Овој вид кариес исто така се јавува и при јадење цврста и леплива храна богата со шеќери, како што се карамели, чоколади, чипсови…
Раниот детски кариес или т.н. кариес од шишенце претставува брзо напредувачки деструктивен процес кој ги зафаќа млечните заби. Овој кариес обично се јавува кај доенчињата или кај децата од претшколска возраст, најчесто од 18 месеци до третата година. Настанува како резултат на прекумерна употреба на цуцли и шишиња за хранење, прекумерна употреба на млеко и млечни формули, овошни сокови, чаеви и други течности што содржат голема количина на шеќери, и кои вообичаено ги земаме пред спиење или за време на претпладневната дремка кај детето. Овој вид кариес исто така се јавува и при јадење цврста и леплива храна богата со шеќери, како што се карамели, чоколади, чипсови… односно храна со висок т.н. кариоген потенцијал, која обично ја јадеме пред спиење без соодветна орална хигиена и четкање на забите.
Развој, локализација и етиологија
За разлика од кариесот кај трајните заби, кој се јавува на џвакалните површини, раниот детски кариес ги зафаќа мазните површини (кариес имуни места) на забите, обично вестибуларните и палатиналните површини на горните предни заби, а потоа брзо се проширува и на останатите заби. Долните предни заби, односно инцизивите, поретко ги зафаќа овој вид кариес бидејќи во овој дел од устата има поголем проток на плунка, а е поинтензивно и самочистењето со јазикот.
Како настанува овој кариес?
Честото и долготрајно изложување на забите на шеќери додека детето спие, период во кој протокот на плунката е најмал, им овозможува на бактериите во устата да се активираат. Тие кариогени бактерии ги разложат шеќерите до киселини, а пак тие предизвикуваат омекнување, деминерализација на тврдите забни супстанции, односно емајлот на забот, поради што доаѓа до бело кредасто пребојување на предните заби.
Доколку ваквата состојба не се препознае навреме и не се санира, процесот почнува да се развива до уништување и до темнокафеаво пребојување на забите, придружено со создавање на големи кавитети. Затоа заштитата секогаш треба да биде на прво место.
Совети за заштита
Заштитата главно е насочена кон едукација на родителите, како и на децата уште во раната возраст. Постојат повеќе превентивни мерки и совети што родителите треба да ги применуваат:
– Намалување на ризикот од инфекција на детето со кариогени бактерии. Тоа се прави на два начина – преку подобрување на оралната хигиена на мајката/негувателката на детето, со што се редуцира нивниот број, и преку спречување на пренос на бактериите од мајката на детето. Тоа може да се оствари само доколку мајките не делат лажички со своите деца, ако не ги ставаат во својата уста цуцлите за да ги исчистат откако ќе паднат или слично.
– Непцата на детето треба да се исчистат со стерилна вата или газа по секое јадење за да се отстранат остатоците од храна, а доколку веќе има еруптирани заби, уште со самото никнување треба да се почне со четкање само со четка и вода.
– Кога детето ќе биде способно да плукне и ќе може да се контролира да не ја голта пастата за заби, може да се почне со употреба на четка и паста за заби. Количината на пастата не треба да биде поголема од зрно грашок и најдобро би било доколку пастата е флуорирана.
– Да се избегнува пиење течности со висока количина на шеќери со шише пред спиење. Кај децата што се навикнати и не можат да заспијат без шише со млеко, потребно е полека да се разредува млекото со вода, сè додека постепенo не се дојде до чиста вода. Предвидената количина на млеко што треба да ја испие детето треба да му се даде наутро, така што вкусот на полно млеко наутро ќе го одвикне од лошата навика.
– Навикнување на детето да пие од чашка по навршување една година.
-Доколку детето сè уште е мало и цица цуцла-лажалка, таа не треба да се натопува со шеќер или мед, метод кој обично го користат кај деца што се плачливи за да ги смират.
– Создавање навики за здрава исхрана богата со овошје, зеленчук и житарки со полни зрна, а десертите да се дават по главните оброци.
– Соодветна употреба на флуор, за што родителите треба да се информираат кај својот матичен стоматолoг.
912