Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник

„Мој психолог“
Тел. 075 964 015

Повеќе од авторот

Eмпатијата е вештина што треба да се поттикнува уште во раното детство

Емпатијата претставува способност да се разберат емоциите на другите луѓе, но и способност да се даде адекватна реакција на нив. Или, како што вели народот, да се „ставиш во кожата/чевлите на другиот“. Способноста да се емпатизира не е иста кај сите луѓе и зависи од повеќе фактори. За разлика од некои од особините на човекот, како што се, на пример, интелигенцијата, темпераментот и физичкиот изглед, емпатијата претставува вештина што треба да се поттикнува уште во раното детство. Првите јасни знаци на емпатизирање кај децата можете да ги забележите околу 3-тата и 4-тата година.

Доколку родителот е вознемирен или, пак, детето го види како плаче, ќе реагира со тоа што ќе му ја понуди играчката со која си игра, јаболкото што го јаде во моментот или, пак, ќе го прегрне. Всушност, се обидува да го утеши. Најверојатно истото ќе го направи и со врсниците во слични ситуации.

Децата најдобро ќе го научат емпатичното однесување преку емпатичното однесувањето на родителите.

Улогата на родителите е особено важна и значајна и тие можат да му помогнат на детето да ја изгради оваа убава и корисна животна вештина.

Отворен разговор за емоциите

Многу родители во текот на воспитниот процес недоволно ги уважуваат емоциите. Ова особено важи за негативните емоции, како што се тага, жал, бес, гнев, што подоцна резултира со неспособност да се идентификуваат адекватно тие емоции кај себе, но и да се препознаат кај другите.

Емпатично однесување на родителите

Познато е дека децата во голема мера го следат, учат и го имитираат однесувањето на возрасните, а најмногу родителите. Честопати кога некое дете ќе падне, родителот веднаш скока и почнува да му вика: „Нели ти кажав да внимаваш? Смотко! Трапав! Не знаеш кај одиш! Не те боли, ништо не ти е!“ Некогаш родителот употребува и физичка казна. Замислете детето колку е конфузно во оваа ситуација, не било внимателно и се сопнало, и одеднаш некој му вика дека е трапаво и дека не го боли ништо и дека болката си ја замислува. Емпатичното однесување кај родителите во оваа наведена ситуација е минимално и тоа упатува иста таква порака кај детето.
Како би требало да постапи родителот? Пред сè, треба да ги уважи болката и вознемиреноста кај детето: „Уф, колку се растажи, ми се чини дека те боли коленото. Ајде да провериме дали си добро“. Притоа прегрнете го детето, дајте му малку вода и зборувајте со него, односно дајте му утеха.

Читајте му приказни

Постои одреден тренд кај родителите во изборот на приказните што им ги читаат на децата или, пак, цртаните филмови што ги гледаат. На пример, сè почесто слушам како родителите не им ја читаат приказната за Бамби затоа што малата срна ја губи мајка си или не им дозволуваат да го гледаат цртанот „Кралот лав“ затоа што Симба го губи татка си, не им ја читаат приказната „Девојчето со кибритчињата“ затоа што има трагичен крај. Напротив, овие приказни и цртани филмови имаат силна порака што ја праќаат до гледачите (и помлади и постари), а тоа е проткаено низ нишката за емпатичноста. Децата најверојатно ќе се вознемират, некои дури можеби и ќе се расплачат, а тоа е така затоа што навистина ќе ги доживеат и разберат емоциите (односно емпатизираат) на главните ликови, како што се Бамби и Симба.

Разговор, разговор, разговор

Многу често кога детето ќе се врати од градинка или, пак, од паркот, доколку го прашате како си поминало, ќе ви спомене и како некој му ја зел играчката или, пак, тоа му се случило на некое друго дете. Ситуации може да има многу, а вие можете мудро да ги искористите преку едноставен разговор со детето додека тоа ви ги раскажува доживувањата. Кога детето ќе ви раскаже како на некое дете му ја зеле играчката (или, пак, тоа му се случило нему), прашајте го: „Што мислиш, како се чувствуваше Филип кога му ја зедоа ирачката? Ахааа, значи бил лут и тажен. Како препозна дека беше тажен? Како препозна дека беше лут?“
Веројатно кога го читате овој текст си мислите колку е тешко сето ова и колку напор бара од вас, родителите. Се согласувам со вас, тешко е, напорно е, бара време и посветеност и континуитет. Некогаш вие ќе бидете вознемирени, некогаш ќе бидете нетрпеливи, но тогаш имајте на ум дека сето ова го правите за да му овозможите на детето да порасне во интегрирана личност која ќе има подобра комуникација со околината и светот и ќе стекне емоционална писменост и поголема самодоверба и свесност за себе.
А верувам дека секој родител му ги посакува овие особини на своето дете.

Ова е мојата омилена изрека за децата и детството: „Детството личи на крстосување по облаци. Кога се горе, небесната шир изгледа вечна, но на земјата нè чекаат многу препреки и планини“, Шан Са.

Ви покажувам и интересно видео за емпатијата кое верувам дека ќе ви се допадне:



912

X