Еден од најтешките делови од родителството е да ги научиме нашите деца како безбедно да ги прават работите што имаат голем потенцијал да им наштетат. Почнува со тоа како да ги научиме безбедно да користат ножици кога се на предучилишна возраст, потоа остри ножеви за сечење на храната и пред да се свестиме, како да возат автомобил. Иако не го сакаме тоа, го правиме затоа што ја знаеме алтернативата – полошо е ако ги научат овие работи без воопшто да научат како да ги извршуваат безбедно.

Без разлика дали ни се допаѓа или не, нашите деца ќе пораснат и ќе почнат да го користат интернетот со сите негови потенцијални лажни вести, сајбер-булинг и вознемирувачка содржина. Можеме да им забраниме да го користат додека се деца или тинејџери; или можеме да ги научиме како да ги користат социјалните мрежи и интернетот на безбеден начин.

Ги учиме децата да не зборуваат со непознати. Непозната личност може да те повреди! Непозната личност може да те киднапира. Непознатите личности се опасни. Но, тогаш сфативме дека разговараме со непознати луѓе – менаџерите во рестораните, службениците во поштата, жената пред нас во продавницата. Ние сме противречност во одење.

Само мал процент непознати луѓе се опасни. Всушност, поголема е веројатноста едно дете да биде повредено од некој што го познава отколку од некој што не го познава. Затоа, почнавме да ги учиме нашите деца дека постојат измамници.

На истиот начин може да се размислува и за непознатите луѓе онлајн. Керолајн Кнор, уредничка во „Комон сенс медија“, смета дека е подобро да ги научиме нашите деца да препознаат предаторско однесување отколку да ги научат да не разговараат со непознати луѓе на интернет:

Во денешниот свет, каде што децата уште на 8-годишна возраст комуницираат со луѓе онлајн, треба да ја знаат границата помеѓу соодветниот и несоодветниот разговор. Децата честопати се под притисок на своите пријатели да разговараат за секс, така што треба да знаат дека е во ред ако им кажат на врсниците да се повлечат. Научете ги какви прашања не се во ред (на пример, не се во ред: „Дали си момче или девојка?“, „Каде живееш?“, „Што носиш?“, „Дали сакаш да имаме приватен разговор?“).

Која возраст е правилната возраст?

Како и со сè друго, одредената возраст е помалку важна од нивото на зрелост и подготвеност на вашето дете. Овде нема упатство за една возраст. „Ама секој во мојот клас има профил!“ не е никогаш добар аргумент за да му дозволите на детето да има профил на социјална мрежа за која не знаете. Не сите апликации се создадени еднакво, така што пред да се согласите на нешто, треба да го проучите и анализирате.

Најмалку, треба да ги проверите упатствата поставени од самата апликација и да инсистирате децата да користат точен датум на раѓање кога создаваат профил. Некои апликации како „Тик Ток“ и „Јутјуб Кидс“ нудат различни искуства за различни возрасти. Но, важно е да се напомене дека понекогаш упатствата на апликацијата сепак им дозволуваат на премлади деца да се приклучат, па затоа треба да ја проверите на „Комон сенс медија“. Оваа веб-страница дава свои прегледи и препораки за возраста на апликациите и игрите. Покрај тоа, и децата и возрасните може да рецензираат дали апликацијата е соодветна на возраста. Не е изненадувачки тоа што возрасните имаат тенденција да проценат дека возраста на корисникот треба да е постара, а децата сметаат дека треба да е помлада.

Така, на пример, за играта „Фортнајт“ децата велат дека корисниците треба да имаат 10 години, родителите велат 11 години, а „Комон сенс медија“ вели 13 години. Рецензиите може да ви помогнат да утврдите зошто некоја апликација е оценета на одреден начин и дали е нешто за кое детето е индивидуално подготвено.

Во ред е да кажете не

Ако нема им дозволите да се логираат, кажете им зошто. Мојот син, кој има 9 години, сè уште нема профил на ниту една социјална мрежа. Сепак, тој често ми вели да преземам нови игри за кои слушнал од пријатели од училиште. Јас имам стандарден одговор што тој го очекува и прифаќа: – Остави ме да истражувам малку и денес или утре ќе те известам.

Ако одговорот е „не“, што е почесто, му давам причина зошто.

– Не, открив дека може да има видеа од кои се плашиш.

– Не, апликацијата не ги исклучува луѓето што кажуваат злобни работи.

Дали е среќен поради тоа што реков не? Не, не е. Но дури и процесот со кој го воведувам во мојата одлука е корисен за негово подготвување за денот кога ќе мора сам да одлучи дали нешто е соодветно за него.

Кога ќе бидат подготвени, олеснете им

Не би го однеле вашето дете на автопат првиот пат кога ќе седне на возачкото седиште. Исто така, не треба да го регистрирате на која било апликација што ќе ја бара и не треба да го оставите само да ја разгледува. Програмата „Be Internet Awesome“ е одлично место да почнете да му воведувате концепти како спам, фишинг, приватност и прекумерно споделување.

Откако ќе му дозволите да создаде профил, седнете и заедно договорете услови на користење. Овие термини може и да ги напишете, а може да ги вклучуваат вашите очекувања за тоа како ќе ја користи веб-страницата или количината на времето поминато, пријавување несоодветни слики, пораки или коментари. Исто така, треба да се договорите до кој степен ќе го следите вашето дете и неговите профили.

Заедно создајте ги профилите и заедно користете ги првите неколку пати. Укажете му на несоодветно однесување од други корисници и можности да даде поддршка. Бидете добар пример. Бидете присутни со нив во овој онлајн-дел од животот.

– Онлајн-светот за децата е само нивен свет и треба да разговараме со нив на начин на кој разговараме за нивниот ден на училиште – вели Лора Хигинс, директорка за дигитално граѓанство во „Роблокс“.

Сајбер-булинг против социјализирање

Голем дел од она што го читаме за децата и користењето на социјалните медиуми се фокусира на загриженоста во врска со сајбер-булингот. Сајбер-булингот е сигурно причина за загриженост, но Кнор вели дека повеќето деца сметаат дека социјалните мрежи всушност ги зајакнуваат нивните односи.

– Повеќето деца сакаат да се забавуваат, да се дружат и да се социјализираат онлајн. Всушност, според нашето истражување, тоа е она што мнозинството од нив го прават. Прочитајте ги овие утешителни статистики:

– Повеќето тинејџери велат дека социјалните мрежи имаат позитивен ефект врз нив.
– Социјалните медиуми се важно место за креативно изразување.
– Квалитетот на онлајн-врските на децата има големо влијание врз нивната благосостојба.

Додека ги учите децата да препознаваат, да се спротивстават и да пријават сајбер-булинг, важно е родителите да признаат дека тинејџерите ги гледаат социјалните медиуми како позитивна алатка за комуникација и креативност.

Родителска контрола

Апсолутно треба да користите каква било контрола за родители и приватност што една веб-страница ја има на располагање. Но, на крајот децата ќе научат како тајно да ги користат апликациите, видеата, фотографиите и пораките и ќе знаат како да создадат лажен профил.

Затоа родителите најмногу треба да се фокусираат на одговорното однесување на интернет, како и за создавање атмосфера во домот преку отвореност и доверба. Овие работи ќе бидат покорисни за децата на подолг временски период отколку обидот да ги ограничите и заклучите.

Автор: Меган М. Валберт



912

X