Јајцата долго време се сметаа за контроверзна намирница поради високото количество на холестерол, но новите препораки на Американската агенција за храна и лекови (FDA) ги враќаат на вистинското место на нашата трпеза. Сега се сметаат за хранливи и корисни за сите – од деца до бремените жени.

Додека некои беа загрижени дека јајцата можат да го зголемат холестеролот и ризикот од срцеви заболувања, новите истражувања покажуваат дека јајцата имаат многу помал ефект врз холестеролот отколку што се мислело. Препораките на Американската агенција за храна и лекови сега ги ставаат во категоријата „здрави“ намирници, покрај авокадото и маслиновото масло.

– Јајцето конечно го доби признанието што го заслужува – вели нутриционистот Кејти Томсон, која додава дека јајцето е одличен извор на протеини, витамини и минерали кои поддржуваат раст и развој. Тоа е особено важно за децата и бремените жени бидејќи помага за развојот на мозокот и го подобрува здравјето на очите благодарение на антиоксидансите што ги содржи.

Јајцето е богато со витамин Д, кој е клучен за растот на коските, и со холин, важен за развојот на мозокот, кој е особено значаен за бремените жени. Тоа, исто така, помага во превенцијата на алергии ако се воведе во исхраната на бебињата на возраст од 4 до 6 месеци.

Не постои строго утврдена количина на јајца која треба да се јаде секој ден, но нутриционистите препорачуваат едно до три јајца дневно како дел од балансирана исхрана. Јајцето е хранливо, но важно е да се комбинира со други извори на протеини како месо, риба и растителни извори.

Дури и ако вашето дете не сака да јаде јајца или следи веганска исхрана, не е проблем – постојат многу други начини да се постигне балансирана исхрана. Најважно е да се обезбеди разновидност во исхраната за да се покријат сите нутритивни потреби.

Извор



912

X