Ќе ви раскажам една случка од времето кога одев во градинка. Таму имавме работилници по ликовно и мојата воспитувачка одлучи тој ден да се занимаваме со грнчарство. Додека другите деца изработуваа вазни и пепелници, јас одлучив на направам реплика на бувот што мајка ми го имаше во својата порцеланска колекција. Кога го извадив бувот од печката, многу се разочарав затоа што беше искривен и груб. Почувствував голем неуспех и одлучив никогаш да не станам уметник. Ден-денес се каам што не сфатив дека се обидов од прв пат да направам комплицирана работа – уште повеќе што тој обид сепак беше успешен бидејќи навистина личеше на був.

Да се биде родител е тешка работа и ние не можеме да влијаеме врз негативните мисли во главите на нашите деца, меѓутоа, можеме проактивно да целиме кон основните верувања со кои најверојатно ќе се соочат во текот на својот живот. Малите деца, особено во годините кога одат во градинка, можеме да ги научиме на моќни вистини, за лагите да не се задржуваат во нивните мисли. Еве ги вообичаените нездрави убедувања со кои се соочуваат повеќето деца на претшколска возраст:

1. Во ниту една работа не сум доволно добар

Живееме во време кога секојдневно се споредуваме со другите. Децата се соочуваат со ова при добивањето оценки, во спортот, на часовите по танцување, на игралиштата, па дури и во трпезаријата во градинката. Треба почесто да ги пофалуваме за работите што добро ги прават, дури и оние што на прв поглед изгледаат безначајно. Кажете им што ве импресионира кај нив. Помогнете им самите да откријат каде и во што се брилијантни. Разговарајте со вашите деца за нивните квалитети и како треба да ги употребуваат за да постигнат успех.

2. Не припаѓам овде

Можете да им помогнете на вашите деца да развијат чувство на припадност и надвор од градинката. Помогнете им да развијат поширока слика за себе, која е поголема од околината со која се соочуваат во градинката. Раскажувајте им приказни за нивните баби и дедовци и другите предци и како тие влијаеле врз вашиот живот. Охрабрете ги да почнат да се занимаваат со некој спорт надвор од градинката. Пријавете се заедно на некаква активност.

3. Мене никој не ме разбира

Многу често кај децата е чувството дека се невидливи или непознати во опкружувањето. Во текот на растењето децата стануваат независни и се борат за чувството на идентитет. Многу често не разбираат како се чувствуваат и тие чувства можат да ги изразуваат на недоличен начин. Избегнувајте изјави што ќе ги дефинираат врз база на нивното однесување. Поставувајте им повеќе прашања зошто се однесуваат на одреден начин. Прашајте ги како им поминал денот. Слушајте ги кога раскажуваат работи што ви се чинат безначајни.

4. На другите им е подобро отколку мене

Лесно е да се носат претпоставки за другите ако имаме ограничен извор на информации. Децата можат да носат заклучоци дека другите деца живеат подобро само преку гледање на презентацијата на други деца преку социјалните медиуми. Кажете им колку погрешно се претставува тоа. Она што луѓето го поставуваат на „Инстаграм“ или на „Фејсбук“ не е комплетна информација за нивните животи. Заедно размислувајте за сите добри работи што се случуваат во животот на вашето дете.

5. Јас сум проблемот

Лесно е да се впери прстот кон себеси кога работите не одат најдобро. Децата не се исклучок. Всушност, децата често доаѓаат до нездрав заклучок дека тие се виновниците. Кога семејствата се соочуваат со предизвици,  треба да ги уверите децата дека сè ќе биде добро и дека тие се безбедни. Ако гледате дека вашите деца преземаат одговорност за нешто што за нив е преголем товар, уверете ги дека сè е под контрола и дека тие не се одговорни за резултатите.

 



912

X