Еднаш бев најмена да ја организирам детската соба на 9-годишно дете, каде што најдов налепници, ленти, маркери, креда, скршени боици и слично. Веднаш почнав со одвојување, селектирање, обележување на сите предмети во слатки малечки кутии и фиоки. Се чувствував исполнето и гордо. Но, кога 9-годишното девојче дојде дома, почна да плаче. Ги зеде кутиите и повторно ги расфрла работите и си го креираше сопствениот – за неа пријатен – хаос.

Тој ден научив важна лекција: Децата сакаат да ги поседуваат своите соби, не е доволно само да се организираат работите за нив. Тие сакаат да ја гледаат својата соба како едно од местата во светот што може да бидат само нивни. Возрасните носат многу одлуки за децата, но начинот на кој нивната соба е организирана – е одлука која тие самите треба да ја донесат. Важно е за нив како ќе ја уредат. Но, како родители сепак треба да се вклучиме и да ги охрабриме децата во совладувањето на добрите организаторски вештини. Следуваат три совети за вашето дете да има уреден простор и да си ги зајакнува своите животни вештини истовремено.

Научете ги да го местат креветот

Кога влегувате во детската соба, креветот обично е првата работа што ја забележувате бидејќи е и најголемата. Кога вашето дете го мести креветот, тоа мести голем дел од самата соба. Тоа е една од причините поради кои веруваат дека учењето на нашите деца да си ги местат креветите е нешто околу кое не може да се преговара. Друга причина? Чарлс Духиг, автор, пишува: „Местењето на креветот секое утро е поврзано со подобра продуктивност, поголемо чувство за сопствената благосостојба и посилни вештини за држењето до буџетот. Не дека семејниот оброк или чистиот кревет доведува до подобри оценки или до помало трошење. Но, некако тие работи се менуваат, односно започнуваат синџир од реакции кои помагаат да се одржуваат и подобруваат и другите навики“.

Започнете со поставување аларм 5 минути порано и водете ги децата првата недела сè додека не се навикнат. Потоа фокусирајте се таа активност да ја направите забавна и соодветна за децата. Намалете го бројот на перници и полнети играчки на креветот. Додајте кутија во орманот или под креветот за дополнителни перници. Оставете го детето да избере 3 омилени, а останатите ставете ги во кутијата. Исто така, може да одлучи дали сака да ги менува перниците секој ден. Научете го да ги тргне прво перниците. Моите деца – 13 11 и 4 години – сакаат драматично да ги фрлаат перниците на подот. Потоа ги израмнуваат чаршафите, ги виткаат на ќошињата, а потоа ги ставаат омилените перници. Уживаат да ги поставуваат на различно место секој ден. На крајот ги прскаме прекривките со мирис на лаванда, за забава. Децата уживаат во мирисот.

Играјте игри поврзани со пуштањето машина за перење облека

Перењето на облеката не треба да биде тортура (барем не за децата). Кога моите деца беа помлади, секогаш им дозволував да ја допрат облеката веднаш штом ќе ја извадев од машината за сушење. Го сакаа чувството на топла облека и пешкири. Ги оставав и да се подаваат со чистите чорапи во форма на снежни топки. Тоа им создаде спомени и им дозволи да видат дека целиот процес може да биде забавен. Уште од мали тие ме гледаа како ја средував облеката и ја поставував во фиоките. Додека наполнија 3 години, можеа да вршат едноставни задачи како спојување чорапи. Како што растеа, сакаа да помогнат повеќе и потоа нивна задача беше да си ја носат својата облека во фиоките. Со тоа се учеа на одговорност. Ако имате тинејџери – сè уште не е доцна. Со ваквите активности можете да ги подготвите за независен живот кога ќе одат на студирање. Дајте им совети за двоење на облеката според бојата, двоење на пешкирите од облеката и слични совети кои ќе им помогнат во избегнувањето на катастрофи.

Креативност

Луѓето по природа се колекционери. Децата обожаваат да собираат предмети и тоа е во ред. Истражувањата покажуваат дека тоа може да ја поттикне интелектуалната самодоверба и уникатност на децата. Но, нивната идеја да собираат предмети може да доведе до неред. Затоа е важно да се изнајдат начини за да се искажат нивните моментални интереси. Едноставни стаклени садови исполнети со нивните предмети може да бидат од голема помош. Друга опција е тие предмети да се селектираат и да се поделат во различни кутии или нешто слично на тоа. Можете да му дадете на детето голема кутија која ќе ја чува под креветот, па да ја исполнува со сето она што смета дека за него е специјално, а нема да прави дополнителен неред во собата. Вин-вин!

Автор: Кејти Винтер

Извор



912

X