Новороденчето природно стекнува одредени моторички вештини и спонтано го користи своето тело. На пример, кога ќе почувствува дека родителите му се во близина, инстинктивно се врти кон нив. Ако му пречи силно светло, само ќе ја сврти главата или ќе ги покрие очите со рацете. И подоцна овие мали суштества пронаоѓаат различни начини да ги остварат своите цели. Во прво време ги фаќаат со рацете околните предмети барајќи потпора за да се кренат, а кога малку ќе зајакнат, почнуваат да ползат.
Сепак, моториката на бебето на оваа возраст сè уште не е доволно развиена, што значи дека неговата способност на правилно држење на главата или држење на телото во рамна положба е ограничена. Со нежни физички третмани можете да ги подобрите моторичките способности и координацијата на движењата на вашето бебе.
Благата масажа помага
За почеток, благата масажа помага во растот и развојот на бебињата. Бебињата кои родителите ги масираат добиваат повеќе на тежина, помалку се раздразливи и подобро спијат. Исто така, покажуваат подобар ментален и моторички развој. Освен тоа, бебињата го обожуваат чувството на масажа. Раширете пешкир на кревет и преку него легнете го бебето на стомак. Ставете малку бебешко масло на рацете и истријте ги рацете за маслото да се загрее. Масирајте го своето бебе од вратот до рамената, потоа од вратот до задникот, па од рамената до дланките и од нозете до стапалата. Свртете го бебето и масирајте го од вратот кон рамената, потоа од вратот до стомакот и на крај екстремитетите. Ова не практикувајте го доколку вашето бебе е алергично на масло. Нежно тријте ги екстремитетите на своето бебе, рацете, стапалата, со ткаенина од различна структура. Овој третман ќе помогне кај бебето да се развива сетилото за допир.
Шарена тропалка за развој на фината моторика

Постелете го ќебето на под и преку него ставете го бебето да лежи на стомак. Земете шарена тропалка и мрдајте со неа. Кога бебето ќе ја забележи тропалката, кревајте ја и спуштајте ја. Очите на бебето ќе ја следат тропалката и ова ќе го охрабри да ја крене главата и така да ги вежба вратот, грбот и мускулите на рацете. Што почесто ставајте му нежен гумен круг или тропалка во рацете бидејќи тоа ќе ја поттикне неговата способност за фаќање предмети. Колку повеќе пригоди има бебето за да се служи со своите раце и прсти и да ги почувствува предметите, толку побрзо ќе се одвива развојот на фината моторика, односно вештините за користење на прстите и дланките.
Вежби за бебиња
Ставете го бебето на ќебе на подот и свртете го на грб. Лесно испружете ја раката на бебето, потоа благо виткајте ја кон рамената. Повторете го ова од 5 до 6 пати со двете раце. Потоа лесно кревајте ги и спуштајте ги бебешките раце. Со благи движења истегнете ги нозете на бебето, а потоа лесно виткајте ги во колената за стапалата да се приближат до бедрата. Пробајте да правите движења за возење велосипед. Пејте му или зборувајте му на бебето додека ги правите овие вежби со него.
Автор: Весна С.