Здравје

Кадифени играчки – неизбежни во развојот на детето

Сите ние додека растевме имавме омилена кадифена играчка од која тешко се одделувавме. Не ни пречеше ни кога повеќе не беше во најдобра состојба. Тоа беше нашиот пријател, нашата утеха, но и нашето средство за запознавање со светот.
Играчките се исклучително важен дел во периодот на детството, а зошто на децата најомилени играчки им се кадифените, раскажува хрватскиот психолог Ирина Шестак.
Играта е суштински дел од детството, а играчките со кои децата си играат имаат многубројни функции: од развој на моторните способности, сетилата, перцепциите, социјалните вештини, развивање на имагинацијата, емпатијата, импровизацијата, интелигенцијата. Меѓутоа, ако играчките се користат погрешно, можат да го поттикнат развојот на агресија, уништување и доминација, вели психологот Шестак.

Посебен однос помеѓу детето и кадифената играчка

Иако е важно да си игра со едукативни играчки, посебно место во животот на секое дете имаат кадифените играчки. Тоа се играчки со кои детето не може да се повреди и со кои многу се поврзува.
Често може да се види дека малите деца разговараат со играчките, а понекогаш зборуваат и во нивно име. Тие им помагаат да се чувствуваат сигурно. Кадифената играчка има симболично значење и треба да се почитува односот што детето го има со неа, а не да се обидуваме да ја замениме играчката со „поубава“ или „подобра“, вели Шестак.

Учење со помош на кадифеното мече

Кадифените играчки освен што имаат симболично значење, би можеле да бидат и поддршка во образованието на децата. Со помош на кадифените играчки вашето дете развива јазични и социјални вештини. На пример, кога вашето дете разговара со кадифеното мече или со друга кадифена играчка, несвесно го поттикнува развојот на своите јазични вештини. Комуницира со играчката, зборува во нејзино име, води дијалог и го слуша сопствениот глас.

Може да послужи како модел за учење на социјалните вештини

Кадифената играчка порано или подоцна ќе се извалка. Секако, тогаш треба да ја исперете и може да ја искористите ситуацијата нагласувајќи ја важноста за личната хигиена. Може да му кажете на детето: „Гледаш, и на медо му е потребно да се избања за да биде поубав и здрав, исто како тебе“, вели Шестак.
Исто така, играчката може да помогне и за време на јадењето, па затоа препорачливо е да ја седнете на стол и пред неа да ставите чинија и прибор. Така, во друштво, детето полесно ќе ја јаде храната што не ја сака, а му е потребна за здрав развој.

Преоден предмет

Многу често децата ја носат својата играчка насекаде, психологот Шестак и нагласува дека ова не треба да му се забранува на детето, особено кога оди во градинка. Кадифената играчка претставува чекор кон независноста на детето.
Кадифените играчки често се од голема важност кога станува збор за одвојувањето на детето од родителите, без разлика дали се работи за одење во градинка или ако ги чува некој член од семејството. Никако не треба да му забранувате да ги носи со себе. Кога со себе ја носи кадифената играчка, ќе им биде многу полесно. Имено, играчката е таканаречен „преоден предмет“ и со неа детето се поврзува на посебен начин, таа му дава утеха и сигурност, вели психологот.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top