Игротека

Како да го наговорите детето да го испие лекот?

Знаете дека вашето дете треба да се напие лек, односно педијатарот ви препишал антибиотици седум дена, трипати на ден, на секои осум часа. А вие веќе сте „паднале“ на првото давање. Детето едноставно не сака да го голтне сирупот, со кој за неколку дена би се решило гнојното болно грло. На детето не му е јасно дека ќе му биде подобро откако ќе го испие лекот, свесно е само за „одвратниот“ вкус на сирупот што му го нудите.

Како да биде поедноставно и поуспешно давањето на лекот?

Се разбира, секогаш можете да посегнете по некој сладок сок, чај, шеќер или храна што ќе ја измешате со лекот, но не треба сите лекови да се мешаат на овој начин и треба да се внимава детето да ја испие препорачаната количина од лекот.

Погрижете се секогаш да ги следите упатствата на пакувањето за дозата и начинот на внесување, а потоа користете некои од овие родителски трикови:

1. Измешајте го лекот со нешто друго

Ова прво го пробуваат сите бидејќи е логичен избор, бидејќи децата не го сакаат горчливиот вкус на лековите. Шеќер, мед, сок, чај, јогурт, пудинг, млеко може да помогнат, но задолжително консултирајте се со вашиот лекар за секој лек пред да го направите тоа. Секогаш погрижете се вашето дете да го пие или да го јаде она што сте го подготвиле за да ја земе потребната доза.

2. Променете го пакувањето на лекот

Наместо да го мешате лекот пред децата со нешто друго, сменете го неговиот изглед.

3. Оставете ги сами да го земат лекот

Понекогаш децата сакаат да ги имаат работите под контрола. Кога сте упорни или под притисок, вашето дете можеби нема да сака да соработува поради тоа. Обидете се да го ставите лекот во неговиот шприц, кажете му дека е посебен сок и оставете го само да го шмука.

4. Пробајте друг бренд

Веќе знаете дека можете да купите парацетамол од различни производители. Ако детето навистина не сака да го земе, можеби некој друг бренд ќе има подобар вкус и поголем успех.

5. Мито и корупција

Можеби не го сакате овој начин, но ако не ви успева ништо друго, тогаш малата награда може да направи чуда. Обидете се да избегнете да го направите ова вообичаен метод на убедување, но користете го само како последно средство. Колачињата, чоколадото, бонбоните или палачинките можат да бидат одличен мотиватор.

6. Продолжете да се обидувате

Како што расте вашето дете, ќе забележите дека некои битки повеќе нема да бидат толку тешки. Дете кое последен пат кога му дадовте сируп не сакаше да го пие лекот од шприц, сега кога повторно е болно можеби нема да има проблем со шприцот. Можеби неговиот вкус повеќе нема да му биде одбивен, па затоа секогаш прво обидете се преку „нормалниот пат“ и објаснете му на детето како се консумира лекот. Дури откако ќе наидете на одбивање, користете ги сите трикови.

Што не треба да правите?

Никогаш не затнувајте му го носот на вашето дете за да ја отвори устата, за вие брзо да го истурите лекот во неговото грло. Освен што создава уште посилен отпор кај детето, може и да се задави, а понекогаш и да ја исфрли содржината од желудникот.

Ако му го давате лекот со пластичен шприц, не стискајте го директно во грлото. Стиснете го кон внатрешната површина на образот, а при давањето на лекот обидете се да избегнете контакт со чувствителните делови на усната шуплина (иритацијата на непцето и задниот дел на јазикот со лажица предизвикува нагон за повраќање).

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top