Воспитување

Јас сум строга мајка и ова се моите 4 најважни правила

Светот понекогаш знае да биде страшно место, а кога сте родител, бескрајната загриженост може да ве држи будни цела ноќ. Самото возење на децата до училиште може да ме вознемири ако размислувам што сè може да се случи кога се без мене. Од пукање во училиштата до предатори на деца и насилни деца, па и онлајн-злоупотреба, потенцијално грозни ситуации во кои децата може да настрадаат се безбројни. Поради тоа, не сакам да им се извинувам на своите деца, ниту на општеството што сум многу строга мајка. Се разбира, моите деца често се жалат на мојот долг список со правила, но тоа воопшто не ме загрижува.

Знам дека моето претерано заштитничко однесување е потребно за да ги држам моите деца на сигурно колку што можам подолго. Покрај тоа, уверена сум дека мојата строгост многу повеќе им користи отколку што ги ограничува. Кога е во прашање одгледувањето на моите 3 девојчиња на возраст од 4, 7 и 9 години – ова се моите 4 најголеми правила:

Нема мобилни телефони

Се разбира, не засекогаш. Но, мојата ќерка која оди во четврто одделение тврди дека таа е единственото дете во класот што нема свој мобилен телефон. Во ред. Не ме интересира што нејзините врсници мислат дека не е кул што нема нешто што јас не сум го добила до тргнување на факултет. Се разбира, не планирам да чекам толку долго да ѝ дозволам мобилен, но не гледам потреба за мобилниот во моментов. Ако можам да ја задржам уште некое време надвор од социјалните мрежи и потенцијално лоши влијанија, тогаш тоа и ќе го сторам. Единствена причина поради која би ѝ требал мобилен телефон е да ме контактира во итни случаи, а мислам дека за тоа постојат и други начини.

Нема играње во домовите на децата чии родители не ги познавам

Така е. Нема да му дозволам на некој родител што не го познава да го земе моето дете од училиште и нема ниту јас да земам деца и да ги носам во домови на луѓе што не ги познавам. Подобро моите деца да си играат со помалку деца отколку да ги оставам во непознати домови и подоцна да жалам ако се случи нешто што не ми се допаѓа. Пред да ме опишете како луда жена, земете предвид дека на почетокот од своето мајчинство дознав за несреќен инцидент во кој моето девојче било присилено да ги соблече своите панталони во куќата на свој нов пријател. Да кажеме дека оттогаш не мислам да се извинувам што сум премногу внимателна.

Нема преспивање кај други деца

Сакам да знам дека моите деца се под мој покрив и дека се безбедни кога одам на спиење. Доколку спиењето не е кај некој што го познавам многу добро и му верувам, одговорот секогаш ќе биде НЕ кога моите девојчиња ќе ме прашаат дали може да преспијат кај своите пријатели. За среќа, овие прашања не се чести и можеби ќе се чувствувам попријатно со текот на времето. Но, дури и да не е така, нема причина да се согласам на такво нешто и потоа да се грижам цела ноќ. Ќе има време за грижа кога моите девојчиња ќе одат на факултет еден ден.

Нема останување будни до доцна во ноќта

Моите девојчиња знаат дека во нашиот дом одењето в кревет значи токму одење в кревет, со неколку исклучоци. Зошто? Бидејќи верувам дека на моите деца им треба сон и не постои причина поради која би требало долго да бидат будни, изморени, нерасположени и следниот ден да донесуваат лоши одлуки. Конечно, на децата им требаат цврсти правила покрај кои ќе растат, а не слобода за самите да ги создаваат своите распореди. Исклучоци се кога се семејни одмори. Во сите други случаи, дури и викендите, одењето в кревет во разумно време е дел од животот кога јас сум мајка.

Мојата целокупна филозофија на родителството се правилата што им дозволуваат на децата да напредуваат, поради тоа што децата знаат што може да очекуваат од своите родители. Ова не се единствените правила што ги следам како строга мајка. Покрај тоа, правилата на родителите исто така даваат малку спокој во страшното и неконтролирано опкружување. А, верувале или не, и покрај правилата што сум ги создала за своето семејство, ние многу се забавуваме и смееме. Нашата семејна заедница е блиска и полна со љубов, со зафатен распоред на активности и општествени аранжмани. Ги поттикнувам моите девојчиња да пробуваат нови работи и да бидат добри пријателки, но и добри луѓе. Само не во непознати домови или по 20:30 часот навечер.

Автор: Мелиса Вилетс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top