Кога децата го користат средниот прст, важно е да се земе предвид зошто го прават тоа пред да се реагира или да се даде казна.

Сите сме се соочиле со такво нешто, засрамувачки е и посакувате да се скриете. Се наоѓате на вечера со некои пријатели од работа, вие сте домаќините и вашето дете почнува да им покажува среден прст на сите. Го правело тоа и порано, но не пред луѓе. Сте го игнорирале, но тој пристап веќе не функционира. Како да престане? Дишете длабоко, има неколку начини за справување.

Која е причината што детето го покажува средниот прст

Од огромно значење е да се земе предвид возраста на детето и зошто го прави тоа што го прави. Родителските пристапи се различни за 5- годишни деца или за тинејџери. Помалите деца често имитираат нешто што го гледаат на ТВ, што го научиле од пријатели или гледале возрасни како го прават тоа. Тинејџерите често се свесни за постапките, а постарите деца изнаоѓаат нови начини за да се изразат себеси. Од основно значење е да го научите вашето дете животни вештини, како што се справување со бесот, позитивна комуникација и контрола на импулсите.

Игнорирајте го прстот и ќе исчезне гестот

Најдобро е кога првпат ќе го направи тоа детето, вие да го игнорирате. Не смејте се и не стојте шокирани бидејќи тоа ги збунува децата. Ако никој во домот не го користи тој гест и не го видело ниту на ТВ, веројатно ќе престане кога нема да добие реакција. Вториот пат е време директно да го посочите проблемот. Експертите препорачуваат кажување фрази како: „Тој гест не го користиме во нашиот дом“. Ако детето ве праша зошто, кажете: „Тоа може да повреди нечии чувства“ или „На повеќето луѓе не им се допаѓа кога го гледаат тој прст“. Може да е од помош да се замени тој гест со друго движење на раката. Обидете се да го научите детето на движења со некоја песна. Ако продолжи со однесувањето, треба да го казните на краток период од 5 минути или да му одземете играчка еден ден. Наградете го кога нема да го користи гестот, па и пофалете го кога ќе третира некого со почит.

Разговор со постарите деца околу средниот прст

Постарите деца често гледаат навредлив говор на социјалните медиуми, филмовите, ТВ и меѓу своите врсници. Родителите мора да ги стават таквите гестови, како покажувањето среден прст, во контекст. Осигурете се дека децата знаат оти луѓето го користат средниот прст кога се екстремно лути на некого и сакаат да го изразат тоа. Никогаш не е смешно. Објаснете му го тоа на вашиот тинејџер и кажете му дека има подобри начини за да ја изрази својата лутина наместо да користи лоши зборови или гестови. Ако тоа стане навика, ќе навлезе во неволја на училиште или на идното вработување.

Побарајте да користи фрази како: „Се чувствувам лошо кога ми додеваш за домашното“, за да го изрази незадоволството. Младите возрасни лица треба да разберат дека таквите гестови може да повредат некого, бидејќи колку што е лошо удирањето, толку се и булингот и навредливите гестови. Објаснете ги вашите чувства кога ќе видите дека детето упатува таков гест кон вас, комуникацијата заснована на почит е основна.

Запомнете, останете смирени. И таа фаза ќе помине – детето нема засекогаш да го користи средниот прст. Се работи за фаза на која наредната година ќе се смеете (и ќе се грижите за нешто друго).

Автор: Дора Нус-Ворен

Извор



912

X