Воспитување

Како да ги спречите тинејџерите да прават избори од кои би можеле да настрадаат

Децата ќе носат глупави одлуки во животот. Тоа е само дел од растењето. Но, постои разлика помеѓу лошите одлуки и одлуките кои се опасни за живот – и бидејќи технологијата е основен столб во животот на повеќето деца во денешно време, тие лоши одлуки стануваат многу полесно и опасни.

Еден алармантен пример е приказната што ја раскажала д-р Лаура Берман, познат терапевт за врски, за тоа како нејзиниот син бил отруен. 16-годишниот Семи починал поради опасната одлука што ја донел на платформата „Снепчет“ – одлука што ја носат и многу други тинејџери, без целосно да ги сфатат можните последици.

Разбирањето како може да се случат такви инциденти е од клучно значење во развојот на стратегии за да ги спречиме нашите деца да прават избори што би можеле да им ги загрозат животите.

Во една епизода од поткастот на „Јор Танго: Отворени односи: Заедничка трансформација“, д-р Берман вели: „Сите деца носат глупави одлуки, нивниот префронтален кортекс не е целосно развиен, тие не можат да ги измерат последиците од нивните постапки. Нивната импулсивност е на самиот врв и тие очајно сакаат да се поврзат“.

Во нејзиниот случај, нејзиниот син купувал лекови преку „Снепчет“ и веројатно претпоставил дека се едноставни лекови кои одат и на рецепт, како што може да се добијат од фармацевт. Но, не било така. Што и да мислел дека купува, излегло дека пилулата содржи толку многу фентанил, што тој починал во својата соба додека неговото семејство правело хамбургери во кујната.

Приказната на Семи илустрира како навидум нискоризичните онлајн интеракции може да доведат до последици кои се опасни за живот, а д-р Лора сака сите родители да научат од нејзината загуба и искуство.

Ова се пет начини со кои може да ги спречите вашите деца да донесуваат лоши одлуки:

Зборувајте и практикувајте отворена комуникација

Основата на секоја стратегија за заштита на нашите деца е отворената комуникација. Воспоставувањето неосудувачки и доверлив однос со нашите деца ги охрабрува да ги споделат своите искуства, грижи и предизвици.

Редовно проверувајте ги за нивните онлајн активности, пријателите и сите потенцијални средби што можеби им создале непријатно чувство. Редовното зборување ни помага да разбереме што се случува во нивните животи и покажува дека се грижиме за нив. Иако не постојат гаранции дека ако сте ангажиран родител, тоа сигурно ќе помогне да се спречат трагедии, сепак, поставувањето прашања за емоционалните искуства на децата им покажува дека се грижиме не само за нивниот надворешен успех, туку и за тоа како тие се чувствуваат – дури и кога тие чувства се непријатни или дури и болни.

Тоа им олеснува да дојдат кај нас за совет или помош кога им е потребна, особено кога се занимаваат со работи што може да бидат непријатни или ризични на интернет.

Одвојте време за едукација за дигитална писменост

Едукацијата на нашите деца за потенцијалните ризици од онлајн интеракциите е од суштинско значење. Научете ги како да ги идентификуваат и избегнуваат опасните ситуации, вклучувајќи ги и опасностите од купување супстанции преку интернет. Потсетете ги дека не постои такво нешто како „безбеден“ лек купен на друго место освен во аптека.

Нагласете ја важноста од потврдување на веродостојноста на информациите и изворите, пред да се донесат какви било одлуки, дури и ако се работи за едноставно купување производи преку интернет. Практиката на потврдување дека ги купувате вашите слушалки, дизајнерски чевли или што било друго важно од реномиран и автентичен извор е корисна кога станува збор за многу поголеми одлуки, како на кого да му верувате онлајн кога станува збор за политика, здравствени информации и, да, дури и лекови.

Ова образование треба да го опфати значењето на проверката на фактите и потврдувањето на информациите, пред да донесете какви било одлуки. Со рано всадување на овие навики, ние ги поттикнуваме нашите деца одговорно да се движат низ огромниот дигитален пејзаж.

Многу образовни институции и онлајн платформи нудат курсеви специјално дизајнирани за родителите да останат информирани за овие работи.

Поставете строги граници

Воспоставете јасни упатства за користење на социјалните медиуми и технологијата. Следете ги апликациите и веб-локациите до кои вашите деца имаат пристап и поставете ограничувања соодветни на возраста.

Спроведувањето на ограничувања соодветни на возраста помага да се создаде дигитална средина што се усогласува со нивоата на зрелост на нашите деца. Со воспоставување на овие граници, обезбедуваме рамка што го води нивното однесување на интернет и ги штити од потенцијално штетни содржини или интеракции.

Свесноста за потенцијалните последици од кршењето на овие правила го засилува значењето на одговорното онлајн однесување.

Охрабрете ги да пријават какви било сомнителни активности или интеракции и информирајте ги за потенцијалните последици од кршењето на овие правила. Овој проактивен пристап не само што помага да се спречат непожелни ситуации, туку и ги овластува нашите деца да бидат будни и остроумни корисници на технологијата.

Бидете свесни за апликациите

Да се остане добро информиран за постојано менување на пејзажот на социјалните медиуми е од клучно значење за родителите кои сакаат да ја осигурат безбедноста на своите деца на интернет. Со тоа што ќе останат во тек со најновите апликации и трендови, родителите можат да стекнат сеопфатно разбирање за платформите со кои се занимаваат нивните деца. Ова знаење е од суштинско значење за препознавање на потенцијалните опасности и процена на ризиците поврзани со одредени онлајн простори

Негувајте критичко размислување – и практикувајте го често

Овозможете им на вашите деца да размислуваат критички за информациите со кои се среќаваат на интернет. Научете ги да се сомневаат во легитимноста на понудите, пораките и рекламите. Со поттикнување скептичен начин на размислување, вие ги опремувате со алатките кои се потребни за да донесат информирани одлуки и да избегнат да станат жртва на онлајн ризиците.

Трагедијата што ја доживеа д-р Лаура Берман служи како потсетник дека мораме да бидеме проактивни во заштитата на нашите деца од опасностите на онлајн интеракциите. Можеме да ги поттикнеме нашите деца да прават сигурни избори и да ги заштитиме од последици потенцијално опасни за живот кои произлегуваат од лошото одлучување.

Автор: Деуна Роан

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top