Разговорите за репродуктивното здравје и менструацијата може да бидат непријатни за децата и за родителите, но тие се многу важни бидејќи навременото советување и обезбедувањето јасни информации може да им овозможат на децата полесно да го прифатат и надминат периодот на пубертет. Децата треба да знаат што ги чека и зошто.

Кога и на кој начин да се почне темата за првата менструација?

За менструацијата не треба да се разговара со девојчињата само еднаш во одредена возраст, туку најдобро е да ја започнете темата рано и како што расте девојчето, а со тоа и нејзиното разбирање, да го надградувате знаењето што го давате. Првата менструација обично се јавува на возраст од 12 до 13 години, но може да се појави и порано, во ретки случаи дури и во осмата година, па затоа е важно девојчињата да бидат навремено информирани.

– Факт е дека оваа граница се менува и дека нема специфичен период до кога треба да се чека, како што беше пред дигиталната револуција, кога информациите навистина беа под контрола на родителите. Сега нема одредена долна граница кога треба да разговараме на таа тема – вели српскиот психологот Кристина Брајовиќ-Кар.

Приспособете го разговорот на возраста на детето

На пример, ако петгодишно дете ве праша за што служат тампоните или хигиенските влошки, можете да кажете дека возрасните жени крвават од вагината секој месец, но дека тоа крвавење не се случува поради некоја физичка повреда, туку дека е природен начин за подготовка на телото за можност за бременост, додека влошките и тампоните се користат за крвта да не се појавува на облеката. Се верува дека децата од шест или седум години можат да ги разберат основните работи во врска со менструацијата.

Започнете ја темата

– Во сегашната доба на општи информации, реалноста е дека овој разговор ќе биде повеќе одговор на прашањата на децата, а не дека родителите ќе ја започнат темата. Одговорот треба да биде прифатлив, информативен и поддржувачки – додава психологот.

Меѓутоа, ако вашите деца не ви поставуваат прашања во врска со менструацијата, можете сами да ја започнете темата. Побарајте погоден момент, на пример, кога тие ќе ви поставуваат прашања во врска со пубертетот или промените на телото, од каде потекнуваат бебињата или додека купувате тампони или хигиенски влошки заедно во продавницата.

Треба да се земе предвид дека е можно вашето дете да слушнало нешто за бременост и менструација од неговите врсници на училиште, па можете да поставите и прашања за да проверите каква е нивната перцепција околу сето тоа. Препорачливо е да одговорите на сите прашања што вашето дете ги поставува во врска со овие теми едноставно и директно.

Како прво, на девојките треба да им се каже кога би можеле да ја очекуваат својата прва менструација. Иако не е специфична година од животот, постојат знаци кои можат да укажат на претстојниот почеток на менструацијата. Типично, таа се јавува две години по почетокот на развојот на градите кај девојчињата, додека друг знак може да биде појава на вагинални секрети, обично шест месеци до една година пред првата менструација.

Разговарајте за репродуктивното здравје

Важно да се објасни зошто се појавува менструацијата, што исто така може да биде вовед во приказната за репродуктивното здравје и бременоста: еднаш месечно, хормоналните промени се случуваат во женското тело кога внатрешниот ѕид на матката се подготвува да прими оплодено јајце. Кога тоа не се случува, ѕидот се лупи, а потоа се јавува менструално крвавење.

– Првата менструација го отвора прашањето за здравјето, што е многу поважно, бидејќи во тој момент девојчињата веќе можат да се вакцинираат против ХПВ – нагласува психологот.

Редовниот циклус, во смисла дека крвавењето се јавува еднаш месечно, во просек на секои 28 дена, се очекува две до три години по првата менструација. Научете ги своите ќерки самостојно да го следат циклусот со обележување на календарските денови од почетокот и крајот на менструалното крвавење, бидејќи неправилен циклус или крвавење помеѓу менструациите може да укаже на здравствени проблеми.

Симптоми и одржување на хигиената

Разговарајте со вашите ќерки за симптомите што можат да ги очекуваат пред и за време на менструалното крвавење, како што се промени во расположението, раздразливост, надуеност, акни, болка во градите и долниот дел на грбот и грчеви во менструалниот циклус.

Исто така, важно е да се воспостават добри хигиенски навики, што вклучува советување за одржување на личната хигиена, правилна употреба на хигиенски влошки, како и нивна редовна замена. Носењето влошки предолго време создава поволни услови за развој на инфекции.

Без табуа и срам

Важно е родителите да ја прекршат традицијата на табуа и срам поврзани со оваа тема. Разговорот за менструацијата е нормален процес и составен дел од интимноста помеѓу родителот и детето – заклучува психологот.

Извор



912

X