Воспитување

Како да го научите детето да дели (и зошто е тоа толку важно)

Вештината на делење не е нешто со кое се раѓаме – таа се учи. А ако сакате и вашите деца да немаат проблем со пријателите во парк да поделат играчка или нешто друго, тогаш морате да им дадете пример и да им укажете на позитивните последици од делењето.

Пред сè, треба да знаете дека е сосема нормално малите деца да не сакаат да ги делат своите работи. А ако се многу мали, не е необично да веруваат дека она што го сакаат, може и да го добијат, дури и ако не е нивно. Не треба да мислите дека децата се разгалени ако имаат одбранбен став по ваквите прашања. Но, секако, треба да им покажете кои се позитивните страни на делењето и зошто е поубаво да споделуваат со другите. Не е лесно мало дете да го разбере концептот на давање и земање. Особено затоа што не го разбира добро ниту концептот за време. На пример, ако на 2-годишно дете му кажете дека другарот ќе му ја земе играчката, но за неколку минути ќе му ја врати – тоа нему ништо не му значи. Тоа знае само дека играчката во тој момент веќе ја нема. Децата на таа возраст се во егоцентрична фаза од развојот и се препознаваат само себеси како индивидуа која има и сака некои работи. Добрата вест е дека, иако не е лесно да се постигне, сепак, може да научат да делат. Но, потребни се трпение и искрена волја.

Како да ги научите децата да делат?

Концептот за делење децата почнуваат да го разбираат некаде околу третата година. Но, ќе помине уште време додека не бидат навистина подготвени за тоа бидејќи не се доволно зрели да им одолеат на своите импулси. Малото дете не може да разбере дека и покрај тоа што во моментот ја нема таа играчка, наскоро повторно ќе ја има. Но, и покрај негодувањето, плачењето, бунтувањето, нивната вештина за делење во тие моменти, всушност, созрева под површина.

Ова се насоките кои би требало да ги следите за вашето дете да научи да дели:

Бидете пример

Ако сакате вашето дете да научи да дели, поставете се како добар пример во тој поглед. Тоа можете да го направите така што во парк на друга мајка ќе ѝ понудите дел од храната што сте ја понеле, или понудете помош на некој друг начин.

Не заборавајте дека на децатаим се многу важни нивните работи

Ако ги терате да делат кога не сакаат, само ќе ја поттикнете нивната опсесија со тоа дека нивните работи се само нивни. Децата мора да научат дека делењето не е исто што и одрекувањето од работите. Тоа е единствен начин да сфатат дека делењето може да ја направи играта уште позабавна.

Набљудувајте како ги користат работите што другите ги делат со нив

Кога некој друг дели играчки со вашето дете, укажете му на тоа. Така детето ќе види што се случува и дека другите всушност ги добиваат работите назад. Објаснувајте му додека трае играта, колку е убаво да си играат заедно со другите деца. Детето тоа многу полесно ќе го сфати ако дели туѓа играчка бидејќи во тие моменти не е опседнато со потребата да му се врати она што е негово.

Обрнете внимание што е тоа што детето не сака да го дели

Ако детето генерално нема проблем да дели, но постои една или две работи што многу му значат и не сака да ги позајмува – не инсистирајте. И уште подобро, тие работи не носете ги во парк или некаде каде што ќе има уште деца.

Забележете и истакнете кога вашето дете покажува волја да дели

Макар тоа било и ситница, пофалете го детето кога ќе покаже волја да дели нешто свое. Дајте му признание и покажете дека сте забележале дека сега е големо момче или девојче.

Бидете трпеливи

На некои деца им е потешко и им треба повеќе време да сфатат дека играта е позабавна кога играчките се делат. Но, со ваше разбирање и упорност, ќе дојде до тоа. Како што детето ќе ги развива социјалните вештини и ќе стекнува пријатели, така ќе биде поподготвено да ја прифати идејата дела делењето е всушност забавно.

Постои уште нешто што треба да го знаете за делењето. Тоа е вештина која се учи во детството и речиси е невозможно да научите возрасен човек да дели. Не е добро и да се тераат децата да делат бидејќи никој не треба да нè тера да ги делиме своите работи. Токму затоа е важно оваа вештина да се СТЕКНЕ. Ако детето не сака да дели, точно дека не треба да го терате, но никако не е точно дека тоа треба да се игнорира и да чекате волјата за делење да дојде сама. Постои шанса тоа никогаш да не се случи.

Затоа послушајте ги советите и научете ги децата на радоста од делењето уште додека се мали.

Автор А. Цвјетиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top