Уметноста на споделување не е нешто со кое сме родени. Таа се учи. И ако сакате вашите деца да немаат проблем да споделат играчка или колаче со своите пријатели во паркот, тогаш мора да им дадете пример и да им ги посочите позитивните последици од споделувањето. Најпрво треба да знаете дека е сосема нормално ако малите деца не сакаат да ги споделат своите работи. Иако се многу мали, не им е невообичаено да веруваат дека сѐ што сакаат – можат да добијат, дури и ако не е нивно. Не треба да мислите дека вашето дете е разгалено или грубо, дури и ако го брани своето право со насилство или одбранбен став. Но, дефинитивно треба да им покажете кои се придобивките од споделувањето и зошто е подобро да го сподели она што го има со другите.

Не е лесно за малите деца да го разберат концептот на давање и земање. Особено зашто тие не го разбираат добро ниту концептот на време. На пример, ако му кажете на двегодишно дете дека неговото другарче ќе ја земе неговата играчка, но ќе ја врати за неколку минути, тоа ништо не му значи. Знае само дека играчката ја нема во тој момент.

Децата на таа возраст се во егоцентрична фаза на развој и се препознаваат само себеси како индивидуа која има и сака некои работи. Тие само што почнуваат да го разбираат концептот на поседување, почнувајќи од самите себе. Но, сѐ уште не им е јасно како нештата можат да им припаѓаат на други деца или луѓе.

Добрата вест е дека иако ова не е лесно да се постигне, децата можат да научат да споделуваат. Но, за тоа ви се потребни трпение и искрена волја.

Како да ги научиме децата да споделуваат?

Децата почнуваат да го разбираат концептот на споделување околу третата година од нивниот живот. Но, ќе помине извесно време пред да бидат навистина подготвени да споделат. Иако на таа возраст почнуваат да развиваат емпатија, знаат да чекаат ред, сепак не се доволно зрели за да им одолеат на импулсите. Повеќето тригодишни деца, дури и четиригодишни, секогаш ќе ги стават на прво место своите потреби и желби.

Затоа, мало дете не може да разбере дека иако во тој момент повеќе ја нема својата играчка (што можеби не му била интересна до пред некое време), наскоро повторно ќе ја има. Но, и покрај незадоволството, плачот, бунтот, нивната вештина за споделување во тие моменти всушност созрева под површината.

Ова се неколку упатства што треба да ги следите за вашето дете да научи да споделува.

Бидете пример

Ако сакате вашето дете да научи да споделува, оставете добар пример. Можете да го направите ова така што ќе ѝ понудите храна на друга мајка во паркот или ќе ѝ понудите помош на некој друг начин.

Не заборавајте дека предметите им се многу важни на децата

Предметите што ги имаат многу им значат на децата. Ако ги натерате да споделуваат кога не сакаат, само ќе ја поттикнете опсесијата нивните работи да останат само нивни. Децата треба да научат дека споделувањето не е исто што и откажување од нештата. Тоа е единствениот начин да сфатат дека споделувањето играчки всушност може да ја направи играта уште позабавна.

Внимавајте како ги користат работите што другите ги споделуваат со нив

Кога некој друг дели играчки со вашето дете, укажете му на тоа. На тој начин вашето дете ќе види што се случува кога другите споделуваат и како всушност ги добиваат работите назад. Објаснете му на детето за време на играта колку е убаво да се игра заедно.

Обрнете внимание на она што детето не сака да го сподели

Ако детето генерално нема проблем со споделување, но има една или две работи што му значат и не сака да ги позајмува – не инсистирајте. И, уште подобро, не носете ги тие работи во парк или каде било каде што ќе има повеќе деца.

Забележете и посочете кога вашето дете покажува подготвеност да сподели

Дури и да станува збор за ситници, пофалете го детето кога ќе покаже волја да сподели нешто свое. Дајте му признание и покажете дека сте забележале колку е големо момче или девојче сега.

Бидете трпеливи

На некои деца им е потешко и им треба повеќе време да сфатат дека играта е позабавна кога се делат играчките. Но, со вашето разбирање и упорност, ќе дојде до тоа. Како што детето развива социјални вештини и се дружи, ќе биде поподготвено да ја прифати идејата дека споделувањето е всушност забавно.

Постои уште нешто што треба да го знаете за споделувањето. Тоа е вештина што се учи во детството и речиси е невозможно да се научи возрасно лице да споделува. Исто така, знаеме дека некои ќе речат дека не е добро да ги тераме децата да делат, бидејќи никој не треба да биде присилен да ги споделува своите работи. Затоа е важно да се стекне оваа вештина. Значи, ако вашето дете не сака да споделува, не треба да го присилувате. Но, во никој случај не треба да го игнорирате и да чекате да му дојде само да почне да споделува. Постои шанса ова никогаш да не се случи. Затоа, научете ги децата на радоста да споделуваат додека се млади.

Извор



912

X