Луѓето со интелектуални попречености почесто се жртви на сексуално насилство. Затоа морав да го научам мојот 7-годишен син што е несоодветно и како да се заштити самиот. Бидејќи знаев дека разговорот нема да биде лесен, им се обратив на експерти кои нудат совети за родителите што се навистина од помош.

„Мајкл, седни. Мама сака да зборува со тебе“. Поставувам тајмер на 10 минути и ги барам вистинските зборови. Бев несигурна како да го започнам тешкиот разговор. Не беше конкретно разговор за секс. Ова беше особено важно и тешко бидејќи Мајкл има аутизам, а луѓето со интелектуални попречености имаат 7 пати поголеми шанси да бидат жртви на сексуална злоупотреба за разлика од другите лица без попречености, според податоците на Одделот за правда. Сите родители сакаат да ги заштитат своите деца. Покрај одложување на говорот, Мајкл е вербален, но одвивањето на типичен разговор може да биде предизвик. Еве што велат експертите за одржувањето на ваквите разговори и начините за заштита на децата.

Објаснување на сексуалните напади на децата со посебни потреби

– Нема еден рецепт кој одговара за сите во однос на ваквиот пристап со децата“, вели Мередит Голдберг Еделсон, професор по психологија на универзитетот „Виламет“ во Салем, Орегон. А тоа е така бидејќи децата се различни. Затоа родителите прво треба да пристапат кон разговорите со знаење за темата. „Покажете им слика од делови на телото за да видите дали ги препознаваат“, вели Ким Спенс, специјалист за аутистични нарушувања од Центарот за аутизам и поврзани попречености на Универзитетот во централна Флорида во Орландо, Флорида. За децата што не зборуваат, д-р Спенс ги охрабрува родителите да размислуваат за начините на кои детето може да комуницира.

– Морате да го препознаете она на кое детето најдобро реагира, дали е тоа видеомоделирање, слики, зборување, компјутер, книги, алатки за поддршка. Кој и да е модалитетот што му одговара, користете го за комуникација со него – вели д-р Спенс.

Како да го водите разговорот

Во случајот на Мајкл, сметам дека тој е многу визуелен. Д-р Спенс препорачува користење на книгата „Грижејќи се за себе“ како почетна точка бидејќи помага во однос на инструкциите за соодветни граници, лична безбедност, прашања околу тоа каде е дозволено децата да бидат голи, проблеми поврзани со мастурбација и безбедност и водичи за наставници и семејствата за тоа како да се користи поддршката за постигнување најдобри резултати за децата. Почнав да му покажувам на Мајкл одредени луѓе од книга и прашав: „Дали е ова момче или девојче?“

Д-р Спенс ја изразува важноста на учењето на децата за женските и машките анатомии. За децата со аутизам, ова е од помош со цел тие да можат да се заштитат себеси и за да не ги допираат другите несоодветно. Испечатив слики од човечко тело и го прашав да го покаже пенисот. „Едуцирајте го детето со план соодветен на возраста за допирањето и користете директен едноставен јазик“, вели Денис Дебау, поранешен приватен детектив, кој 25 години тренирал професионалци за криминална правда, полицајци и вработени во итни служби во однос на тоа како да препознаат и да одговорат на луѓе што имаат аутизам. Тој, исто така, е татко на син со аутизам. „Отфрлете ги детските термини“, вели тој.

Потоа на Мајкл му ги покажав симболите за „стоп“, „не допирај“, кои д-р Спенс ги препорачува.

„Ако некој го допира твојот пенис под облеката или над и ти не го сакаш тоа, ќе му речеш – НЕ – или – НЕ ДОПИРАЈ“, му кажав. Направивме и вежба со допир на неговата нога. Му реков дека ќе ја допрам неговата нога, а тој ќе ми каже НЕ или да не го допирам. Ја завршив лекцијата со тоа што го охрабрив Мајкл секогаш да ми кажува мене или на татко му ако некој се обиде несоодветно да го допира.

Како да го заштитите вашето дете со посебни потреби

Како родители, експертите велат дека треба да размислуваме за тоа кој може да ги смета нашите деца за мета, со цел да ги заштитиме од потенцијални злоупотребувачи. Ова е особено точно бидејќи дел од децата не можат да го вербализираат тоа кога некој прави тие да се чувствуваат непријатно. „Не плашете се да ги прашувате луѓето што се со вашите деца директни прашања. Повеќето злоупотребувачи и насилници се некои што детето ги познава. Тоа е универзална вистина и за типичните и за невротипичните деца“, вели д-р Спенс.

Одржувајте го разговорот

Откако тајмерот заврши, по разговорот со Мајкл, не сум сигурна дали нешто од тоа остана во неговите мисли, но знам со сигурност дека ќе мора повторно да разговараме за ова, и тоа неколку пати. Бидејќи нашите деца со посебни потреби се ранливи и нема јасен индикатор за тоа кој сè може да биде предатор, од круцијално значење е да работиме на пронаоѓање начини за одвивање на овие разговори, да ја надградуваме конверзацијата како што децата созреваат и да креираме ресурси за да им помогнеме.

На крајот, има нешто на кое секогаш можеме да се потпреме – тоа е родителската интуиција. Како што вели д-р Спенс: „Кога вашето внатрешно чувство ви го кажува тоа, секогаш слушајте го и следете го“.

Автор: Џенифер Џеј Палумбо

Извор



912

X