Нема старосна граница кога детето треба да научи да вози велосипед на две тркала. Во зависност од способностите, зрелоста, колку често е во можност да вози велосипед, вашиот став (кој секогаш се пренесува на детето), некои деца оваа вештина ќе ја совладаат порано, а некои подоцна. Кога детето научило да вози на четири тркала, а потоа велосипед со помошни тркала, тогаш е време за „вистинскиот“ велосипед.

Препорачливо е родителите да ги остават децата сами да ја совладаат техниката на вртење на педалите, веќе со возењето велосипед со три тркала. Тоа ќе им овозможи побрзо и полесно да прејдат на совладување на велосипедот со две тркала. Пожелно е детето да го подучувате на рамен терен, каде што нема метеж и сообраќај.

Покажете му на детето како да го почне возењето

Додека со едната нога се потпира на земјата, со другата треба да го притисне педалот и да тргне. Немојте да го туркате или да го влечете велосипедот. Држете го задниот дел на седиштето за детето да не падне. Немојте да го пуштате ако детето ве моли да не го правите тоа и немојте да го мамите (иако сте уверени дека тоа нема да го почувствува). Напротив, важно е детето да верува дека вие ќе го држите.

Мерки за безбедност

Составен дел од учењето возење велосипед е да го научите детето никогаш да не вози блиску до улица, односно да вози исклучиво на места каде што е сигурно, да носи кацига, да биде внимателно кон другите, заради својата, но и заради туѓата безбедност, да не вози пребрзо. Се подразбира дека треба да вози под ваш надзор и контрола, но со ваков вид предупредување, важно е да се почне навреме. Додека детето не се почувствува доволно сигурно, не може да вози без вас. Кога ќе почувствувате дека детето самостојно вози, не држете го повеќе.

Немојте да му викате кога ќе погреши или ќе падне од велосипедот

Идеално би било да се радувате зашто детето учи нова вештина. Покажете му со своето однесување дека е чекор напред во неговото растење, за да му се зголеми чувството на важност.

Контролирајте го својот страв кога детето ќе падне

Всушност, стравот од паѓање го спречува детето побрзо да го совлада возењето велосипед. Затоа, вие бидете свесни за вашето однесување зашто тоа му се пренесува на детето. Исто така, подучете го да се спушти со едната или двете нозе на земја кога ќе сака да застане или кога ќе почувствува дека ја губи рамнотежата. Важно е овој дел од возењето малку да го вежбате, прво на земја, в место, додека детето седи на велосипедот, односно пред да почне да вози.

Автор: Јелена Холцер, педагог



912

X