Децата почнуваат да забележуваат други деца на околу 9 месеци, а од една година веќе воспоставуваат прв контакт, со тоа што личност од доверба мора да биде во близина за да се чувствуваат сигурно. Од околу една и пол година веќе почнува одредена интеракција, во вид на забележлива желба на детето да им се приближи на други деца. Тие почетни фази на играње може да бидат прилично несмасни, па дури и непријатни, бидејќи учењето социјални вештини е долготраен процес. Сепак, до третата година децата главно си играат со врсниците на начин на кој во ист простор играат посебно, секој фокусиран на својата игра.

Дури на 3-годишна возраст децата ги стекнуваат своите први пријатели. На таа возраст децата што одат во градинка почнуваат да се дружат со врсниците, кои ги опишуваат како деца кои ги сакаат и со кои со задоволство би играле. Како што растат, важен дел од пријателството станува и заемното помагање и делење.

Како да се поттикне детето да има позитивни односи со своите врсници?

Домот е местото каде што сè почнува. Децата дома набљудуваат и учат како да делат, како да разговараат со другите. Имаат ли вашите деца позитивни односи со своите браќа и сестри? Имаат ли позитивен однос со вас? На меѓусебните односи на помалите деца и на развивањето на нивните пријателства значително влијае нивниот однос со родителите. Доколку растат во стабилна и поттикнувачка околина, поголема е веројатноста дека ќе имаат повеќе пријатели и подобро ќе се снаоѓаат во социјалните односи и ситуации. Затоа покажувајте му ја на детето својата љубов и избегнувајте критики, за да има поголема самодоверба.

Иако сите предуслови може да бидат исполнети, некои деца тешко склопуваат пријателства. Со вистински поттик и поддршка и тие може да си најдат пријатели.

Како можат родителите да им помогнат на децата да пронајдат пријатели?

Родителите треба да ги запознаат децата во групата во градинката или одделението на нивното дете. Секако, ќе дознаете повеќе ако ги запознаете нивните родители. Запознавањето можете да го предложите преку некоја забавна активност, прослава на роденден, заедничко одење во театар, гледање цртани, собирање и размена на сликички, заедничко одење во градинка или на училиште. Сигурно ќе има и други родители кои би сакале да се поврзат.

И во паркот или игротеката веројатно ќе имате можност да се поврзете со некое семејство од врсник на вашето дете. Родителите понекогаш мислат дека децата автоматски склопуваат пријателства. Пријателството е тешко за развивање ако пријателите не се гледаат редовно, па понекогаш е добро кога ќе се вклучат и родителите. При вклучувањето на родителите важно е тие да го пронајдат најдобриот начин за посредство. Тоа треба да биде дискретно, со почит кон посебноста и желбите на децата. Слободните активности, исто така, отвораат можност за запознавање на другите. Пријателството се заснова на заеднички интереси, па низ такви активности често се создаваат пријателства. Доколку кај децата забележувате одредени склоности, насочете ги кон активностите кои тие склоности ги развиваат бидејќи таму ќе има и деца со кои ќе се разбира.

Ако е детето болешливо и повлечено, не обидувајте се веднаш да го приближите кон поголема група деца, туку кон едно или две деца, а потоа малку повлечете се. Дајте им на децата доволно време да се обидат да воспостават контакт, а ако тоа не се случи, малку помогнете. Притоа немојте да инсистирате. Децата мора да имаат доволно слободен простор во изборот на пријателите. Разговарајте со детето за пријателите и пријателството. Читајте и раскажувајте приказни, погледнете некој цртан филм на таа тема… Така ќе дознаете што сака вашето дете и колку му е важно пријателството. Понекогаш децата во одреден период од растењето се потонати во својот свет, па дружењата не им се толку важни. Затоа внимавајте своите потреби и желби да не ги замените со оние на детето.

Помогнете му на детето да научи како да се вклучи во група, како да игра кога ќе му дојде ред и да почитува правила. Тоа наједноставно ќе го направите преку игра дома, односно низ игри на претворање во кои ќе играте со улоги. Наставниците и воспитувачите може да им помогнат на повлечените деца  полесно да склопат пријателство во групата. Разговарајте и со нив. Тие ќе ви го дадат своето мислење бидејќи имаат можност да ја согледаат ситуацијата од помалку субјективен агол. Посредувањето на родителите не значи дека треба да ги решавате проблемите на детето, туку дека му требате како советник и поддршка. Од секоја животна ситуација може да се извлече нешто добро, пред сè, искуство и поука. Најважно е да направите сè што е во ваша моќ за детето да не се чувствува неуспешно, а тоа по потреба вклучува и советување со психолог.

Како да се поставите кога има неискрено однесување?

Децата знаат да кажат: „Ти си ми најдобар пријател!“, а набрзо потоа тој пријател да го игнорираат, па дури и да го озборуваат. Таквата ситуација е особена тешка за детето што ја доживува неискреноста. Тоа нема врска со популарност во групата. Децата понекогаш така се однесуваат бидејќи се во потрага по најдобар пријател, а понекогаш се работи за нивен став. Без разлика во која улога се нашло детето, за тоа треба да се разговара. Доколку вашето дете се чувствува отфрлено, насочете го кон дружење со некое друго дете. Доколку, пак, забележите дека вашето дете отфрла други деца, обидете се да дознаете што стои зад тоа. Развивајте ги своите социјални односи, покажувајте кон другите разбирање и сочувство и негувајте ги своите пријателства. Помогнете им на децата да ги сфатат своите и туѓите чувства. Исто така, објаснете им на децата дека секое пријателство има свои подеми и падови. Сите ние сме доживеале несогласувања и кавги со пријателите.

Треба ли да се поттикнува детето да биде популарно?

Речиси сите деца сакаат да бидат популарни. Родителите треба да го поттикнуваат детето да ја развива својата посебност, а преку тоа и својот сопствен стил. Начинот на кој децата понекогаш се опишуваат себеси на возрасните може да им звучи смешно. „Јас сум супер!“, но таквата изјава им овозможува да бидат задоволни со себе. Активно слушајте ги децата и дозволете им слободно да ги изразуваат своите чувства и стравови, се разбира, без да ги повредуваат другите со тоа.

Извор



912

X