м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Преку говорот како средство за комуникација децата примаат и бараат објаснувања, ги изразуваат своите желби и потреби, а должност на секој родител е да го научи своето дете да зборува. Треба секојдневно да го учи да зборува на начин прифатлив и разбирлив од средината, но родителот е исто така должен да го коригира своето дете доколку тоа покаже тешкотии. Малото дете  го учи говорот по еднонасочен пат, или почнува од мајката-таткото, па оди кон детето (мајка-дете, татко-дете), па на овој начин тоа почнува да разбира кога му се зборува.

Но ова не претставува говорна комуникација. Комуникацијата почнува кога детето само ќе почне да реагира на тоа што му се зборува и кога тоа само ќе почне да бара активности што веќе ги разбира…

Пред да прозбори, детето треба да се става во центарот на активностите, и тоа да учествува во говорниот акт, или едноставно кажано и тоа треба да земе учество (ангажман). Учеството го потврдува преку неговите засилени движења на поединечни делови од своето тело или преку фацијалната мимика.

Развивањето на фонацијата кај здраво дете тече спонтано, почнувајќи од крик, па преку акустично-моторната фонаторна спрега тоа прави обид за првите облици на говорна имитација и обид за говорно да се осамостои. Телесните реакции одат истовремено со фонациите, и на тој начин детето развива гестовно разбирање како прво, и кое претходи на појавата на основниот ларингеален глас.

Родителите треба да знаат дека детето се подготвува за говорна имитација, и тие практикуваат имитација, во форма на игра. Се бара да имитира – редење коцки, редење топчиња, преместување и поместување на играчките, имитирање звуци од животни, лаење на куче, мјаукање на маче, цивкање на пиле и друго.
Овие активности се потребни, и ѝ претходат на активноста кога ќе се вклучи во процесот на самостојна фонација на гласови.

Како логопед секојпат ги советувам родителите:

-Секоја спонтана фонација родителите треба да ја истакнат и пофалат
-Не се препорачува да го присилуваат детето
-Не се препорачува да бараат тоа да им го повторува (репродуцира), или едноставно кажано ништо насила, туку сè да се одвива спонтано и природно…

Советувам уште и давање прости и едноставни говорни стимулации – поттикнувачи по пат на говорот, за да може малото дете да слуша внимателно и да следи. Ќе наведам неколку примери: имитација како шумолат дрвјата, имитација како шушкаат лисјата, како дува ветерот, како се смее дедо, како ѕвони ѕвончето и друго. Ваквата атмосфера го олеснува патот за говорно осамостојување, а истовремено правиме и самото дете да биде мотивирано и желно за слушање нови интересни звуци.

Во текот на моето долгогодишно професионално работење како логопед се имам сретнато со разновидни форми на говорно-јазични нарушувања што се појавуваат кај децата. Сум имала случаи кога детето користи само најелементарни облици на фонација.
-Деца што не го разбираат говорот
-Деца што не воспоставуваат говорен контакт
-Деца што разбираат што им се зборува, но и покрај тоа ништо не зборуваат.

Од овие причини ги советувам родителите да бидат многу внимателни и трпеливи кога му се обраќаат на своето дете, да му посветат многу време исклучиво нему, и да изградат близок и топол контакт преку игра. Родителот целосно да се внесе во играта, просторот да биде поткрепен со весели моменти, исполнети со насмевки. Просторот во кој детето живее и расте да изобилува со мирна и топла семејна атмосфера. Во секој миг треба да се охрабрува малото дете, да му се кажува дека тоа може и дека сето тоа што го играат и зборуваат е лесно и интересно.
Гласот во текот на играта треба да се модулира, тивок глас-силен глас, долг глас-краток глас…
Родителите по говорните стимулации треба да покажат дека се среќни и задоволни, и потоа не треба да бараат ништо за возврат.
По одреден период малото дете се поставува во група со други деца, тоа ги слуша и ги гледа. Самостојно се вклучува со повеќе дечиња, а родителот е повторно близу до него и не треба да го обесхрабрува, туку да му се радува дека е во друштво.
Детето прави напор само да ги мобилизира и организира психомоторните функции и за да го поврзе сопствениот глас со играта, или самостојно се охрабрува да произведе глас поврзан со играта.

Фонациската врска со родителите е веќе воспоставена. На гласот како стимул детето одговара со глас-риспондон (одговор).
Понатамошниот развој на гласовите оди преку слоговно удвојување или повторување на ист слог. Слоговното повторување се емитува во правилно временско растојание, кое помеѓу слоговите постепено се скратува сè додека слоговите не се претворат во еден осмислен збор.
Меѓутоа, во текот на практичната работа наидувам на деца кои покажуваат тешкотии во акумулација на говорните стимули. Родителите колку и да сакаат да помогнат и сами да настојуваат нивното дете да прозбори, тоа сепак не може да прозбори,
Во вакви случаи советувам посета на логопед-стручно лице, кој ќе ја утврди причината за незборувањето и ќе одреди најадекватен облик на терапија. Основна цел на работата на логопедот е да се насочи на развојот на говорот и јазикот, на разбирливоста, на памтењето, слушнатите зборови и јазични структури. Логопедот им помага на родителите и наоѓа начин како на полесен пат детето да прозбори, да развие надворешна манифестација на јазикот, т.е. говорот кој се користи за активна комуникација на социјалната средина. Родителите не треба да чекаат, не треба да дозволуваат времето да работи за нив, напротив, треба активно да се вклучат и да му помогнат на сопственото дете да научи да зборува.



912

X