На само осумгодишна возраст Адхара Перез го има достигнато коефициентот на интелигенција на Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг, кој изнесувал 162. Таа сонува да стане астронаут еден ден, но размислувала дека тој сон можеби е невозможен.

Кога имала три години, на Адхара од Тлахуак, Мексико Сити, ѝ бил дијагностициран Аспергеров синдром (од спектарот на аутизмот). „Ме исмејуваа на училиште“, вели таа. Нејзините соученици ја нарекувале „чудна“, а наставниците мислеле дека таа нема некоја иднина во однос на образованието. Налели Санчез, нејзината мајка, не ја сфатила ситуацијата и не сакала нејзината ќерка да страда.

– Видов како Адхара игра во нејзината мала куќичка и ја заклучија. Почнаа да извикуваат: чудаку! Потоа почнаа да удираат по куќата. Па си реков дека не го сакам тоа за неа, не сакам да страда. Ми рече дека не сака повеќе да оди на училиште и падна во депресија – објаснила Налели.

Дополнително, наставникот на Адхара рекол дека таа спие на час и не покажува никаков интерес. Сепак, Налели знаела дека нејзината ќерка има големо знаење по алгебра, па решила да ја однесе на терапија, а тогаш психијатарот предложил да одат во Центар за таленти. Таму потврдиле дека Адхара има извонреден коефициент на интелигенција, па понудиле да оди на часови каде што ги подучуваат децата според нивните способности, но пристапот до ваков вид образование е ограничен поради финансиски проблеми.

фото извор: Твитер

Потенцијалот на Адхара ѝ овозможил да го заврши основното образование на шест години, а средното на осум. Денес таа учи онлајн: индустриско инженерство во математика (UNITEC) и системско инженерство (CNCI).

Девојчето сонува да се запише на Универзитетот во Аризона и да студира астрофизика, откако видела серија настани презентирани од предавач во Универзитетскиот музеј. Налели ја поддржува ќерка си и планира да ја одведе во САД за да го полага приемниот испит на универзитетот, со надеж дека ќе ѝ биде доделена стипендија. Од таа причина, таа сега го учи англискиот јазик.

Вредно е и да се спомене дека Адхара била избрана како една од 100. најмоќни жени во Мексико од страна на магазинот „Форбс“ поради нејзината книга „Не откажувај се“, каде што го споделува своето искуство како „девојчето гениј“ и жртва на насилство.

Иавор: „Јукатан тајмс“



912

X