Изразот на лицето е еден од најосновните елементи во комуницирањето
Многубројните истражувања докажуваат дека засилените интерактивни искуства можат реално да ја изменат физичката структура на детскиот мозок. Додатните аудитивни и говорни поттикнувања во најраната возраст кај децата ги зголемуваат невронските врски кои се користат, меѓу другото, и за обработка на гласови и зборови. Многу деца што не научиле да комуницираат имаат широк дијапазон на развивање комуникативни способности, меѓутоа, тоа многу зависи од формата и од степенот на стимулација што им ги даваме.
Логопедот е стручно лице кое помага во рехабилитацијата на оние деца што не умеат или не можат да комуницираат, работи за полесно да се оствари контакт со другите деца и да учествуваат во комуникација со најблиските. Затоа и родителите треба да ја познаваат детската единствена структура, детската биологија за да го разберат нивниот однос кон средината и кон луѓето што ги опкружуваат. Разбирањето на овие структури овозможува и пронаоѓање на логотерапија приспособена на детските индивидуални потреби.
Би навела само како пример: тригодишно дете си седи на подот и си игра со автомобилче, но не научило да зборува. Неговиот татко прави напор и му се доближува зборувајќи му: „Види сине како вози автомобилот“, „Дали брзо вози?“, „ Дали ти се допаѓа?“… Но, детето ги игнорира коментарите на таткото. Од ова се гледа дека таткото сака да воспостави контакт со детето, но не му успева. Која е причината?
Причината е во тоа што детето заостанува во рецептивниот и во експресивниот јазичен развој, не ги разбира зборовите на татка си, не ги разбира софистицираните гестови, не реагира на нив, иако може да ги види и да ги слушне.
Правилна реакција
Што е потребно? Треба да се направи удобен амбиент и пријатна атмосфера за ова дете да се чувствува сигурно и сакано во близината на своите родители. Ова е еден од битните услови за развивање двонасочна комуникација. Се разбира, претходно треба релацијата татко-дете да биде приватна, да изградат процес на интимност, затоа што приватноста сама по себе е еден од облиците на комуницирање. Но, сега е многу потребна за да се прошири и да се доизгради целта, а тоа е чинот на прозборување.
Изразот на лицето е еден од најосновните елементи во комуницирањето. Еве, на пример, да замислиме дека разговараме со лице чиј израз не се помрднува, не ги раширува очите, не ги подига трепките, нема ни трага од насмевка, не ги подига веѓите, не покажува ниту интерес, ниту изненадување, ниту чудење. Со сигурност би се збуниле. Така и некои од децата што не умеат да комуницираат наликуваат на изгледот од овој пример и сето ова ја отежнува комуникацијата со нив. Изгледаат како отуѓени деца, сакаат сами да си го поминуваат времето во тесен простор.
Откриваме и дека овие деца силно реагираат на аудитивните дразби, а кога слушаат брзи и гласни звуци, непријатно ги примаат, па дури си ги затвораат и ушите. Овие деца имаат тешкотија при аудитивната обработка на овие гласови, што два пати повеќе го отежнува разбирањето на информацијата која ја примаат по пат на слушање.
Затоа како логопед, рехабилитирајќи ги овие деца, секогаш ги советувам родителите да зборуваат потивко, поумерено, бавно, кратко, разбирливо и јасно. Треба да им се обраќаат со мирен и пријатен глас кој ќе ги опушти и смири. Ги советувам да го отфрлат оној придушен израз на нивните лица, како и тажните или строго очекувачките изрази. Наспроти тоа, треба да ја зајакнат мимиката на лицето со пријатни и весели изрази, за детето да може гледајќи во нивните лица, да ги имитира.
Нашата цел е да ја одржуваме конверзацијата. Така кога детето ќе ни се насмее, и ние мораме да му се насмееме. Изразот на нашето лице треба да биде одговор на некоја детска активност, на насмевка, звук, на потврдување со глава за потоа детскиот израз да биде одговор на тоа што ние сме го направиле.
Понекогаш родителите знаат да се пожалат дека нивното дете не прави ама баш ништо и дека тие како родители нема на што да одговорат, но јас лично со ова не се согласувам. Со сигурност треба да разбереме дека детето секогаш нешто работи, а наша задача е да ја уловиме таа активност, колку и да биде незабележителна, и вешто да му возвратиме.
Оваа е т.н. едноставна комуникација. Таа може да биде почеток на една жива гестовна конверзација кога на неа ќе се додадат едноставни и лесни зборови и притоа се прават варијанти од тонови за подоцна истите овие тонови да може да се поврзат и да се добие збор.
Како логопед секојдневно ги советувам родителите:
1.Не гестикулирајте само со дланки и раце, користете го лицето, очите, гласот и емоциите.
2.Насмевнете се гордо доколку детето ви ја подаде топката.
3.Со емоции вдахнете кога ќе се растури изградената кула од коцки.
4.Ококорете ги очите кога барате место каде ќе го скокотнете.
5.Користете го гласот без оглед на тоа дали го разбира говорот.
6.Секоја работа мора да се опише со зборови, да се објасни.
7.Постојано служете се со емоционални реченици, детето ќе почне да ги препознава исто како што ги препознава песничките.
8.Користете го целото тело, трчајте, скокајте, подрипнувајте, цртајте, играјте и пејте со детето.
9.Не срамете се да ги преувеличувате вашите гестови.
Верувам дека нема да ви биде лесно да одржувате игра на гестовно ниво затоа што во интеракцијата сите ние сме навикнати да се служиме со говор. Но дозволете му на детето да ве води. Кога тоа ќе почне да ви одговара, вашиот невербален дијалог ќе биде носен со задоволство и радост, и на крај ќе бидете наградени.
912