Во клиничката болница „Жан Митрев“ хируршки тим предводен од уролог и абдоминален хирург извадил тумор со димензии од 27 на 17 на 14 сантиметри од стомакот на 71-годишен пациент. Интервенцијата траела 260 минути, а пациентот е надвор од опасност.
– Иако имав болки и многу тешко се движев, во државна болница ми рекоа дека нема кој да ме оперира. Ми ги направија испитувањата и ми рекоа дека имам тумор и дека мора што поскоро да се оперирам, но дека сега е време на годишни одмори, па тоа нема кој да го направи тоа. Јасно ми беше дека морам спасот да го барам на друго место, по што моето семејство одлучи да побараме спас во „Жан Митрев“. Тука ме оперираа и искажувам голема благодарност до целиот тим што сè заврши како што треба – вели пациентот.
Штом бил хоспитализиран, биле направени сите испитувања и била закажана операција.
– Констатирано е дека пациентот на возраст од 71 година има неврофибросарком во левата страна во ретроперитонеум. При клинички преглед утврден е голем палпабилен тумор во абдоменот, кој јасно се испакнува. Исто така, беше видлива рана од претходна биопсија. Лабораторијата беше во прилог на неконтролирана гликемија, анемија, тромбоцитоза, потхранетост. Проверката на МСКТ покажа дека туморот го инфилтрира левиот бубрег и неговите крвни садови, го избуткува колонот и има нејасен однос кон мезентерични крвни садови од тенкото црево. Истовремено го истуркува/инфилтрира панкреасот и прави компресија на лиеналната вена. Поради анемијата и потхранетоста, подготовката за оперативен третман е направена согласно ERAS (Enhanced Recovery After Surgery) протоколот – информира проф. д-р Милчо Пановски, абдоминален хирург, супспецијалист во „Жан Митрев“.
Проф. д-р Милчо Пановски
Пациентот бил опериран со комбинирана (општа и епидурална) анестезија. Интраоперативно е утврдено дека постојат метастатски промени на оментумот, но дека е можна радикална процедура.
– Комбинираниот онколошки тим од нашата клиника (уролог, абдоминален хирург) успешно ја заврши операцијата. Туморот заедно со оментум се отстранети. Направено е и отстранување на дел од телото и опашката на панкреасот заедно со слезина. Поради инфилтрација на туморот во крвните садови на колонот, направена е и парцијална ресекција на колонот со термино-терминална анастомоза. Постоперативно е дадена супституциона терапија за панкреасната егзокрина и ендокрина функција, профилакса за тромбоцитозата, а пациентот е воден согласно ERAS-протоколот. Постоперативниот тек е уреден, со присутна еднодневна психогена дезориентираност. Во нашата клиника честопати нашите тимови од доктори се ставаат во состојба да реагираат брзо, одлучно и исправно. Борбата за животот на пациентот е приоритет кој во трката со времето станува единствена цел за сите. Во таа борба се употребуваат сите расположливи средства и од техника и од човечки фактор, без оглед на време и место. Токму таква борба, која е многу честа во нашата клиника, се одвиваше и за животот на овој наш сограѓанин кој, замислете, бил вратен, т.е. не бил итно опериран, иако состојбата го барала тоа, од една од државните болници, и тоа „поради започнување на годишните одмори“ – велат од болницата.
(Комерцијална објава)