Спречете ги несаканите последици од хормоналните промени како што се болка, чешање и појава на стрии на градите.

Од самото зачнување до престанокот со доењето градите постојано се менуваат. Сепак, постојат лесни начини мајките да си го олеснат овој период. Еве неколку совети.

Купете го правилниот градник

Во текот на доењето многу е важно да изберете памучни градници кои нема да ви ги стегаат градите, но обезбедуваат стабилна поддршка. Моделите со корпи и жица не се добар избор бидејќи може да ви предизвикаат болка, но и да пречат во самото доење, односно во производството на млеко. Градниците за доење се удобни и можете да спиете со нив ако ве болат градите во текот на ноќта.

Внимателно изберете крем против стрии

При изборот на препарати за нега на кожата во текот на бременоста и по породувањето предност се дава на агенси што содржат природни состојки – есенцијални масла и екстракти од растенија. Добри се невенот, камилицата, алоето, маслинката, бадемовото масло, авокадото, ши и какао-путерот и пчелиниот восок.

Веднаш по породувањето не треба да нанесувате кремови, ниту масло на градите. Подоцна, кога бебето ќе научи да цица, може да се користат проверени средства за нега. Вештачките супстанции ги затнуваат порите и не ја негуваат кожата, со што кожата станува подложна на стрии.

Внимавајте на исхраната

За да ги спречите стриите, важно е да јадете правилно. Треба да пиете што е можно повеќе течности и да јадете овошје и зеленчук, односно храна што содржи витамин Е и Ц, но и храна што содржи протеини.

Ограничете го внесот на сол за да го намалите задржувањето на водата и отекувањето на градите.

Подгответе ладни облоги

Ако градите ви се топли и болни, ставете ладна облога. Одлично помага разладен лист од зелка: ставете лист од зелка во фрижидерот или замрзнувачот. Кога доволно ќе се излади, свртете го листот и ставете го во градникот. Исто така, топлата бања може да го олесни отокот на градите.

Извор



912

X