Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Тироидните хормони помагаат да се контролира менталниот развој и севкупниот раст кај децата

Јодот е минерал кој се наоѓа во природата во траги. Тој микроелемент е важен за нормално извршување на повеќе функции во телото и не е потребен во големи количини за да ги извршува овие функции правилно.

Најголемото складиште на јод во нашиот организам е штитната жлезда (тироидеа).
Тироидната жлезда е жлезда која личи на пеперутка, сместена во предниот дел на вратот, веднаш под Адамовото јаболко. Жлездата е како мала фабрика која го користи јодот за продукција на тироидни хормони. Двата тироидни хормони се тироксин (Т4) и тријодтиронин (Т3).

Т3 е хормон со поголема биолошка моќ, па затоа откако ќе се ослободи големо количество Т4 од тироидната жлезда, тој се конвертира во Т3 – кој е всушност активна форма на хормонот и како таков влијае врз метаболизмот на клетките во целото тело.

Покрај регулацијата на клеточниот метаболизам, овие хормони имаат и други важни функции во организмот. Продукција на енергија, телесна температура, дишење, ритам на срцето, тонус на мускулите и метаболизам во ткивата се само некои од виталните функции што се под контрола на тироксинот. Тироидните хормони помагаат да се контролира менталниот развој и севкупниот раст кај децата.

Намален внес на јод

Поради намален внес на јод, штитната жлезда работи посилно, што може да доведе до нејзина хипертрофија (зголемување), кое уште се нарекува и гушавост (хипертиреоидизам).
Дефицитот од јод неповолно влијае врз репродуктивноста кај жената, а се зголемува и ризикот од развивање автоимуни болести на штитната жлезда. Ниското ниво на јод во бременоста може да доведе до зголемен крвен притисок кај трудниците. Со оглед на тоа дека јодот има улога во развојот на нервниот систем на бебето, поради недостиг кај мајката, новороденчето може да има одредена попреченост.

Јодот е исклучително важен за нашето тело, но сами не можеме да го произведеме, па затоа е неопходно да го внесуваме преку храната. Препорачаните дневни вредности (ПДВ) за возрасни се 150 милиграми на ден. За бремени жени и доилки, се препорачува помеѓу 160 и 200 милиграми дневно.

Храна со јод

Храната од растително потекло содржи малку јод затоа што растенијата слабо го извлекуваат јодот од почвата. За разлика од растенијата, морската храна е екстремно богата со овој минерал. Морските плодови, алгите и рибата се одличен извор на јод. Со консумирање неделна порција морска риба може значајно да се зголеми внесот на овој неопходен микроелемент. Во растителната храна јодот може да се најде во оревите, потоа во зрното од соја, гравот, лукот и спанаќот. Мали количини јод може да се најдат и во млекото и млечните производи, како сирењето.
Некои намирници се наменски збогатени со јод за да ни обезбедат соодветен дневен внес, како што е случај со готварската јодирана сол. Јодирањето на солта претставува една од најуспешните јавно-здравствени мерки за обезбедување/снабдување на населението со доволни количини на јод.



912

X