Детето започнува да ја истражува својата околина, а и себеси со помош на своите сетилата. Преку сетилата се праќаат информации кои се обработуваат преку мозокот и испраќаат соодветни сигнали што на некој начин мозокот ги памети во форма на искуство. Новонастанатото искуство треба да биде поддржано од страна на родителот или некоја друга возрасна личност. Стекнатото искуство и доживување се именува, објаснува, проширува, повторува за да може детето да го интегрира во веќе совладаното знаење.
Когнитивниот развој е есенцијален за развојот на говорот, а понатаму и за совладување на школските вештини. Когнитивниот развој ги опфаќа менталните процеси кои му овозможуваат на детето да се познае себеси и да се адаптира во околината. Според возраста на детето и неговата можност, ги приспособуваме и активностите од когнитивниот развој.
- Сензомоторен период (0-2 години) – истражување на светот со помош на следење, слушање, фаќање, воспоставување координација око-рака.
- Предоперационална фаза (2-7 години) – претставување на предметите и посочување со зборови и слики. Во овој период постои отсуство на логичко мислење, користење интуитивно мислење со вклучување на игрите на божемски.
- Конкретна оперативна фаза (7-11 години) – период на логичко мислење, со класификација, серијација и конзервација на предметите.
- Формална оперативна фаза (12+ години) – систематизирање на нештата, користење апстрактно резонирање на настаните.

Предлог-активности кои може да ги применувате со цел поттикнување на когнитивниот развој и зајакнување одредени вештини во процесот на самостојност на детето:
Друштвена игра – со заедничка игра кај детето се поттикнува делот за решавање проблеми и развој на креативноста. Доколку детето е во развојна доба од 1 до 2 години, се користат игрите со коцки, на пр., градење кула. Како расте детето, така се вклучуваат друштвени игри, сложувалки, буква по буква со цел стимулирање на когнитивниот развој, но и учење социјални правила.
Читање книга – во текот на читањето користете различен тон за различен лик, потенцирајте ги звуците на животните и дозволете му на детето да ги набљудува илустрациите. Поттикнете го детето да ги именува боите, облиците, животните низ илустрациите. Во зависност од возраста (над 4 години), може да ви ја раскаже приказната што му ја имате прочитано.
Секојдневни ситуации – во текот на прошетката објаснувајте му на детето што гледате, кои звуци ги слушате (во зависност од можноста и возраста адаптирате поттикнување), за детето да дојде до поврзување на звукот со предметот. Исто така, дајте му на детето право на избор за да донесе одлука (сакаш да носиш кратки сини бермуди или кратки жолти бермуди). Поставувајте прашања со цел да му помогнете на детето во решавање на проблемот и да дојде до свој увид како функционира неговото опкружување.

Вклучувајте го во секојдневните домашни обврски, местење кревет, средување на својата облека, местење на масата за оброци, вклучување во готвењето.
Автор: Теодора Томовска-Ристовска, спец.едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација