Бидејќи технологијата станува сè попривлечна, може да биде предизвик да се извлечат децата надвор на свеж воздух. Како родители, сите знаеме колку е важно за менталното здравје да се биде активен физички и да се менува околината секој ден. Понекогаш, на сите ни е потребна мала помош да ги натераме нашите деца да спроведуваат активности на отворено.

Ова се совети кои ќе ви помогнат во тоа:

Излегувањето надвор наречете го авантура

Освен ако вашите деца не се кученца, зборот „прошетка“ веројатно не им влева премногу возбуда. Зошто да не го промените наративот и да го прашате вашето семејство дали наместо прошетка, сакаат да излезат во авантура? Со правилен пристап можете да направите позитивен спин на излегувањето надвор и брзо ќе откриете дека и вашите деца почнуваат да се возбудуваат повеќе.

Може да функционираат и изразите како: бегство, мисија и експедиција.

Смислете лов на богатство

Кој не сака лов на богатство? Ако сакате да го зголемите нивото на вашата експедиција, зошто да не одите малку понапред од вашето дете и да фрлите чоколадни монети или други „богатства“ кои детето може да ги бара? Совршено е за подолги прошетки, а и додава чувство на цел.

Препорачуваме чоколадни монети, мини-кутии со суво грозје или чоколадни колачиња.

Ако не сакате да ги отповарите со шеќер, може да организирате еден вид екоакција? Она што тие ќе го бараат ќе варира од сезона до сезона, но примерите вклучуваат одреден вид лист, желад или дури и слушање птици. Ова можеби на почетокот нема да вклучува толку голем ентузијазам, но направете го како натпревар и ќе ги заинтересирате за кратко време.

Имајте сѐ што ви треба во случај на спонтано добро време

Како што сите знаеме, може да биде невозможно да се предвиди кога времето ќе биде доволно добро за семејството да излезе на отворено во овој период. Подобро е да имате со себе реквизити оставени во багажникот на автомобилот, во случај да бидете изненадени.

Играчки за на отворено, топка за фудбал, ќебе за пикник, дури и тениски рекети и топки – тие воопшто не заземаат многу простор, но многу полесно ќе ги натерате вашите деца да излезат од автомобилот и да влезат во парк кога е сончев денот.

Застанете и истражувајте

Ако имате бебе или малечко дете во вашите раце, поттикнете ја неговата љубопитност за воодушевувачкиот отворен простор со застанување и погледнување наоколу – да, кога и да посака детето. Може да ја претворите 30-минутната прошетка во двочасовна експедиција, но децата ќе уживаат во времето надвор многу повеќе ако им се даде време да истражуваат.

Обидете се со промена на средината

Секој парк содржи низа различни потенцијални авантури кога сте под 12 години, затоа не плашете се да пробате некое ново место ако вашите деца изгледаат неволни да излезат надвор. Никогаш не се знае, тој парк што никогаш претходно не сте го посетиле може да ги има најдобрите реквизити за деца.

Зошто да не разговарате со семејството и пријателите за тоа каде сакаат да одат и зошто, па дури и да ги натерате да ви покажат каде се шетаат еден ден? Некои паркови имаат скриени богатства што е тешко да ги најдете сами, па затоа е секогаш добро да споделувате совети и искуства.

Ако нема алтернативни паркови во близина, едноставното менување на вашата вообичаена рутина може да направи огромна разлика. Обидете се да се упатите преку друг влез или да шетате околу езерото на другата страна.

Тротинетите прават сè да биде позабавно

Ако можете да ги задржите вашите нерви додека децата исчезнуваат (алармантно) брзо во далечината, тротинетот е одличен начин да ги поттикнете вашите деца да поминуваат време на отворено. Покрај тоа што е многу забавно за нив, тоа дефинитивно се брои како вежбање, и е одличен начин за развивање на нивната рамнотежа и моторни вештини.

Нека се фатат за работа

Дали треба да се упатите во градината за да засадите нешто ново? Или треба добро да се измие автомобилот? Ако имате работа на отворено што треба да ја завршите, зошто да не ги вклучите вашите деца? Тие ќе сакаат да се чувствуваат корисни и веројатно ќе ја завршите работата малку побрзо.

Обидете се да летате змеј

Доста ви е да ги храните патките? Секогаш кога времето дозволува, треба да ја канализирате вашата внатрешна Мери Попинс и да одите да летате змеј. Традиционално и секогаш смешно, тоа е одличен начин да го извлечете целото семејство од куќата и да направите нешто разлчино.

Искористете го максимумот од сезоната

Посетата на локалниот парк во различни периоди во текот на годината може да изгледа како да откривате сосема ново место и нема ништо како промена на сезоната и годишното време за да го зголемите вашето ценење на природата.

И сега можеби ќе имате сосема поинаков проблем

Планот е, се разбира, да ги натераме децата толку многу да уживаат надвор што не нема да сакаат да се вратат внатре. Ако водите борба да ги вратите во автомобилот или куќата, обидете се да размислите позитивно – тоа значи дека тие се забавуваат.

Плус, еден дополнителен бонус е тоа што свежиот воздух ќе ги измори, па потоа ќе спијат многу добро.

Автор: Попи О’Нил

Извор



912

X