Од сите работи за кои се грижев во однос на имањето две деца на приближна возраст, да се биде сам со нив истовремено беше на врвот на листата. Имав замислено мирно ноќно бањање како дел од нашата рутина за спиење – но бањањето бебе и мало дете заедно изгледаше застрашувачки. Помалите бебиња сè уште се лизгаат и сè додека не научат да седат, имаат потреба од поддршка со две раце. Сериозно се мачев. Па што да направите кога на малото дете му треба бањање, а од друга страна имате и бебе кое имало безбројни „експлозии“ во пелената во текот на денот, па и тоа мора да се бања?

Кога прашував други родители за тоа како бањаат бебе и 2-годишно дете истовремено, бев импресионирана од нивната самодоверба. Некои мајки ми рекоа дека го бањаат бебето во лавабото во бањата додека истовремено го гледаат детето што прави во кадата.

Некои влегуваат во када со двете деца. Некои се потпираат на кадата и ги држат децата цело време.

Некои ги ставаат децата на пластично столче во кадата, а бебињата во корито, во самата када.

Други, како Алисон Сорбера, мајка од Торонто која има две деца и порано работела како дадилка, користи малечко корито за бебе наместено во обична када, пополнето со доволно вода и за малото дете да се бања надвор од коритото.

– Го ставам бебето во коритото и потоа во кадата и ги бањам двете деца во исто време. Трикот е да не ја полните големата када со многу вода за да не се преполни коритото од бебето и да не почне и тоа да плови – вели Сорбера.

Лесно е да ви се оттргне вниманието и токму тогаш може да се случи нешто лошо

Но, Џенис Херд, педијатар и член на Канадското педијатарско здружение, предупредува дека тие корита за бебиња се дизајнирани да бидат користени само на сува, рамна површина, а не во поголема када полна со вода. Всушност, експертите како Херд велат дека бањањето две деца не може да го изведе безбедно само еден родител, сè додека бебето нема 6 месеци и не може да седи самото.

„Парашут“, национална добротворна организација посветена на превенција од повреди, советува на внимателност бидејќи давењето и изгорениците од топла вода се водечка причина за повреди кои се доволно сериозни за хоспитализација на малите деца, вели Стефани Каул, експерт за безбедност во „Парашут“.

Ако сепак се обидувате така, Каул вели дека најбезбедна позиција за родителот да одржува баланс и да реагира брзо е да биде надвор од кадата на сува, рамна површина и да го држи бебето со двете раце додека го одржува истовремено и фокусот на другото дете. Иако може да се најдат седишта за бебиња онлајн и во продавници, тие не се одобрени како безбедни предмети од овластените лица во Канада. Ако се користи такво столче, се препорачува да се држи бебето исправено, да не се потпирате на него и да не го оставате бебето без надзор ниту една секунда. Исто така, педијатрите ги советуваат родителите да не ги користат столчињата за бањање.

– Со нив родителите имаат лажно чувство на сигурност, а потоа не обрнуваат доволно внимание колку што треба – вели Херд. Користењето бебешки седишта за бањање е поврзано со смртни случаи предизвикани од давање кај децата во Канада, кога родителите само за момент го тргнале погледот од детето.

– Ако сте со едно дете и сте се наведнале врз кадата и го држите детето со две раце, тоа е во ред. Но, не со уште едно дете во кадата. Лесно е да ви се оттргне вниманието и токму тогаш може да се случи нешто лошо – вели Херд.

Ако морате да излезете од бањата (дури и само за да земете пешкир), мора да ги земете двете деца со вас

Откако бебето ќе може да седи исправено самото, експертите велат дека тогаш родителите може да бањаат две деца истовремено, но само во 2 до 5 сантиметри вода за да се минимизира ризикот, вели Херд. Децата може да се удават за неколку секунди и тоа во многу малку сантиметри вода, па затоа мора постојано да ги гледате. Ако морате да излезете од бањата (дури и само за да земете пешкир), мора да ги земете двете деца со вас.

Друг совет на Херд е да се стави постарото дете прво во кадата, а да се извади последно, да ви бидат сите потребни предмети околу вас и спремни во бањата, да се отпушти водата веднаш што ќе го извадите бебето, да го ставите бебето веднаш во безбедно седиште откако ќе го извадите од бањање. Последно, треба да се избегнува премногу топла вода (максимум 38 степени), а исто така никогаш да не се додава топла вода во кадата ако веќе децата се внатре.

За мене, најлесното беше да се избегне двојно бањање додека моите девојчиња не потпораснат. Имав можност да го чекам сопругот да се врати од работа за да помогне, или го бањав бебето кога другото дете беше во градинка. Две безбедни и разумни решенија.

Автор: Клер Сибонеј

Извор



912

X