Мотивирањето на партнерот да биде вклучен во грижата за детето може да биде предизвик, но е исклучително важно за еднакво родителство и благосостојба на детето. Еве неколку практични чекори кои можат да ви помогнат да ја постигнете оваа цел.

Бројот на часови што жените ги поминуваат работејќи надвор од домот е зголемен, а зголемено е и времето со децата, додека времето кое многу татковци го поминуваат во грижата за децата не се зголемува со исто темпо. Дури и некои од најпрогресивните парови кои еднакво ги делат родителските обврски се соочуваат со оваа нерамнотежа кога родителството ќе стане реалност.

Потребни се решенија кои не зависат од чекање општеството да направи радикални промени во ставовите, кои сè уште се прилично традиционалистички. Секое семејство е различно, но еве неколку стратегии што можат да бидат од помош.

Научете да слушате – потенцирајте ја отворената комуникација

Кога внимателно слушаме некого, покажуваме дека се грижиме за таа личност и нејзиното мислење.

Без разлика како досега сте разговарале со партнерот, нема начин да се заобиколи потребата од континуирана комуникација. Кога ништо не се менува по разговорот, или промените се привремени, претпоставете дека тоа значи дека постојат пречки што го спречуваат да го промени неговото однесување. Првиот чекор е да продолжите да зборувате, да продолжите да истражувате што спречува трајни промени.

Една вообичаена пречка што треба да се земе предвид е тоа што вашиот партнер чувствува дека го напаѓате и критикувате.

Корисно е ваквите разговори да се водат во моменти кога сте смирени, а не кога емоциите се силни и можат да доведат до расправии. Наместо тоа, одберете го вистинскиот момент кога не сте во афект и ситуацијата е идеална за разговор кој покажува дека го цените и почитувате партнерот. Запомнете дека начинот на кој кажуваме нешто може да има големо влијание врз тоа како ќе се разбере или прими, затоа размислете однапред за да звучите љубезно и полни со разбирање.

Друга потенцијална пречка би можеле да бидат неговите лични стравови и несигурности кои не ги изразил затоа што се срами. Ако му недостигаат добри примери за татковска фигура, тој може да се чувствува неподготвен за неговата нова улога.

Методи за успешно слушање

  • Активно слушајте;
  • Не прекинувајте го кога зборува;
  • Давајте невербални сигнали како контакт со очи, насмевка и повремено кимање со главата.

Делегирајте задачи

Семејството можеме да го гледаме како машина чиј механизам работи автоматски на начин на кој сите се навикнати, без разлика дали е здрав или не. За да се промени нездравиот начин на функционирање, едно лице треба да го започне процесот на промена, кој потоа го става во движење остатокот од „машината“ да работи поинаку.

За ова е потребна комуникација и инструкции за промена и решавање на проблемите. Кога вашиот партнер ќе направи промена, кажете му дека ја забележувате промената и секако, пофалете го. Промените се тешки, а искажувањето благодарност може да ја зголеми веројатноста дека партнерот ќе ја задржи промената и таа ќе го отвори патот кон идни промени.

Реалноста е дека можеби ќе треба да престанете да ги извршувате повеќето од обврските за да го мотивирате да направи повеќе. За многу мајки, ова може да предизвика вознемиреност за повлекување од родителските должности. Ако е така, изберете задача од која лесно можете да се откажете за да го олесните процесот на транзиција.

Заклучокот е дека вие и вашиот партнер треба да работите заедно за да создадете структура на јасни очекувања во однос на тоа колку секој член придонесува во грижата за домот и вашето дете.

Првиот чекор е да се биде многу јасен за сите задачи што го сочинуваат водењето на домаќинството, вклучително и грижата за децата. Ако ништо друго, прегледот на сите секојдневни задачи потребни за одржување на домот и воспитувањето на детето објаснува зошто сето тоа изгледа толку тешко.

Запомнете дека ова не мора да го правите сами и дека не е ваша работа да го „поправите“ однесувањето на сопругот. Ако сте во можност, побарајте помош од професионални лица кои може да ви помогнат.

Извор



912

X