Како мајка и педијатар, чувствувам одговорност кон своето семејство, своите пациенти и заедницата. Но, никаква медицинска обука не можеше да ме подготви за оваа ситуација. Како сите вас, одам од ден на ден. Смислив неколку работи што сакам да ги споделам за тоа како да се негуваме себеси и семејствата, и физички и психички, во ова предизвикувачко време.

1. Научете да ја прифатите постојаната промена на плановите

Не сакам ништо повеќе од изработка на планови. Во сите слободни моменти мојот мозок ја планира следната активност или авантура. Така пред неколку недели, како што стануваше сè појасно дека тие првично поставени планови мора да се откажат, ја „трпев“ својата тага и тагата на своите деца. Плачев поради искуствата што моите деца нема да ги имаат, идеалното детство кое го сметам за засекогаш упропастено во овој период и стравот дека моите деца повеќе нема да бидат „нормални деца“.

Но, како што мирните семејни денови станаа новото нормално, импресионирана сум од јачината на карактерот и отпорноста на моите деца. Го прашав син ми што мисли за карантинот, а тој рече: „Ми се допаѓа бидејќи луѓето ги држи да бидат здрави“. Така од моето дете научив како е да се има сила за приспособување на постојаните животни промени.

2. Научете да ги препознаете своите чувства

Поминав многу време учејќи за своите чувства во последниот месец. Некои од нив се благодарност, за добро, пролетно време и за моето семејство. А тука се и моментите на тага, во кои сè е измешано. Чувствувам тага поради сето физичко и емоционално страдање, поради изгубените работни места и животи, поради поранешниот начин на живот. Но, учам да ги препознам тие емоции и ставам акцент на тоа отворено да разговарам за нив со моите деца, така што можам да ги научам дека нема премногу силни емоции и дека подемите и падовите се дел од животот и клучен темел за изградба на отпорноста.

3. Научете да бидете „доволно добар“ родител

Секој ден мојата е-пошта е преплавена со приказна за „Зум“, виртуелни балетски предавања и активности во затворен простор во кои можете да уживате со своите деца. Ми се допаѓа тоа што сите се обидуваме да создадеме наша нова нормала и да ги одржиме децата ангажирани, но понекогаш имам чувство дека сум премногу преплавена со виртуелна стимулација. Имам чувство дека сега е нашата можност да ни биде малку повеќе здодевно и да бидеме малку повеќе присутни. Во мојот дом престанавме да бидеме во чекор со активностите на „Пинтерест“. Вчера мојот син и јас поминавме цел час фрлајќи гуми за бришење во дрвен сад. Мојата ќерка помина еден час гледајќи ги формите на камењата. Ако уживате во некои активности, правете ги. Ако не уживате, нема предрасуди, само оставете ги децата да бидат деца. А на крајот, нашето време поминато пред екраните е сега 100 проценти и јас сум сосема во ред со тоа.

4. Воведете заеднички семеен оброк

Моите деца никогаш не јаделе поздраво, па сега седиме и уживаме во семејните оброци како никогаш порано. Децата се ангажирани за подготовка и расчистување по оброкот. Знам дека тоа и претходно требаше да го прават, но досега не одредивме време и за тоа. Децата исто така учат дека „пребирливоста“ повеќе не е опција бидејќи купувањето намирници е посложено и поретко од кога и да е. Сега го јадат она што го јадат сите.

5. Направете свој „медиумски протокол“

Одредете време во денот кога сакате да гледате вести. Секојпат кога ќе кликнете на веста, запрашајте се што би сакале да ви донесат тие информации од веста и кликнете на неа само ако ви се допаѓа одговорот. Тоа ќе ви помогне да бидете информирани, но во граници. Понекогаш во моите најоптимистични моменти мислам дека можеби ова ќе бидат деновите на кои нашите деца ќе се сеќаваат со топлина. Барем ќе научат за човечноста на своите родители, нивните сакани и поголемата колективна популација.

Автор: д-р Сара Копл

Извор



912

X