Што го прави карактеристичен светот на децата? Како тие го гледаат животот и ги разбираат поимите? Што сè е потребно да искусат за еден ден да станат среќни и независни возрасни луѓе? Децата не се само ниски луѓе.

Тие имаат свој свет и свои правила, па затоа е важно да се разберат што е можно повеќе и секогаш да се има на ум нивното видување на околината. Тие се индивидуалци и нивниот свет е магичен, па за него би можело да се зборува со часови. Сепак, ни тогаш не би можеле целосно да согледаме како тие го гледаат животот и што сè е неопходно за да видат, дознаат и искусат.

Д-р Товах Клајн, мајка на три мали деца и директорка на Центарот за развој на деца при колеџот „Бернард“ во Њујорк, се обидела преку интересната книга со наслов „Како децата напредуваат: Што родителите можат да направат за на децата помеѓу две и пет години да им го посадат семето на животниот успех“ да одговори на некои од основните карактеристики на детскиот свет. Ви издвојуваме пет работи за малите деца што се малку познати, а многу вредни за да ги разбереме…

Малите деца немаат чувство за време

На сите родители им е јасно дека децата не го разбираат јасно концептот на времето и дека им е тешко целосно да го сфатат значењето на зборовите „задутре“, „вчера“ и слично. Сепак, малку е познато дека структурата на детскиот мозок не е доволно изградена за разбирање на овој аспект од животот. Поради тоа, малите деца живеат во сегашниот момент, па како што вели д-р Товах Клајн во својата книга – „не владеат со вештините кои возрасните веќе одамна ги научиле – како да управуваат со своето време, да ги контролираат своите нагони, да изразат желби, да планираат и да се справат со стресот“. Токму затоа тие нема да сфатат уште колку време имаат за игра во игротеката кога им кажувате дека одите дома за пет минути – единствено што тогаш ќе разберат е дека не тргнувате во тој момент.

На децата светот им е заснован на контрола и моќ

Запрашајте се, за момент, како изгледа светот од перспектива на децата. Тие не можат да одбираат што ќе прават, што ќе јадат, каде ќе одат итн. Родителите го контролираат секое нивно движење. Поради тоа, тие сметаат дека сè се одвива благодарение на контролирањето и поради тоа ќе се обидат и самите да стекнат моќ – ќе одбиваат одредена облека и вид храна, ќе одбиваат да одат на спиење кога ќе им се рече и слично. Затоа д-р Клајн предлага на децата да им се овозможи привид на контролата. Имено, доколку му облекуваме чевли кои секогаш одбива да ги носи, ќе почнете со прашањето дали сака прво да ја облече левата или едната обувка. Важно е на детето да му се понудат повеќе опции и тоа да стекне макар минимална моќ.

Среќата не се достигнува со постојано задоволување

Децата чувствуваат најголема радост тогаш кога се чувствуваат безбедни. Меѓутоа, како што истакнува д-р Клајн, важно е децата да ја препознаат секоја емоција што ќе ја доживеат, макар била негативна. Наместо на детето да му се угоди секојпат кога постои ризик да почувствува негативна емоција, понекогаш би било добро едноставно да се сочувствува со него. На пример, доколку во куќата нема веќе чоколада, не би требало да се истрча во најблиската продавница и да се купи, туку да се седне покрај детето и да се сочувствува со него. Така ќе сфати дека не е толку страшна ситуацијата како што на прв поглед изгледала и дека чоколадата не е неопходна за да продолжи да си игра со другарчињата, да се прегрнува со мајката и слично.

Малите деца понекогаш мора да паднат

Иако родителите се обидуваат на своите деца да им го претстават светот како идеално место во кое нема солзи, препреки и модринки и во кој никогаш нема да ги има, тоа е невозможно. Понекогаш е неопходно и самите деца да искусат како изгледа падот, бидејќи само така ќе станат личности какви што сакаме да бидат – силни и отпорни на неволји.

Денешните грижи се утрешната гордост

Доколку вашето дете е независно, љубопитно, страсно, упорно и тврдоглаво, природно е дека ќе биде тешко да се излезе на крај со него. Сите овие одлики можат да дадат впечаток дека детето не слуша што му зборуваат возрасните и да оди по својот пат. Сепак, зар тоа не е она кон кое секоја возрасна личност се стреми? Д-р Клајн смета дека е важно децата да ги имаат токму овие карактеристики за во иднина да бидат среќни.

Извор



912

X