Можете да бидете ефикасен родител дури и ако се соочувате со депресија. Родителството е тешко – но кога тука ќе ја додадете и депресијата, да се биде родител станува уште потешко. Според американскиот Национален институт за ментално здравје, депресијата е еден од највообичаените проблеми со менталното здравје во САД. Ако се борите со депресија, знајте дека не сте сами. Се проценува дека 1 од 10 Американци се бори со депресија во одреден дел од животот.
Ако сте мајка, важно е да знаете дека жените бележат повисоки стапки на депресија и двојно повеќе се изложени на ризик да се борат со симптоми на депресија во споредба со мажите на иста возраст. Дополнително, приближно една од 10 жени има веројатност да страда од депресија откако ќе роди дете. Иако причините за депресија се различни, факторите за стрес, на пример, невработеност и развод, најчесто го зголемуваат ризикот. Па, ако се борите со депресија и се прашувате дали сум депримирана, може да ви е од помош да побарате дополнителни информации како да се справувате со депресијата и за третманот. И покрај депресијата, можете да бидете добар родител ако ги преземете следните 5 ефективни чекори:
1. Побарајте професионална помош
Многу родители бараат помош штом ќе забележат дека депресијата им влијае на дневна основа. Меѓутоа, се проценува дека околу 80 отсто од родителите не примаат никаков ефикасен третман. Консултациите со психолог и психијатар веројатно се најсилниот и најефикасниот начин за намалување на симптомите на депресија. Истражувањата покажуваат дека комбинацијата од когнитивно-бихевиорална терапија и лекови се најдобриот третман за депресија. Директното лекување на депресија секако ќе им помогне на вашите деца краткорочно и долгорочно и е показател дека сте добар родител.
2. Обратете им се за помош на семејството и пријателите
Во моменти на ранливост и слабост, замор, недостиг на мотивација, тешкотии со спиење, негативни мисли и други симптоми на депресија, родителите може да имаат проблем да бидат целосно присутни и активни во животот на своето дете. Помош може да дадат и членовите на блиското или поширокото семејство, пријателите и колегите. Донекаде може да ве ослободат од кризниот период. Помош во превозот на децата, подготовка на оброк, игри, домашни задачи и воннаставни активности ќе им овозможат на децата и понатаму да бидат ангажирани и среќни. Одличен родител знае кога треба да побара поддршка во најдобра намера за своето дете.
3. Побарајте помош ако можете
Во текот на депресијата може да се случи да сте тешко мотивирани за одење на работа, добро завршување на работата, превоз на децата, грижа за домашните обврски или готвење. Исто така, вистинските оброци може да се претворат во грицки или смрзнато јадење, а валканата облека може да се пресели на столот, на креветот и подот. Поради вашата демотивираност, децата ќе доцнат на училиште или на други активности. Ако забележувате дека се случуваат вакви работи, размислете за најмување помошничка. Ова можеби е малку поскапо решение, но е краткорочно и може да помогне додека не ја повратите мотивацијата. Така децата не би страдале поради вашата состојба, а тоа е најважно.
4. Запишувајте ги своите деца во забавни и физички воннаставни активности
Покрај недостигот на сон, во текот на денот е тешко да им се одолее на предизвиците и да се исполнат сите детски потреби за играње или други активности што ја трошат енергијата. Со запишувањето на децата на спортски или други активности тие ќе бидат активни, што е од значење за нивниот развој, а од друга страна вашата ангажираност ќе биде намалена и со самото тоа и трошењето на енергија.
5. Останете поврзани со своите деца низ игра
Дури и со намалена енергија, со лош или никаков сон, постојат начини да останете поврзани со своите деца. Да се биде позитивен пред децата е клучно за нивниот развој. Постојат многу активности што можете да ги практикувате, а кои не одземаат многу енергија. На пример, читањето на децата во кревет – едноставна активност која одзема 20 минути, а децата ја обожаваат, особено пред спиење. Уште подобро, може да ги мотивирате да ги читаат наглас вашите омилени книги. Активности како броење, цртање, решавање загатки, играње друштвени игри или карти може дури и да ви одговараат. Додека играат, децата комуницираат, се изразуваат и поврзуваат. Ако успеете така со нив да се поврзете, ќе бидете и понатаму совршениот родител кој им помага да напредуваат.
Не сте сами во справувањето со депресијата како родител. Многу возрасни страдаат од симптоми на депресија, па тоа може значително да пречи во нивната работа и родителските вештини. Признавањето и третирањето на депресијата е главен чекор во однос на останување присутен родител. Дополнително, барањето поддршка, најмувањето помош, мотивирањето на децата во активности и останувањето вклучени додека децата играат, иако тоа е на тивок начин, може да доведе до континуирано ефективно и одлично родителство.
Автор: Азмаира Мејкер