Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на две деца – 13-годишно девојче и 14-годишно момче. Живееме во семејство каде што сме изложени на семејно насилство, и физичко и психичко. Постојано сме под страв. Сопругот не работи и јас се грижам за сè: сметки, храна, деца, одам на работа, а работам и дополнително. Тој и кога има пари не се грижи за домот, мисли само на своите потреби. Постојано ми бара пари и ако не му дадам, се лути. До гуша сум во долгови, се уморив од сè.

Ме брка кога ќе се налути и ако се обидеме да заминеме, ќе имам поголем проблем.

Психички не е стабилен, кога е во афектна состојба, му светнуваат очите и му играат усните. Нема каде да заминам, ми се заканува дека ќе ме убие, а и моите родители, како тие да се виновни за сè. Никогаш не презема одговорност, ниту признава вина, секогаш некој друг му е виновен, „сите го мразат, го задеваат“ и сл. Децата си ги уништив, виновна сум колку и тој што дозволив да се случува ова. Како да постапам за да си ги спасам децата?

Знам дека со него нема договор, го менува мислењето како ќе му текне. Ве молам за помош. Немам повеќе сила да се борам.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, благодарам што отворивте една толку тешка, но и стигматизирана животна тема во нашето општество. Сосема разбирам каква животна битка водите изминатите години обидувајќи се да ја задржите структурата на семејството и да ги заштитите вашите деца. Ви се поклонувам и ви честитам за досегашните заложби што сте ги направиле за ова семејство, бидејќи вие сте мајка и жена ХЕРОЈ. Работите, заработувате, го одржувате домаќинството и се грижите за сè во домот, ги воспитувате и растете вашите деца, но и финансиски го поткрепувате вашиот сопруг. Сето ова ми кажува дека вие сте многу способна жена, со безброј квалитети и капацитети.

Вашата моќ е токму во вашите способности да направите сè за семејството. Но она што нè прави кршливи нас, луѓето, и нашата психолошка моќ е токму токсичната и нехармонична брачна средина, која потоа станува семејна динамика. Динамика која е исклучително тешка, ги вовлекува децата, но не значи дека е безизлезна. Ваквата токсична семејна динамика ја создава вашиот партнер, кој е агресивен и насилен и си дава за право да ви се заканува вам и на вашите родители.

Во овој случај, потребно е да му понудите најприфатлив и најдобронамерен поттик за соработка со стручна помош во решавање на неговата психолошка состојба, која доколку не се третира навреме, може да создаде трајни последици врз неговата личност. За жал, доколку не ја прифати, во таква средина не можете да ги заштитите вашите деца, ниту пак себеси, освен ако физички не се дистанцирате од него. Семејното насилство претставува грубо кршење и нарушување на правата на жената, на децата и на секој поединец кој е жртва.

За таа цел, ве советувам и ве охрабрувам да исконтактирате правно лице – можете и граѓанска агенција како „Здружението Есе“, кое се  грижи за заштитита на правата. Здружението има и интернет-платформа „Побарај совет“ за бесплатна правна помош на жени што претрпеле семејно насилство (https://pobarajsovet.mk/). Исто така, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство на жените-жртви им нуди можност за бесплатна правна помош и советување, што вклучува: преземање усни и писмени дејства за заштита, можност за правно застапување, помош при административни постапки, а можете да се обратите на нивната е-адреса: pravnapomos@glasprotivnasilstvo.org.mk. Оваа Национална мрежа може да ви понуди и бесплатно психолошко советување (075-255-154) и советување за правата на социјална заштита (071 324-22).

Психо-социјална помош и поддршка подразбира нетерапевтски пристап, со чија помош психолог и/или социјален работник ви помага да се справите со стресот предизвикан поради насилната средина. Притоа, оваа помош вклучува и: поддршка во процесот на излегување од насилната средина; превенција од идни насилни дејства; советување; кризна интервенција. со цел надминување на негативните искуства, реинтеграција и повторно вклучување во секојдневниот начин на живеење. Вие го заслужувате тоа. Вие сте храбра. Вие сте упорна. Вие сте моќна. Вие сте способна. Вие сте жена ХЕРОЈ. Запомнете го тоа.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X