Отворањето на училиштата и градинките во услови на пандемија предизвика многу спротиставени мислења, и на родителите и на наставниците, зашто нема потврдени сознанија како би се пренесувал коронавирусот. Ова е став на наставничка, која е и мајка, исплашена и загрижена за здравјето и за образованието и социјализацијата на децата

Јас сум наставник, но прво сум мајка, и како мајка сум поднела жртви за да останеме безбедни во текот на пандемијата. Моето мало семејство останува дома секој ден. Ни недостигаат луѓето што ги сакаме. Јас и мојот сопруг буквално жонглираме со работењето од дома и грижата за нашата ќерка. На праг да наполни 2 години, се грижам дека ќе ги пропушти можностите за развој кои би ги стекнала во градинката, социјализирајќи се со деца на нејзина возраст, но знам дека сме имале среќа. Како што поминува летото, мојата анксиозност станува сè поголема.

Јас сум учителка. Опсесивно ги следам сите вести поврзани со повторното отворање на училиштата и сум во постојана комуникација со колегите за одлуките што се носат. Нашите гласови не се слушнати.

Иако бројот на заразени продолжува да расте во повеќето држави, сè уште има голем притисок да се отворат училиштата. Оние што се „за“ велат дека „повеќето“ од децата ќе бидат добро. Многу родители треба да одлучат дали детето ќе оди физички на училиште или ќе добива виртуелна инструкција, но што е со нас?

Учителите мора да изберат помеѓу егзистенцијата и безбедноста, не само својата, туку и на своето семејство. Мојот округ сè уште не гласал, но се потпира на хибридниот модел дека има наставници што работаат лично, 4 дена во неделата. На ниво на основно образование, каде што јас работам, маските за учениците нема да бидат потребни. Велат дека децата веројатно ќе бидат во ред дури и ако го фатат вирусот. Но, што е со наставниците?

Јас сум наставник, но пред сè сум мајка. Го гледам прекрасното лице на мојата ќерка и се прашувам дали можам да направам избор да ја изложам на ризик. Се разбира, веројатно ќе бидеме во ред ако се разболиме од Ковид-19. Но, дали се коцкаме со здравјето? Имам 30-годишна пријателка, здрава, која беше на респиратор, борејќи се за својот живот речиси цел месец. Еден месец беше одвоена од своите синови, едниот 2-годишен, другиот 10-месечен, кои не можеа да разберат каде е нивната мајка. Моето срце ме боли за нив. Моето срце страда мислејќи дека ќе бидам разделена од својата ќерка ако се заразам со вирусот или ако ѝ го пренесам. Јас и мојот сопруг се обидуваме повторно да зачнеме. Чекаме во неизвесност, но мојот лекар ми вели да продолжиме да се обидуваме без дилеми. Вели дека сè ќе биде во ред ако дадам сè од себе да се заштитам. Како да бидам безбедна на моето работно место, каде што не се дава максимумот за да бидам заштитена?

Ги знам огромните предизвици со кои се соочуваат родителите. За многумина, потребно е нивните деца да одат на училиште за да можат да работат. Се грижат за социо-емоционалното здравје на своите деца и можностите за учење што ги губат. Јас сум наставник. Ја знам вредноста на инструкцијата добиена лице в лице. Знам и дека ако се вратиме во училишните згради, нема да се вратиме на „нормалното“. Сите ефективни делови од наставата ќе бидат исчезнати. Наставниците уште сега се соочуваат со огромен стрес и под нормални околности, а не пак кога ќе треба да се соочуваат и со големиот страв од заразување и носењето на вирусот дома кај семејството.

Јас сум наставник и се грижам за своите ученици. Наставниците прават многу повеќе отколку само да ги учат децата. Тие советуваат, се грижат, насочуваат, поддржуваат и ги сакаат своите ученици. Навистина верувам дека мојот повик е да бидам едукатор, па срцепарателно е што треба да се соочам со одлуката да ја оставам мојата професија, која ја сакам, бидејќи чувствувам дека немам друг избор освен да го заштитам своето семејство. Знам дека не сум сама во ова чувство, особено кога се носат одлуки, а притоа нашите гласови не се слушнати.

Јас сум наставник. Сакам да бидам во училница со своите ученици, но не по цена да го ризикувам и моето здравје. Не сакам да се коцкам со животите на членовите на моето семејство. Не сакам ниту моите колеги ниту учениците да го преземаат тој ризик. Секоја мајка гледа во лицето на своето дете и чувствува толку силна љубов, што знае дека ќе направи сè за да го заштити. Овој вирус е нешто од кое сите треба да бидеме заштитени и тоа нема да се оствари доколку не работиме заедно.

Јас сум наставник, да, но пред сè сум мајка.

Автор: Линдзи Ли

Извор

 

 



912

X