Кога имате бебе, вашиот живот навистина се менува. Особено кога станува збор за првото дете, на родителите им треба малку време да се навикнат на новите обврски, па ако детето е малку потемпераментно, тогаш навистина имаат многу работа.

Децата со темперамент и поголеми барања, бараат поголемо внимание, интуиција и трпение, а тоа не е некоја медицинска дијагноза, туку таквите деца се опишуваат како оние што имаат одредено однесување, па според процените, околу 20 отсто од новороденчињата се такви.

Еве какво однесување е карактеристично за бебињата што бараат многу.

Интензивни реакции

Бебињата со големи барања обично реагираат бурно на сè, гласно плачат и постојано протестираат за нешто. Чувствата на бебето се многу очигледни во неговите секојдневни активности и неговите интензивни движења на телото.

Побарувачко однесување

Интензитетот на реакциите на овие бебиња е голем предизвик за родителите. Децата со големи барања сакаат сè веднаш, не можат да чекаат „ниту една секунда“, поради што мајките и татковците понекогаш имаат впечаток дека нивното дете ги контролира со своето однесување.

Хиперактивност

Под овој термин се подразбира дека мускулите и мозокот на бебето се секогаш подготвени да се движат и да научат нешто ново, а тие не сакаат да стојат в место.

Чувствителност на сè

Децата со големи барања се генерално чувствителни и многу свесни за сè што се случува во нивната околина. Поради ова, може да се случи овие малечки да одбијат да останат со некој друг, освен со нивните родители, да не сакаат непознати простори и да реагираат бурно кога нешто им пречи.

Анксиозност од разделување

Бебињата со високи барања многу упорно бараат да бидат само со личноста за која се најмногу приврзани, а тоа е обично мајката. Новите луѓе и новите места им создаваат нервоза на овие малечки, па многу е веројатно дека ќе врескаат доколку некој друг ги земе в раце.

Не сакаат да бидат спуштени

Ваквите бебиња сакаат постојано да бидат во прегратките на мајката и плачат веднаш штом ќе ги спуштите. Тие копнеат по допирот на нивната мајка бидејќи нејзините раце се нивното безбедно место.

Не знаат како да се смират

Додека другите мали деца користат палец или нешто слично за да се смират, бебињата со ваков темперамент бараат нивните родители да ги смират. Ним им треба вашата помош за да заспијат, а само со текот на времето ќе научат да се опуштат и сами да заспијат.

Тешкотии со спиењето

Хиперактивноста и интензитетот, кои се карактеристични за овие бебиња, продолжуваат и ноќе. Нивната неуморност е последица на нивната многу чувствителна природа и фактот дека тие имаат тенденција претерано да реагираат на стимули. Бидејќи вообичаено им треба физички контакт и не можат да се смират, многу им е тешко да заспијат.

Не се задоволни

И покрај вашите максимални напори, се чини дека бебето со големи барања не е задоволно со ништо и дека ништо не му е доволно добро. Тоа е фрустрирачко за родителите, но не грижете се, добро постапувате.

Непредвидливи се

Бебињата со големи барања ги менуваат своите преференции секој ден и нешто што вчера ги радувало, денес ги мачи. Така е и со нивните емоции, често наизменично се менуваат среќата и лутината.

Често хранење

Ваквите бебиња често бараат утеха преку храна, а ова особено се однесува на доењето. Ако забележите дека детето често бара да цица, но јаде само малку, голема е веројатноста дека само треба да се смири покрај мајка си.

Ако го препознаете вашето бебе во сето горенаведено, голема е веројатноста дека сте исцрпени од големите барања на вашето малечко. Со сета љубов и енергија што ја вложувате во сите секојдневни обврски околу бебето, тоа навистина е исцрпувачко.

Но, имајте на ум дека таквиот темперамент на бебето не е ваша вина, ниту пак сте го разгалиле. Не е познато зошто некои бебиња имаат толку почувствителни и поинтензивни темпераменти, но едноставно ги имаат, како што и возрасните имаат свој карактер.

И да, тешко е да се воспитуваат такви деца, исцрпувачко е, но не грижете се, напорните барања на вашето бебе се само привремени. Како што детето ќе расте, тоа ќе се развива емоционално и физички, па ќе станува поконзистентно, понезависно, покомуникативно.

Извор



912

X