Иако овој период од годината за сите претставува време за семејството и најблиските, всушност, е и најголем предизвик кога е во прашање изборот, но и количината на намирници што се наоѓаат на нашата трпеза, а и во нашиот дом.

Организација на оброците како прв чекор

Во овој период, како и во текот на целата година, важно е однапред да се планираат оброците и така соодветно да се купуваат. Иако сме навикнати за празниците на трпезите да има повеќе храна од вообичаено, паметно проценете кои количини ви се потребни, бидејќи колку повеќе храна има, толку повеќе ќе изедеме.

Паметното купување е клуч на успехот

Секогаш одете да пазарувате со листа со неопходни намирници и никако не дозволувајте да земете нешто надвор од тоа. Во текот на празниците повеќе купуваме слатки и сокови, па доколку сепак се одлучите за нив, ограничете ја количината на само еден сок или еден вид слатки. Колку поголем избор имате дома, вашите деца ќе имаат непотребна количина лоши намирници на дофат на рацете.

Личниот пример е најдобар

Прејадувањето во текот на празниците е образец на однесување кој и самите сме го усвоиле во својата најрана младост. Ако сакате вашите деца да усвојат правилни обрасци на исхрана, вистинско време е на тоа да ги научите додека се млади, но и со својот личен пример. Немојте да се прејадувате пред своите деца, туку јадете вообичаено како и секогаш. Празниците би требало да бидат идеален период од годината да промените некои лоши навики, како и да ги отфрлите непотребните намирници од своето мени.

Не заборавајте на физичката активност

Овој период од годината главно се врзува за пасивните активности, гледање ТВ и седење дома. Секој ден направете излет, шетајте во природа, смислете некоја заедничка семејна активност каде што сите ќе бидете активни. Доколку можете, одете надвор од градот, па здравиот воздух во комбинација со физичка активност на вистински начин ќе ви го зајакне организмот и ќе го подготви за нови предизвици.

Не менувајте ја динамиката на оброците

Она што во текот на празниците најпрво го правиме е да го нарушиме бројот, но и динамиката на оброците. Често сите се прејадуваме на еден оброк, па ги прескокнуваме оброците, а родителите им дозволуваат на децата да грицкаат сè и сешто во текот на денот, па кога ќе дојде време за главниот оброк, децата веќе се прејадени и не јадат. Научете ги да јадат кога е време, и тоа здрава и квалитетна храна, а дури потоа можете да ги почестите со некоја од намирниците што ги сакаат, се разбира, во ограничена количина.

Водете сметка за комбинацијата на намирници

Иако често слушаме дека сите намирници одат во истиот стомак, важно е одредени намирници да ги јадете посебно за да се избегне намалена апсорпција, па дури и долгорочно отежнато варење. Многу вакви комбинации секојдневно ги консумираме, па често и се двоумиме од каде ни е чувството на тежина во стомакот.

Кои комбинации се најтешки за стомакот

Млеко со банана или млеко со плазма е чест избор, но многу тешка комбинација, особено ако се консумира пред спиење. Овошјето и јогуртот, но и млечните производи со салата, како на пример шопска, се оптоварувачки за стомакот. Исто така, грешиме кога јадеме леб и мармалад поради високото ниво на шеќер, како и мешањето месо и скроб, тестенини и комбинации од месо и компир. Треба да се јадат повеќе салати богати со разновиден зеленчук.

Не воведувајте нови намирници во текот на празниците

Често знаеме да експериментираме со намирници што претходно не сме ги пробале. За да избегнете потенцијални несакани реакции, избегнувајте нови намирници, како во вашата така и во детската исхрана за време на празниците.

Соковите не се замена за вода

Децата пијат многу сокови за време на празниците, забораваат да пијат вода, па тоа дополнително го дехидрира организмот. Обрнете внимание на тоа децата да внесуваат доволно течности, но во вкупниот биланс да се смета чистата вода, како и незасладена лимонада или чај.

Празниците се идеално време за семејството, за планирање и уживање

Искористете ги празниците на најдобар можен начин, одморете се, уживајте, планирајте нови активности, но храната нека ви биде избор, а не потрошувач на енергијата. Затоа избирајте здрави, вистински намирници кои на телото ќе му даваат сила, а на вашите деца вистинско гориво за физички и ментален напредок.

Автор: д-р Јована Мајсторовиќ

Извор



912

X