Игротека

Како да го преживеете своето семејство?

Ако родителите умееја подобро, ќе беа подобри!
„…неразбирање, беспарица, генерациски јаз, недостиг на блискост, коцка, алкохолизам, како и разлики во културолошките и семејните наративи меѓу членовите се најчести причини за несогласувања или нетрпеливост во семејството…“

Речиси и да нема семејство во кое нема конфликти, а многумина веруваат дека само уште во филмовите можат да се видат сцени на хармонични односи. Како да се преживее сопственото семејство е прашање што често си го поставуваат луѓето. Поради големиот интерес за оваа проблематика и психотерапевтска помош во вакви случаи, психотерапевтот Марко Браковиќ ја осмисли работилницата „Како да се преживее семејството“.

Марко Браковиќ/фото: Јутјуб

Како изгледа вообичаената слика на семејство на овие простори?

Нашите семејства спаѓаат во медитеранскиот тип, што би значело дека се многу повеќе матријархални отколку патријархални, како што изгледа на прв поглед. Последниот збор често не го носи мажот, туку неговата мајка, односно бабата. Ова особено е изразено кај Италијанците, Грците и Шпанците, а ние гравитираме кон нив, што менталитетски, што културолошки, а и географски. Се разбира, денес семејството е под големи притисоци, па големо прашање е какво ќе биде кај нас во наредните децении. Претпоставувам дека ќе опстане во некаква форма, но прашање е во каква.

Дали сè уште има среќни семејства во овие хаотични времиња во кои луѓето се нервозни и сè поотуѓени едни од други?

Секако дека постојат среќни семејства, иако повеќе го преферирам изразот функционални или задоволни.

Причините за нервоза во семејствата се неразбирањето, беспарицата, генерацискиот јаз, недостигот на блискост, коцка, алкохолизам, како и разлики во културолошките и семејните наративи меѓу членовите. Основниот именител на несогласувањето или нетрпеливоста во семејството најчесто е недостиг или непостоење на капацитет за блискост.

Дали еден член на семејството може да помогне да се стабилизираат односите или треба да се измести и да се „спасува“ себеси?

Сè зависи од тежината на проблемот. Некогаш вреди да се работи на решенија, а некогаш, за жал, напуштањето на екстремно токсичната атмосфера е единствениот спас за загрозениот член.

Дали може да се избегне конфликтот меѓу генерациите?

Може да се сведе на поднослива мера, иако е сосема природен.

Што е најважно да се прифати во контекстот „како да се преживее сопственото семејство“, што е најтешко да се промени и кои семејства никогаш не може да станат функционални?

Најважно е да се прифати дека родителите не умееле подобро бидејќи ако умееле, ќе биле подобри. Ова се прифаќа ако имаме намера да останеме со нив во некој вид здрава дистанца. Ако се во прашање тешки насилства, тешки зависности од алкохол или дроги, тогаш сето ова е многу потешко, а некогаш и неможно.

Какви се последиците од останувањето во такви семејни услови?

Последиците се депресија, насилство, а подоцна и тешки физички болести, како што се ракот, заболувања на крвните садови и срцевите болести.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top