Кога ќе се вратите дома од породилиште со вашето бебе, по неколку дена можете да очекувате тоа да стане плачко. Наскоро ќе слушнете: „тоа му се грчеви“ и верувајте дека во 99 проценти од случаите токму за тоа се работи. Од тој момент, подгответе се за период без сон, држејќи го вашето бебе поголем дел од денот и пробувајќи различни техники за да го смирите.

Бебињата комуницираат со плачење, а тоа им е јасно на сите. Но, кога плачењето се јавува без очигледна причина кај инаку здраво бебе, тоа значи дека има грчеви. Тоа не е болест, туку предвидлив период за секое здраво бебе бидејќи се работи за развој на цревата.

Епизодите на грчеви често почнуваат во доцните вечерни часови, кога родителите се веќе уморни, па тоа придонесува за фрустрација и исцрпеност. Сепак, постои едно правило кога станува збор за грчевите: се јавуваат најмалку три часа дневно, три дена во неделата и траат најмалку три недели.

Како да ги препознам грчевите кај бебето?

Веројатно на почетокот нема да можете да разберете зошто вашето бебе плаче, но овие симптоми можат да ви помогнат да не губите време обидувајќи се да го смирите вашето бебе, мислејќи дека нешто друго не е во ред:

-Бебето плаче околу три часа дневно, три дена во неделата и три или повеќе недели.
-Епизодите на плачење се случуваат во исто време, секој ден, често навечер.
-Плачот е интензивен, повеќе како крик или лелекање, често во комбинација со изрази на лицето кои откриваат болка.
-Бебето може да плаче без очигледна причина, за разлика од плачењето поради промена на пелена или глад.
-Бебето може да ја стегне тупаницата, да ги зацврсти нозете и рацете, да го заобли грбот или често ги движи рацете и нозете.
-Може да има промена во бојата на лицето на бебето, како што е црвенило на кожата.
-Може да забележите зголемена активност на дебелото црево. -Бебињата чувствуваат олеснување по подригнување или испуштање гасови, што е резултат на голтање воздух додека плачат.
-Бебето може да покаже нервоза дури и откако ќе престане да плаче.
-Тоа може да има лесен сон помеѓу плачењето, па ќе се разбуди, ќе бара да цица и повторно ќе заплаче.

Како да правам разлика помеѓу плачење поради грчеви и нормално плачење?

Не постои јасна дефиниција за да се утврдат разликите помеѓу грчевите и обичното плачење. Сепак, експертите посочуваат дека бебињата што имаат грчеви плачат погласно, поинтензивно и со повисок тон, како да имаат болка. Тие се неутешни и плачат подолго во споредба со вообичаеното плачење, кога престануваат да плачат откако ќе се задоволат нивните потреби.

Причини за грчеви

Тешко е да се утврди точната причина за грчевите, но експертите се сигурни дека тие не се од генетска природа, ниту пак се резултат на нешто што се случило во бременоста или при породувањето. Некои можни теории кои придонесуваат за причината за грчеви се:

-Незрелиот дигестивен систем може да предизвика рефлукс на киселина и гасови кај бебињата.
-Прекумерната стимулација на сетилата може да предизвика стрес кај бебето.
-Ретко подригнување и гасови.
-Нетолеранција или алергија на лактоза или млечна формула која може да предизвика стомачна болка.
-Мигрена во детството.
-Нервен систем кој не е целосно развиен.

Како да му помогнам на бебето?

-Одговорете на потребите на вашето бебе, одговорете на неговиот плач бидејќи тоа може да помогне да се спречи прекумерна стимулација. Држењето и нишањето може да го намалат неговото плачење и да направат да се чувствува посигурно.
-Создајте тивок простор. Ограничете ги посетите и создајте мирна средина која ќе му помогне на бебето да се опушти. Пејте или разговарајте со вашето бебе со смирувачки глас додека го нишате. Можете да користите и бела врева (пронајдете такви звуци на „Јутјуб“), многу родители тврдат дека тоа им помогнало на нивните бебиња.
-Обидете се да го повиете. Завиткајте го вашето бебе во топло ќебе или држете го блиску до градите. Така бебето ќе се чувствува безбедно и сигурно.
-Ставете го вашето бебе на стомак и нежно тријте го или тапкајте го по грбот за да му помогнете да го намалите притисокот во стомакот.

Исто така, можете да му помогнете на вашето бебе да подригнува и да испушта воздух.
-Рефлексот на цицање ги смирува кога се раздразливи, затоа размислете за употреба на цуцла.
-Прашајте го вашиот педијатар за капки или пробиотик, но никогаш не давајте никакви лекови без да се консултирате со професионалец.
-Консултирајте се со педијатарот за промена на формулата, доколку бебето не цица. А доколку доите, внимавајте на исхраната.
-Обидете се да го храните вашето бебе во исправена положба бидејќи тоа може да помогне при подригнување и испуштање гасови.

Кога треба да се јавам на лекар?

Најдобро е да се консултирате со педијатар за проблемите со грчеви. Ќе ги отфрли другите причини и ќе ви помогне да ги олесните проблемите. Исто така, задолжително посетете го вашиот лекар ако:

-Бебешкиот плач е придружен со треска, дијареја, послаби движења или повраќање.
-Плачот на бебето наеднаш се променил.

Автор: Радмила Илиќ

Извор



912

X