Кога детето е доволно големо за да користи нокшир, тоа е и доволно големо за да го имитира и она што ќе го направите потоа. Оставете го да ја гледа вообичаената рутина за одење во тоалет, која го вклучува и делот за миење на рацете. Ако ве гледа дека го правите тоа, најверојатно ќе почне да го поврзува миењето на рацете со одењето во тоалет. Нека се качи на столче за да го дофати лавабото, па помогнете му и со водата и сапунот.

За да се поттикне ваквото однесување, можете да му дадете награда, на пример, ѕвездичка, стикер за пофалба или прегратка. Подобро е да се одделат наградите за голема нужда и миење на рацете, па во случај ако заврши со големата нужда, а не запомни да ги измие рацете, сепак успеал да постигне нешто. За да биде целиот процес позабавен, можете да креирате специјални пешкири или марамчиња, кои би се користеле само откако ќе се заврши големата нужда и ќе се измијат рацете. По некое време миењето на рацете по вршењето голема нужда ќе се одвива автоматски.

Ако вашето дете неодамна почнало да го користи нокширот, ќе ви треба поинаков пристап. Дајте му добра причина да се измие. Нека знае дека може да се разболи (со настинка, на пример) ако допре бактерии и потоа ја допира устата. Не предизвикувајте му нервоза за допирањето бактерии (ако сакате да ги мие рацете постојано), но научете го да ја практикува навиката на миење на рацете секогаш кога ќе биде вклучен во нешто поради кое рацете би можеле да му се извалкаат, на пример, кивање, кашлање, користење на тоалет, играње надвор и контакт со нечистотии.

Исто така, научете го да ги мие рацете пред да јаде, да ги мие во градинка, а и кога е на гости кај некој пријател. И погрижете се вие да бидете модел за добро однесување, покажувајќи му дека и вие редовно ги миете рацете.

Автор: Дејвид Гелер, педијатар



912

X