Во текот на раниот развој на човечкиот фетус во екстремитетите се присутни многубројни таканаречени „атавистички мускули“, кои исчезнуваат до раѓањето на бебето, покажала студијата на американските научници објавена во списанието „Развој“.

Фасцинантно е тоа што некои од тие мускули исчезнале кај нашите предци пред повеќе од 250 милиони години, во текот на еволуцијата на синапсоидните влекачи. Со други зборови, во раниот развој на човечкиот фетус присутни се мускули кои ги поседуваат влекачите, на пример, гуштери и саламандери.

Користејќи напредни техники со 3Д-снимање, научниците успеале со извонредна резолуција да го прикажат раниот раст на нашите екстремитети. Сликите што ги снимиле покажуваат минлива присутност на неколку „атавистички мускули“.

Природен избор

Така се покажало дека од 30 мускули во рацете и стапалата, формирани околу седмата недела од бременоста, третина од нив или се споиле или исчезнале до 13-тата недела од бременоста.

– Фасцинантно е тоа што набљудувавме различни мускули кои никогаш не се опишани во пренаталниот развој на човекот. Некои од овие мускули сме ги виделе дури и кај фетусите стари 11,5 недели, што е навистина доцна – рекол авторот на студијата, Руи Диого, еволуциски биолог од Универзитетот „Хауард“ во Вашингтон, САД.

– Интересно е дека некои од тие мускули ретко може да се најдат кај возрасните, било како анатомска варијација без никаков учинок на здравиот поединец било како резултат на вродени аномалии. Тоа дава фасцинантен, моќен пример на еволуцијата на дело – додал Диого.

Кога во 1859 година го објавил своето епохално дело „Настанок на видовите со природен избор“, Чарлс Дарвин опишал некои од атавистичките органи.

Џвакање

На пример, слепото црево. Дарвин сметал дека слепото црево е товар кој сме го наследиле од своите предци на кои тој орган им бил од корист за посебни процеси кои помагале во варењето на храната. Но, кај модерните луѓе слепото црево нема никаква функција, освен што неговото воспаление може да нè убие.

Така, статистиката покажува дека 5 до 10 отсто од луѓето имале воспаление на слепо црево кое барало итна операција. Понатаму, еден од атавистичките органи е „опашката“ – коската над задницата, остаток од далечното еволуциско минато кога нашите предци имале опашка. Меѓу бескорисните органи кај луѓето се истакнуваат и умниците. Освен што служат како доказ дека човекот еволуирал од примати, немаат друга функција. Дури не служат Ни за џвакање на храната бидејќи се наоѓаат предлабоко во вилицата. На нашите предци, кои имале и подолги вилици, им биле потребни. Дека умниците се целосно бескорисни покажува и фактот дека кај одреден процент од луѓето не ни израснуваат, туку остануваат во забното месо.

фотоизвор: livescience.com

Научниците ќе продолжат со ваквото истражување, креирајќи дата-база на слики каде што ќе може да се прикаже интеракцијата на артериите, нервите и мускулите во текот на раниот човечки развој. Мускулите треба да се прикачат на нервите и да бидат добро снабдени со крв за да опстанат, па деталниот приказ ќе им даде информации на научниците за тоа кога, зошто и како исчезнуваат мускулите во утробата.

Дата-базата, која постојано се надополнува, веќе е достапна и за јавноста, ќе биде адаптирана за да биде компатибилна со виртуелната реалност и другите платформи што им овозможуваат на корисниците да имаат пристап до 3Д-слики. Научниците се надеваат дека овие информации ќе бидат корисни за сите – од истражувачи и реномирани научници до студентите на медицина, кои досега овие работи ги учеле од учебници.

Научникот Диого планира да изучува и како човечката глава, артериите и нервите се развиваат во матката. Тој има цел да им помогне на медицинските професионалци во предвидувањето за тоа што точно има под човечката кожа. Ако истражувачите може да предвидат кои аномалиски варијации може да бидат присутни кај одреден пациент, тогаш докторите ќе бидат подобро подготвени за операција и генерално за подобра нега, смета Диого.

Автор: Николета Ланес



912

X