – од нивната невербална комуникација, разговор за тоа како да управуваат со парите и како да ги трошат.

Треба ли да се чудиме на детското трошење кога од малечки родителите ги учат на трошење пари? Трговските центри станаа нови семејни места, а веќе одамна (особено меѓу жените), познат е фактот е дека нема подобра терапија од добар шопинг. Децата чии родителите не ги научиле на самоконтрола кога парите се во прашање и во возрасна доба нема да можат да воспостават рамнотежа меѓу штедење и потрошувачка, поради што, сметаат психолозите, многу веројатно е дека ќе завршат во „жив песок“ од долгови.

Повеќето родители чувствуваат непријатност кога со децата треба да се разговара за пари. Зошто? Ми изгледа дека најголема препрека е скриеното значење. Парите или нивниот недостаток влегуваат во самото јадро од нашите животи – начинот на кој живееме и како се гледаме себеси во однос на другите. Тоа прашање покренува многу емоции и животни теми. Разговорот за пари поттикнува среќавање со сопствените маани, без разлика дали се работи за неконтролирано трошење или парализа при донесувањето финансиски одлуки. Контролата на сопствените силни емоции поврзани со пари не е лесна. Без разлика колку имаме, некој друг има повеќе. Без разлика на тоа колку мудро трошиме или вложуваме, сè уште се сомневаме во своите одлуки. Можеби е најтешко да се носиме со врската помеѓу парите и љубовта. Луѓето често ја користат својата сума на пари за да ја докажат силата на својата предаденост, вели Г. Булјан Фландер во својот прирачник за родители.

Кога и како да се разговара?

Детето сфаќа дека парите се важна алка во животот и дека благодарение на нив, некои работи стануваат достапни. Па така, објаснете му на детето дека парите обезбедуваат удобен живот за семејството и другите луѓе, но не се мерило за среќа, задоволство, ниту ги одредуваат односите меѓу луѓето. Односот кон парите се учи секојдневно низ мали животни ситуации. Тоа не е разговор кој ќе го направите со детето и така ќе го тргнете товарот од вратот. Дури и малите деца се способни да се расправаат за пари и да ја сфатат суштината на вложеното и добиеното. Ако сметате дека играчката не вреди за парите што ги бараат за неа, обидете се да му објасните на детето што сè може да се добие за толку пари. Се разбира дека нема секогаш да инсистирате на дисциплина, туку на детето, ако можете, ќе му го дозволите она што го сака, но морате да имате мерка за да не се случи трошењето на парите да се сфати здраво за готово. Без разлика на состојбата на вашите банкарски сметки, детето мора да биде свесно дека не може да купи сè и дека родителите макотрпно работат за да му обезбедат нормален живот. Со тоа детето од мало се учи на одговорност и станува свесно дека за повеќето работи во животот треба да се потруди.

Давање џепарлак

Пред детето да тргне на училиште, не му е потребен џепарлак. Кај децата од основно образование давањето џепарлак може да биде многу конструктивен начин на учење за располагање со парите. На пример, детето нека има одреден износ на пари во својот паричник, но нагласете му дека со тие пари ќе треба да располага одредено време. Ако ги потроши сите во еден ден на слатки, мора да биде свесно дека другиот ден нема да добие ништо. Така од малечки ги учите децата како да располагаат со тоа што го имаат, што во иднина ќе им олесни во управувањето со домашниот буџет.

Слобода со „неговите“ пари

Детето мора да биде свесно за последиците од прекумерното трошење. Ако во еден ден ги потроши сите пари, вториот ден нема да има ништо. Така секојпат учи да донесува одлуки, како и кои се последиците од тие одлуки. Џепарлакот е негово сопствеништво, но и негова одговорност. Многу родителите грешат кога ќе земат пари кои детето ги добило, на пример, од баби и дедовци. Ако парите му се дадени на детето, дозволете му да ги употреби на начин на кој тоа сака, па понудете му евентуален совет и помош околу наоѓање алтернативи на што би можело да ги потроши парите, советува Булјан Фландер. Детето има право на сопствени избори, грешки и управување на овој дел од својот живот. Тоа е воедно и најбрзиот пат до учење за финансиите.

Дали сме сиромашни?

Децата постојано се споредуваат со другите за да видат дали се вклопуваат во општеството, обидувајќи се да го стават животот во одреден контекст. Природно е децата да сакаат да го имаат она што и другите го имаат, не сакаат да бидат издвоени, различни… и многу рано се свесни колку нивниот стил на живот се разликува од оној на нивните врсници. На родителите им е тешко кога на детето не може да му ги дозволат основните работи бидејќи за тоа немаат пари. Ситуацијата е уште потешка ако детето престојува во средина каде што повеќето околу него имаат многу повеќе. Објаснете му на детето дека патиките или играчките моментално се премногу скапи за вас, но дека ќе се обидете да заштедите пари или во продавниците да побарате дали има нешто слично по помала цена. Избегнувајте ја реченицата дека немате пари, бидејќи децата страдаат ако се чувствуваат несигурно или се плашат од неизвесна судбина. Не оптоварувајте го детето со вашата немаштија, туку понудете му некоја алтернатива, како штедење, објаснете му дека многу работите, барате нова работа или слично, што можеби ќе ви отвори можност еден ден да заработите повеќе.

Во случај да сте многу побогати од своите соседи и пријатели, не сокривајте го тоа од детето, кажете му, на пример, дека сте биле вредни, многу сте учеле, сте имале среќа да најдете подобра работа која ви овозможила да живеете добро или подобро од другите. Но, нагласете му на детето дека парите не треба да се трошат на непотребни работи и дека во животот е многу поважно да се имаат добри и вистински пријатели отколку куп играчки со кои ќе се забавува само.

Единствени во одлуките

Често парите се средство за манипулација во многу сфери од животот, па така, за жал, и во семејството. Некои мајки и татковци изразуваат љубов кон децата и го надоместуваат времето кога не се со нив купувајќи им играчки, скапа облека и подароци. Децата така учат дека со трошењето може да изразуваат наклонетост. Уште поголем е проблемот кога во борба за детската наклонетост родителите имаат сосема различни ставови за парите – еден од родителите троши, додека другиот се воздржува во трошењето и порационално управува со семејниот буџет. Неретко ова ја нарушува семејната слога, па детето прима спротивни пораки и парите ги поврзува со судир. Конфликтите околу пари се честа причина за евентуални емоционални проблеми во семејството, што влијае врз самото поимање на парите од страна на децата.

Скржави или штедливи

Најлесно е да се потрошат парите, а потоа остатокот од месецот тажно да плачете над својата судбина. Но, повторно, ќе речат многумина, што ќе ни се парите ако не ги трошиме и не знаеме во нив да уживаме. Многу луѓе имаат пари за удобен живот и непрестајно помагаат во тешки времиња, немаштија, спојување крај со крај. Голем број луѓе, без вистинска причина, живеат во сопствени финансиски стравови кои ним и на децата им оневозможуваат некои основни задоволства. Секој би требало да живее во согласност со своите можности. Понекогаш ќе си дозволиме малку луксуз, но ако сме добро финансиски воспитани, ќе знаеме да ја погодиме мерата. На некои им е луксуз да одат во ресторан на семеен ручек, додека за други тоа се подразбира. Како и да е, најдобро е да се пронајде сопствена формула за потрошувачка и да не се оптоварувате со мерилата по кои живеат другите. Бидејќи ако трошиме над своите можности, ќе влеземе во минус од кој тешко можеме да се извлечеме, а што е уште поважно – на сопствените деца им испраќаме погрешни пораки поради кои во иднина веројатно и тие ќе ги прават нашите грешки.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top