Децата не се намерно непристојни, туку сè уште не ги знаат правилата за пристојно однесување. Примерите за однесување научени до седмата година од животот се помнат и понатаму, а децата веќе пред да тргнат на училиште би требало да знаат дека не смеат наглас да коментираат нечиј изглед. Во секојдневното брзање, мајките и татковците немаат секогаш време да се фокусираат на правилата на бонтонот. Но, не треба да се исцрпуваат себеси и детето со комплицирани правила. Ако ги повторувате овие едноставни 24 правила на начин соодветен на возраста на детето, можете да бидете сигурни дека ќе одгледате пристојно дете.
Магични зборови
Кога сакаш некој нешто да ти даде, кажи „ве/те молам“. Кога нешто ќе добиеш речи „благодарам“. Ако нешто даваш некому, речи „повели“, а ако згрешиш „извини“.
Не влетувај во нечиј збор
Не прекинувај ги возрасните во разговор освен ако не е навистина итно и важно. Знај дека тие ќе те забележат и ќе одговорат кога ќе завршат со разговорот. Имај трпение и почекај.
Добро, а ти?
Кога некој ќе те праша како си, кажи му како се чувствуваш, а потоа и ти прашај го истото и сослушај. Тоа е пристојно во таа ситуација.
Нема дебели!
Не е пристојно да се коментираат туѓите телесни особини како дебелина, начин на одење или фризура. Освен ако даваш комплименти. Тие никогаш не штетат.
Не фрлај отпадоци
Не е убаво да се фрлаат отпадоци ниту дома ниту на улица. Кога ќе изедеш чоколада, хартијата фрли ја во канта за отпадоци, а ако нема во близина, стави ја в џеб, па фрли ја подоцна.
Простете, ми требате
Ако ти треба веднаш да привлечеш внимание на возрасни лица, најпристојно е така да се обратиш. Истото важи и кога треба нешто да прашаш на улица, на пример: „Извинете, колку е часот?“
Смеам ли тоа?
Ако не си сигурен дали смееш нешто да направиш, прашај возрасни за дозвола. Така потоа нема да мораш да жалиш за своите постапки.
Биди добар гостин
Кога ќе отидеш на гости кај пријатели, поздрави ги станарите, однесувај се пристојно и на крајот заблагодари се за гостопримството. Тогаш можеш да бидеш сигурен дека повторно ќе те поканат на ручек или заедничко дружење.
Чукај на врата
Пред да влезеш во некоја просторија, задолжително чукни на вратата, дури и ако си сам дома со родителите. И на мајката и таткото понекогаш им треба малку мир и приватност.
Телефонирај пристојно
Кога повикуваш пријател на домашен телефон, задолжително претстави се и кажи со кого сакаш да разговараш. Не е доволно да се каже „јас сум“, дури и ако мислиш дека неговите родители го познаваат твојот глас. На телефон треба да се зборува јасно, без мрморење и да не се вика бидејќи така му е непријатно на оној што слуша.
Заблагодари се за подарокот
Не заборавај да се заблагодариш за секој подарок што ќе го добиеш, дури и ако не ти се допаѓа. Ако подарокот е навистина убав, добро е да се напише мала порака за благодарност, а можеби и да се украси со сопствен цртеж.

Отстапи им место на постарите
Ако се возиш со автобус или трамвај во кој има малку слободни места, понуди им го своето место на постарите луѓе, на бремените жени или мајки и татковци со бебе во прегратка. Тоа е пристојно, а и другите станувале за тебе додека си бил бебе.
Кивај во лакт
Тоа е пристојно, а и така нема да ги заразиш другите. Покриј ја устата кога се проѕеваш, никој не сака да ги гледа твоите крајници. Немој да го „копаш“ носот додека другите те гледаат и не џвакај со отворена уста. Не бриши го носот со ракав, туку со хартиено марамче.
Помогни им на другите
Додека поминуваш низ врата, сврти се да видиш дали можеш да ја задржиш за некој друг. Понуди им на другите помош иако тоа никој не го барал од тебе. Баба, исто така, многу ќе се израдува ако наместо неа одиш во продавница.
Заблагодари се за помошта
Ако некој ти помогне нешто да направиш, секогаш кажи „благодарам“. Така веројатно повторно ќе ти помогне кога ќе имаш потреба. Тоа особено важи за учителите на училиште, но и за сите другите.
Миј ги рацете пред јадење
Многу е важно да се мијат рацете со сапун, прво пред јадење, по мала и голема нужда, по посета на стоматолог, лекар или престој во двор, па и во сите ситуации во кои гледаме дека рацете не ни се чисти. Косата, исто така, треба да биде чиста и уредно исчешлана.
Бонтон на маса
Правилно користи го приборот за јадење. Ако не си сигурен како да го сториш тоа, замоли ги родителите да те научат или набљудувај ги другите како го прават тоа. Немој да ги зграбиш предметите преку целата маса, би можел нешто да срушиш или истуриш. Наместо тоа, замоли ги возрасните да ти го подадат она што ти треба.
Работи и научи нешто ново
Немој да се буниш ако родителите те замолат да ги избришеш садовите, туку направи го тоа со насмевка. Ако видиш како родителите, наставникот или соседот нешто работи, прашај дали можеш да помогнеш – работејќи, ќе научиш нешто ново.
Без навреди
Немој да ги нарекуваш другите со погрдни имиња. Ако некој погреши, не е пристојно да му се каже дека е глупав или несмасен. Воздржи се од грди зборови.
Немој да се тепаш
Многу е грдо да се удри некој, без разлика дали е посилен или послаб од тебе, дури и ако многу те налутил. Уште погрдо е да се здружиш со други за да тепаш некого или да исмејуваш. Никогаш не согласувај се на такви работи.
Знај дека сите луѓе се различни
Некои луѓе не гледаат, па одат со бел стап, некои се служат со знаковен јазик бидејќи не слушаат, некои одат со помош на протези или патерици, некои тешко читаат или не можат да добијат добра оценка по математика без помош од инструктор. Но, сите тие може да бидат добри пријатели. Почитувај ги.
Без пцости и безобразни зборови
Никогаш не прави го тоа пред возрасните. Тие веќе ги слушнале сите тие прости зборови и не им се интересни, туку непријатни и досадни. Немој да учиш помали деца да зборуваат простотилаци. Тоа не е ниту смешно ниту забавно.
Не исмејувај ги другите
Никогаш не исмејувај ги другите, ниту децата ниту возрасните, од која било причина. Со задевање нема да покажеш дека си подобар од другите, туку дека си непристоен. Ниту ти сигурно не сакаш другите да те исмејуваат.
Автор: Анамарија Милош