Иако не може сѐ во животот да се планира и предвиди, кога станува збор за бременоста, најдобра опција е кога таа е посакувана и планирана. Подобро е кога има време телото на идната мајка однапред да се подготви за сѐ што следува, а специјалистот за исхрана, епигенетика и ДНК-тестови Марина Вево дава совет како да се подготви женското тело за зачнување.
Таа вели дека најважно е да се утврди дали има некакви пречки и потенцијални проблеми, а тоа подразбира:
-Генетски предиспозиции и општа состојба на телото
-Лекување на сите идентификувани болести и состојби (или барем нивно ставање под контрола)
-Балансирање на хормони
-Здрава исхрана
-Додатоци во исхраната по потреба
-Физичка активност
-Емоционална поддршка
-Подобрување на јајце-клетките.
Покрај сето горенаведено, Вево истакнува дека за зачнување е важно и да се подобри квалитетот на јајце-клетките и дека за тоа се потребни најмалку четири месеци. Како што објаснува овој експерт, толкав период е минимумот потребен за некои промени во човечкото тело – на црвените крвни зрнца, јајце-клетките и сперматозоидите им требаат околу 120 дена за да се обноват. Во овој период потребни се хранливи материи, кислород, антиоксиданси, добри масти и протеини во доволни количини за да се обезбедат најдобри можни резултати.
Ендокриниот систем, пак, е одговорен за менструалните циклуси, па во извесна смисла овој систем е можеби најважен за постигнување овулација и бременост. Советите на Марина Вево се за жените кои планираат бременост, да посетат ендокринолог и да им се провери функцијата на тироидната жлезда. Како што истакнува таа, проблемите со оваа жлезда можат да придонесат за нарушувања на овулацијата, што го отежнува зачнувањето. Според некои податоци, нарушувањата на тироидната жлезда се присутни кај околу 50 проценти од жените кои имаат проблеми со зачнувањето.

Обрнете посебно внимание на циклусите без овулација, советува таа. Овој експерт вели дека ваквите циклуси најчесто се случуваат еднаш годишно, но доколку се јавува почесто ановулација, треба да се консултирате со лекар.
Бременоста е сериозен чекор во животот, па затоа е добра идеја да направите сѐ што можете за да го одржите вашето тело што е можно поздраво и подготвено да го поддржи зачнувањето и правилниот раст и развој на вашето бебе.
Автор: Наташа Златковиќ
912