Д-р Џастин Колсон е еден од најпочитуваните и најпопуларни автори на книги во Австралија. Во продолжение ќе прочитате негови видувања за тоа како да го започнете добро денот. Утрата може да бидат вистински предизвик за семејствата бидејќи нема многу време, а има многу обврски.

– Како родители на 6 деца, мојата сопруга Кајли и јас поминавме години во експериментирање со повеќе системи што прават утринска магија. Еве што откривме:

– Викањето не оди во прилог.
– Подмитувањата и наградите не функционираат повеќе од ден-два.
– Да се направи сè за децата е речиси невозможно.

Кои други опции ги имаме?

По години поминати во грешки и обиди дојдовме до пристап кој одговара за сите. Идејата е да се постави основа на 3 психолошки идеи кои се дизајнирани да им помогнат на децата да бидат мотивирани и да се чувствуваат добро:

1. Целиме кон тоа да изградиме капацитет за децата.

2. Ја почитуваме нивната автономија и желба да бидат одговорни за сопствените избори.

3. Одржуваме позитивна поврзаност цело време.

Ако на децата им помогнеме да ги менаџираат утрата самите, тогаш повеќе е сработено со помалку труд. Дополнително, на децата им е поттикната самодовербата, а тоа ги охрабрува да развијат своја иницијатива и вештини за решавање проблеми. Најдоброто нешто за стратегијата е што ги учиме децата да прават работи самите, а ние родителите можеме да се релаксираме и да уживаме во утрото.

Еве како тоа да го постигнете:

Вашето утро почнува претходната вечер

Потребно ви е: мени за појадок, мени за ручек и персонализирана листа со обврски. За помалите деца може да користите слики наместо зборови. Или комбинација од двете. Посветете време на фотографирање на чантата од најмалечкото дете, наместениот кревет и облеката за на училиште, па нека има и визуелен приказ на активностите што треба да ги заврши. Пред одење на спиење потсетете го детето дека е време да се организира за утрешниот ден. Однесете го во собата, нека ја провери листата, нека избере облека, чевли, чанта и други работи за следното утро. Потоа одете во кујната и извлечете го менито за појадок. Нека изберат децата што ќе се јаде за тој оброк, а истото сторете го и за ручек.

Нека биде едноставно

Верувале или не, ниту едно дете не очекува неговиот родител да биде готвач. Тие нереалистични очекувања самите ги креираме. За да нема драма во текот на утрата, запомнете работите да бидат едноставни. Ваша работа како родители е да се уверите дека сте ги набавиле намирниците што се потребни за оброците. Можете да поедноставите и на тој начин што некое од децата од претходно ќе ги подготви намирниците, на пример, сечкање и слично, па тие ќе стојат во фрижидерот спремни за користење. Како што растат, децата ќе можат да извршуваат повеќе работи. Сендвичите може дури и да се смрзнат, а кога ќе дојде утрото, самите да си ги организираат оброците.

Разбудете ги нежно

Никој не сака да биде разбуден со кавга, а тоа важи и за малите деца. Бидете нежни, седнете до нив на креветот и нежно галете ги по лицето или раката, па тивко и со љубов посакајте им добро утро. Така имате повеќе шанси да разбудите среќно и смирено дете. Детето што се буди чувствувајќи се сакано ќе има поголема волја да учествува и да придонесе во семејството на позитивен начин. Добра идеја е и да ги разбудите 10-15 минути порано од предвиденото време бидејќи ќе имаат дополнително време за да се разбудат и да се спремат за активностите.

Присутност

За да бидеме тука за децата, а и за себе, потребно е да сме вклучени, а не да зјапаме во телефоните и уредите. Не треба да дозволиме какви било работи да нè оттргнат од приоритетите што ни се зададени. Потребни ни се граници и за себе за да избегнеме одвлекување на вниманието и да ги завршиме обврските навреме.

Без ТВ или екрани

Дали можете да замислите утро каде што не треба да ги молите децата да го исклучат телевизорот и да се подготват? Едноставно не вклучувајте го телевизорот. Имате многу активности пред вас. Покрај тоа, гледањето телевизија може да биде заедничка активност во која семејството ќе се поврзува.

Што треба да направите:

1. Поставете систем со менијата и листите на обврски.

2. Уверете се дека подготовките за утрото се завршени од претходната вечер.

3. Поминете време во учење на децата. Ќе им биде потребна помош во почетокот.

4. Одржувајте дисциплина за да нема одвлекување на вниманието и фокусирајте се на приоритетите.

5. Признајте си дека некои денови сè ќе се распадне – нашата задача е ние да не се распаднеме кога тоа ќе се случи.

Секое семејство има околности под кои функционира. Вистина е дека на помалите деца им е потребна поголема асистенција, но потребно е да бидете трпеливи бидејќи овој труд се исплаќа. Родител кој не се чувствува избрзан, може подобро да одговори на потребите на децата и да ги заврши обврските. Истото важи и за децата, а одлично е кога дури и за време на зафатените утра може да се зацврсне врската помеѓу родителите и децата. Децата го вреднуваат изборот. Се чувствуваат способни, а родителите се чувствуваат поврзани. Вашите утра се претвораат во… магија“.

Автор: д-р Џастин Кулсон

Извор



912

X