Воспитување

Како да им помогнете на мајките по породувањето – ова се неколку корисни совети

Мајчинството е најубавиот дел од животот на многу жени, но понекогаш може да биде многу стресно и исцрпувачко. Покрај партнерите, на мајките можат да им помогнат и сите други околу нив, без разлика дали се тоа родителите или блиските пријатели. Повеќето од нив никогаш нема да побараат помош од другите луѓе, но сигурно ќе ценат ако им биде понудена помош. Еве неколку совети за тоа што можете да направите за да им помогнете на мајките по породувањето.

Понудете се да им помогнете во домашните обврски

Многу мајки поради умор, исцрпеност и немање време едноставно не успеваат да ја одржуваат куќата чиста и уредна како што би сакале. Можете да им помогнете да исчистат, без разлика дали се работи за една соба или целиот дом. Но, внимавајте како нудите помош. Немојте да ги вознемирите и да им кажете дека нивниот дом е неуреден, бидејќи тоа може да ги повреди и засрами.

Можете да понудите да ја испразните машината за перење или да ги ставите алиштата за перење, сè што вие би сакале некој друг да го направи за вас. Ако не сакате да ги ставите во непријатна ситуација, можете да им понудите на мајките помош уште пред да пристигнете кај нив дома. Прашајте ги дали им треба помош и кажете им дека сте на располагање.

Донесете им свежи намирници или понудете се да им подготвите ручек

Не мора да бидете најдобриот готвач на светот за да понудите да подготвите оброк за некој ваш близок. Ако веќе не сте некој што сака или знае да готви, можете да прашате каква храна да купите во продавница или да донесете свежо овошје и зеленчук. Мајките сигурно ќе го ценат овој гест, особено оброкот што не морале сами да го подготвуваат.

Понудете се да ги чувате децата

По враќањето од породилиште, мајките често немаат време да се грижат за себе. Кога ќе ги посетите, понудете се да го чувате или да го држите детето в раце за да може мајката да се истушира, да дремне или да оди во трговскиот центар ако ѝ треба нешто.

Дури и да одбијат, мајките сигурно ќе ја ценат понудата и ќе ве контактираат во иднина доколку имаат потреба од чување на децата.

Погрижете се таа да се чувствува сакана

Доколку првпат доаѓате во посета откако мајката со бебето се вратила од породилиштето, погрижете се да има нешто за неа во подароците. Тоа може да биде симпатична корпа со неколку корисни производи, како што се миризлив гел за туширање, путер за тело или пилинг. Можете да ги купите и нејзините омилени производи за нега на кожа.

Покрај подароците, на мајките можете да им помогнете и со тоа што ќе се грижите за нивното ментално здравје. Почетокот со мало бебе може да биде многу стресен, а охрабрувачките пораки како: „Ти можеш да го направиш тоа! Јас сум со тебе“, ќе ѝ значат многу. Овој мал гест има неверојатно влијание врз мајките, за да не се чувствуваат сами и да знаат дека освен на нивното бебе, има луѓе кои мислат и на нивната благосостојба.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top