Не можете да ја игнорирате популарноста на „Инстаграм“, ниту важноста на социјалните мрежи воопшто.

Децата, тинејџерите и младите ја сакаат оваа апликација бидејќи промовира креативност и им дава можност да се изразат на свој начин. И покрај сите придобивки, „Инстаграм“ може да биде и потенцијална опасност за децата.

Зошто? Демнеат опасности од сите страни, од педофилија до негативни коментари од околината со кои децата не можат да се справат, а понекогаш и изнесувањето на приватноста може да го наруши семејниот живот (грабеж, киднапирање, следење). За да не дојде до тоа, „Инстаграм“ неодамна објави корисен водич изработен во соработка со Американскиот институт за деца. Родителите можат да го прочитаат упатството за да дознаат повеќе за ажурираните безбедносни алатки, поставките за приватност и др. Еве што треба да знаат родителите за да ги заштитат своите деца што користат „Инстаграм“.

Децата можат да се поврзат со кој било на „Инстаграм“ – инстаграм-корисниците имаат две опции што се наоѓаат во делот „Приватност на профилот“: јавен и приватен. Секој корисник може да гледа и да следи јавен профил. Препорачливо е децата да имаат приватни профили бидејќи никогаш не знаете кој би можел да комуницира со фотографиите и видеата на вашето дете или да им испраќа несакани пораки и коментари.

Инстаграм-корисниците често се стремат кон совршенство – „Инстаграм“ има опции за лајкови, што ја претвора платформата во натпревар за популарност. Тоа може да му наштети на детето, да ја изгуби самодовербата и сигурноста во себе. На децата им е многу тешко да разберат дека она што го гледаат на „Инстаграм“ и не изгледа баш така во реалноста. Филтрите и алатките за уредување фотографии можат да го променат изгледот на една личност, а тоа може да создаде желба за недостижно совршенство кај децата.

Децата може да наидат на несоодветна содржина – почетната страница на инстаграм-корисникот се состои од фотографии и видеа на луѓе што ги следи корисникот. Но, децата исто така можат да се движат низ опцијата „Истражувај“, која бара јавна содржина заснована врз интересот и интеракцијата на вашето дете. Тие исто така можат да бараат фотографии користејќи хаштази (категории на специфични теми). Поради природата на апликацијата, децата може да наидат на луѓе кои учествуваат во опасни предизвици, кои шират предрасуди и расистички ставови, а тоа може да влијае врз свеста на децата и може да биде многу опасно.

Како можат родителите да ги заштитат своите деца?

Децата на возраст под 13 години не смеат да користат „Инстаграм“ без согласност на родителите, согласно Законот за заштита на приватноста на децата на интернет. „Инстаграм“ сега ги обврзува корисниците да го внесат датумот на раѓање при регистрација. Тие неодамна објавија употреба на вештачка интелигенција и технологија за машинско учење за да се разбере реалната возраст на корисниците (бидејќи луѓето понекогаш лажат за датумот на раѓање).

– Отворено разговарајте за „Инстаграм“ – психолозите ги советуваат родителите да разговараат со своите деца што е можно повеќе и да им објаснат како всушност работи оваа апликација. Дека фотографиите се наместени и дека целиот свет на „Инстаграм“ не е реален. Зборувајте за опасностите и кажете им на децата што може да им се случи.

– Ажурирајте ги нивните поставки за приватност – За разлика од јавните профили, кои секој може да ги гледа, приватните профили се достапни само за вашите пријатели (следбеници). Само одобрените корисници можат да ги прегледуваат сликите и приказните на вашето дете. Можете лесно да поставите приватен профил, и ова во голема мера ќе придонесе за безбедноста на вашето дете. Вие контролирате кого го следат децата, каква содржина ставаат и со кого комуницираат (дали може да бидат мета на педофили).

– Блокирајте несакана содржина – „Инстаграм“ овозможува функција со која можете да блокирате и ограничувате содржина, што помага дополнително да го заштитите вашето дете. Блокираното лице никогаш нема да биде известено и може да се одблокира во кое било време.

– Ограничете ги коментарите, објавите и статусот на активност – инстаграм-корисниците можат да изберат кому му е дозволено да ги коментира објавите, без разлика дали тоа е никој, секој или само нивните следбеници. Ова е особено важно за децата, со цел да се зголеми нивната безбедност, а исто така и со цел родителите да бидат безгрижни.

– Ограничете го времето што детето го поминува пред екранот – Имате опција да проверите колку време бил активен корисникот. Ова е одлично за родителите, кои им дозволуваат на своите деца одреден период да го поминат користејќи ја оваа апликацијата. Дозирајте го времето што децата го поминуваат на социјалната мрежа и на многу лесен начин проверете дали го почитуваат договорот.

– Исклучете ги поставките за локација – инстаграм-корисниците можат да ја означуваат нивната локација секогаш кога објавуваат содржина. Разговарајте со вашиот тинејџер за тоа. Може да му дозволите да објавува општи живеалишта (како што се градови или држави) наместо специфични места (како што се имиња на ресторани или улици). Можете, исто така, да ги исклучите поставките за локација, особено ако сте загрижени за потенцијални опасности.

– Охрабрете ги децата да пријавуваат насилство – чест е примерот кај малолетниците да се соочат со насилство и сајбер-булинг кога станува збор за социјалните мрежи. Разговарајте со децата и укажете им на потенцијалните опасности што можат да им се случат и потенцирајте им дека тие секогаш ќе ја имаат вашата поддршка.

Во текот на годините апликацијата имплементира многу безбедносни карактеристики за да ги заштити своите малолетни корисници. Еве некои од најновите, објавени во март 2021 година:

– Возрасните не можат да испраќаат директни пораки до тинејџери на возраст под 18 години, освен ако тинејџерот ги следи.

– Тинејџерите ќе бидат информирани секогаш кога возрасно лице, кое се однесува сомнително, ќе се обиде да комуницира со нив. На пример, ако возрасно лице постојано испраќа барања за пријателство или пораки до луѓе на возраст под 18 години, „Инстаграм“ ќе ги извести децата дека треба да го блокираат корисникот.

– „Инстаграм“ на неколку начини ги охрабрува тинејџерите да создадат приватен профил. На возрасните ќе им биде потешко да најдат профили и содржина за тинејџери.

Извор



912

X